Пишува: МЕРИТОН ТУША
Посетата на премиерот на Република Косово, Албин Курти во Скопје и Тетово послужи како кревање на прашината од конфликтите кои служат како потенцијал за триење меѓу одделни политички блокови во земјата, но и тензија во односите со Србија.
За доаѓањето на премиерот Курти имаше многу реакции од сите страни. Од албанска страна беше дочекан со манифестации, а албанските медиуми главно известуваа на афирмативен и неутрален начин, со фокус на именувањето на улицата „Адем Демачи“ во Чаир, додека во Тетово имаше свечен дочек на кој во знак на гостопримство настапи и добропознатата албанска група Елита 5.
На почетокот на целиот овој дискурс доминираше наративот дека премиерот Курти дошол да ја поддржи албанската опозиција во Северна Македонија, но истиот ден тој го негираше ова во интервју на ТВ Коха во Тетово, велејќи дека и да го повикале партиите од власта од која било друга општина, тој без никакво размислување ќе ги посетел.
Овој дискурс, иако сè уште доминира во некои кругови, немаше јавно влијание врз партиите во власта, бидејќи премиерот Курти по разговорот со градоначалникот на Тетово, Билал Касами, за прашањето за тетовско-призренскиот тунел го испрати министерот Либурн Алиу на средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Вицепремиерот Артан Груби имаше реплика за ситуацијата,и рече дека премиерот на Косово се злоупотребува од опозицијата. Додека претседателот на АА, Арбен Таравари истакна дека и да ја поддржи опозицијата би било сосема во ред. Потоа, овој дискурс почна да бледнее, немајќи повеќе значење за јавното мислење бидејќи остана повеќе како судир меѓу партиите отколку нешто конкретно со премиерот Курти.
Од друга страна, од сето ова манифестирање и краткотраен судир меѓу партиите во албанскиот политички табор, имаше остра реакција од македонските партии и медиуми, ставајќи го фокусот на веењето на знамето на „Голема Албанија“ на митинг во Тетово. Овој фитил кој беше запален од развиореното знаме веќе го направи поактуелен наративот за национално обединување, иако премиерот Курти во својот говор не кажа ништо поврзано со тоа. Доволно е да се спомене дека сè беше консолидирано со говорот на косовскиот премиер кој ја повика Северна Македонија да остане поблиску до Албанија, Косово и Бугарија, а подалеку од Србија за да биде поблиску до Европската Унија.
Овој повик се чини дека одекна и во Србија, заедно со тензијата што беше предизвикана со медиумизирањето на веењето на знамето на „Голема Албанија“. Груба и заканувачка реакција имаше и министерот за одбрана на Србија, Вучевиќ, кој и се закани на нашата земја велејќи:
„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО пактот и ги решиле своите проблеми со него. Тоа е мантрата и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност , односно НАТО Алијансата мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека ништо не може да им се случи“, рече тој.
По барањето на министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, за појаснување на дадената изјава, Вучевиќ ја омекна изјавата велејќи дека и покрај сите злонамерни и неосновани медиумски извештаи, Србија делува како одговорен, доверлив партнер за сите соседите.
„Не можеме да пофалиме ничие непочитување на нашиот територијален интегритет. Последните случаи ги потврдија нашите предупредувања дека косовскиот „УДИ“ не е случај на sui-generis и дека порано или подоцна ќе се врати. Никој во Србија не се радува на ова, само гледајќи ги фактите“, изјави тој. Преку оваа изјава тој јасно го изрази незадоволството на Србија кон РСМ поради признавањето на Косово, нарекувајќи го тоа непочитување на нивниот територијален интегритет.
Една од дилемите на оваа политичка какофонија со различни изјави е дали признавањето на Република Косово од Северна Македонија во 2008 година сè уште служи како јаболко на раздорот во односите со Србија?
Со засилувањето на војната во Украина, од почетокот на Балканот се гледаше како буре барут за идни конфликти. Имајќи предвид дека Србија е опкружена со членки на НАТО, јасно е дека таквата декларирање не може да доведе до вооружен конфликт, бидејќи директно би ја ставила во војна со сите други земји на НАТО.
Но, тоа може да послужи и како почеток на тензија во односите меѓу двете држави. Бидејќи Албанците се конститутивен дел на државата Северна Македонија, тогаш се очекува признавањето на Косово да остане неоспорено од власта. Но, останува дилемата како владата ќе продолжи да балансира меѓу односите со Србија и признавањето на Косово како независна држава.
Опозицискиот блок, поточно ултрадесничарската партија „Левица“, може да го искористи ова како врска меѓу популизмот во земјава и односите со Србија за прашањето на признавањето. Затоа што, од доаѓањето на политичката сцена, „Левица“ труби дека кога ќе дојдат на власт ќе го повлечат признавањето на Косово и Израел. Ова може да послужи и како темпирана бомба доколку не успеат уставните измени. Повторното оживување на популизмот од типот на „Левица“, може да влијае и на други конзервативни партии со немири или поместување на дипломатијата на Северна Македонија од запад кон автократски држави како Србија и Русија.
Крајната политичка десница веќе е погодена од „Левица“, што ќе послужи сигурно како атрактивна сила за слични движења, без да биде радикализирана до тој степен како оваа партија, за да изгледаат поумерени. Можеби во таа насока е и вчерашната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Кичево, која беше загрижувачка и конспиративна, дека некој во светот и Европа прави стратегии за да го скршат ВМРО. Затоа, ова може да послужи и да се сфати како генеза на политичка амбивалентност во земјата, која за кратко време може да добие популистички карактер, но и да ја разниша земјата од нејзината проевропска позиција.
Од друга страна, Србија и некои нејзини политичари изгледа не ги дефинираат своите барања само околу прашањето за Косово. Српскиот секретар пред неколку дена ја нарече Северна Македонија „Јужна Србија“ и „Стара Србија“, за време на комеморацијата за битката на Брегалница.
Анализирајќи дали Косово ќе биде јаболко на раздорот во односите меѓу Северна Македонија и Србија, вторава често се појавува во улога на дестабилизатор на Балканот и како единствена проруска автократска сила со својата маша во Босна и Херцеговина – Република Српска. Исто така, Србија е единствената земја која не воведе санкции кон Русија.
Медиумизирањето и секојдневното зборување во македонскиот блок за знамето на „Голема Албанија“ се чини не е единствениот фитил на овој судир, затоа продолжи и на другата страна, на многу порадикален начин преку српскиот функционер, имајќи предвид дека ниту еден функционер на Република Косово досега немал говор со кој се нарушува територијалниот интегритет на РСМ. Можеби ставот на „Левица“ ќе биде следниот фитил што ќе се запали, можеби заедно и со политичката амбивалентност на ВМРО.
Како што наближува времето за гласање на уставните измени, така се палат и други огништа. Се гледа јасно дека има разместување и претходна подготовка на блоковите во случај тие промени да не успеат. Се градат нови ровови, и на македонскиот политички фактор ова мора да му биде јасно и да ја прочита ситуацијата. Колку побрзо го стори тоа, толку подобро, бидејќи РСМ не треба да биде место за експерименти и полигон за идни конфликти.
Затоа, уставните измени би служеле како иницијатива за стабилност во нашата земја и конкретизирање на проевропските аспирации, не оставајќи простор за дестабилизирачки сили. Значи, во генерално политичко редуктирање, правецот на државата зависи од уставните измени, претворајќи се од проевропски избор во неопходност за стабилност во земјата.
(Авторот е проектен асистент во ИМА и магистрант на студии за политики)
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските и другите експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.
Скорешни коментари