ИМА: Зарем треба да дојде некој од ЕУ за да бидат во фокусот на медиумите демократските институции, владеење на правото и реформата на јавнa администрација?

Пишува: ЉУБИША АРСИЌ

Институтот за медиуми и аналитика ИМА, во рамки на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, ја промовираше публикацијата: „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ – извештај од мониторинг на медиумите за темите: „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавнa администрација“.

Раководителот на истражувањата во ИМА, Жарко Трајаноски, при промовирање на публикацијата истакна дека овие теми се важни и надвор од процесот на евроинтеграциите, затоа што реформите на јавната администрација, демократизирањето на институциите и владеењето на правото се од суштинско значење за секој граѓанин во правец на подобрување на квалитетот на животот:

„Темите како што се владеење на правото, демократизација на институциите и реформите на јавната администрација забележуваме дека во голем дел од страна на медиумите овој период беа на маргините на медиумските известувања или беа присутни само во контекст на евроинтеграциите. Ние не знаевме дека Фон дер Лајен ќе дојде во Скопје, но зарем треба да дојде некој од ЕУ за овие теми да бидат во фокусот на медиумите? Секако дека не треба да биде така, туку овие теми треба постојано да се во фокусот на интересот независно од евроинтеграциите и независно од тоа дали доаѓаат странски политичари и ги иницираат. Сметаме дека демократските институции се важни за граѓаните и затоа ние од ИМА се вклучивме во оваа приказна,“ смета Трајаноски.

Трајаноски укажа и дека заложбата на медиумите за реформите, демократизацијата и владеењето на правото, мора да е далеку поактивна, поверодостојна и поаргументирана, а не само повремена и површна.

Една од причините за пасивниот однос на медиумите може да се воочи во напливот на дезинформации и лажни вести кои со сигурност го окупираат медиумскиот простор. Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска нотираше дека новинарските теми поврзани со демократските вредности потешко продираат во јавноста:

„Имајќи го предвид политичкиот и медиумскиот пејсаж во земјава, во јавноста тешко пробиваат теми поврзани со демократските вредности и со потребата од јакнење на вештини, а кои се клучни за да се подобрат човечките капацитети во институциите. Свесна сум дека напорите кои ги преземаме преку специфични политики и мерки за вградување во системот на принципите како етика, одговорност, отчетност, понекогаш се чинат наивни, особено кога ги ставаме во контекст на конкретни случаи кога затаила испораката на правда. Но, токму отсуството на свест за штетноста на неодговорното, непрофесионалното и незаконско однесување е една од причините за високата толеранција кон корупцијата во општеството. Затоа сум уверена дека паралелно со реформите на полето на владеење на правото, мора континуирано да се работи на менување на светогледот“, посочи Грковска.

Грковска ја нагласи опасноста од лажните вести и дезинформации, особено на оние кои целат кон намалување на довербата во демократските институции и придобивки, кон нарушување на соживотот и општествената кохезија, кои премногу често пробиваат пошироко во јавноста и посилно од фактите.

Директорката на Институтот за општествени и хумани науки – Скопје, д-р Катерина Колозова укажа дека според наодите на студијата изработена во овој проект, интерсекторскиот приод е сѐ уште практично отсутен во планирањето на политиките, што може да се увиди од самопрезентацијата на државата како и од одговорите на Комисијата во Извештајот од скринингот за Северна Македонија, објавен во јули 2023 година:

„Уште одамна зборувавме дека Поглавјето 23 не се однесува само на апстрактен говор за човекови права, не се однесува само на парламентарна демократија која подразбира само добри избори… Само исполнување на Копенхашките критериуми не е доволно, туку институциите треба да ги материјализираат вредностите од Поглавје 23, меѓу кои е и правото на добра администрација, тоа е Право 41 од Повелбата на темелните права и јавната администрација како сервис на граѓаните мора да се построи во испорачувањето на своите услуги, таа да му служи на граѓанинот и да го стават граѓанинот во центарот на својот интерес, наместо обратното, како што е случај во авторитарни и недемократски системи“, истакна Колозова на промоцијата и панел дискусијата.

Осврнувајќи се на видливата политичка поларизација во општеството, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски укажа дека државата е далеку од толеранција на различното мислење, кое впрочем треба да се користи како императив за напредок, контра-аргументирање и поттикнување на демократските капацитети:

„Не сме дораснати во целост, и граѓанските организации и медиумите, и не сме отпорни на поларизација, дури во многу случаи и ја стимулираме. Постојано укажувам и понатаму не разбирам зошто се објавуваат пресовите и бесмислените соопштенија на партиите, чија единствена цел е само да ја нападнат другата партија.  Не мора сѐ што ќе кажат партиите да оди во медиумскиот простор. Мора да има постојана критика од нас, аргументирана, а владите да реагираат и да ги менуваат работите“, посочи во дискусијата Кржаловски. Кржаловски укажа и дека оружјето на граѓанскиот сектор е конзистентноста во ставовите кон одредени теми, потсетувајќи дека секоја влада на почетокот од својот мандат сака да го консултира граѓанското општество и да ги почитува предлозите, но, како изминува времето, граѓанските организации како да стануваат непријатели на власта.

Промоцијата и панел-дискусијата се дел од активностите на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, што го спроведуваат Институтот за општествени и хуманистички науки, Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) и Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас. Цел на проектот е критички и информиран дијалог, следење, анализа и застапување на политики, кои ќе придонесат за зајакнување на капацитетите на извршната власт за градење демократски и инклузивни институции.

Токму важноста на демократските институции ја напомена швајцарската амбасадорка, Вероник Хулман, според која моќта е во рацете на граѓаните преку нивните избрани политички преставници:

„Владеењето мора да се практикува врз принципи на отчетност, недискирминација, владеење на правото, транспаретноста. Кога зборуваме за народот тоа значи дека секогаш ке има различни мислења и интереси, но последователно демократската држава воспоставува структура за интеракција на мирен начин и дијалогот. Демократијата и доброто владеење, како и демократските модели треба постојано да се штитат од зголемената поларизација. Сведоци сме дека лажните вести и алгоритмите на социјалните медиуми го намалуваат просторот за дијалог, а Северна Македонија е соочена со овие предизвици“, говореше Хулман, која упати на суштинската важност да се работи заедно за надминување на поларизацијата и да се споделуваат веродостојни информации.

„Во демократска држава граѓаните и медиумите играат клучна улога, особено во следење на работата на институциите. Граѓаните бараат од политичарите транспарентност, отчетност, податоци за трошење на парите, следење на имплементација на проектите, со еден збор тие да бидат вклучени во носење на одлуките“, додаде амбасадорката, која предупреди дека поларизацијата може да ја ослабне демократијата, но и дека граѓанскиот сектор во државата има постигнато значаен успех во помагањето на реформските процеси.

Во публикацијата, во делот на препораки е наведено дека медиумите како општествени чинители треба да дадат придонес во деполаризација на јавниот дискурс воздржувајќи се од говор на омраза. Медиумите треба да се фокусираат на теми за демократизација на институциите, реформите во администрацијата и владеењето на правото, дигитализацијата… да се придржуваат до проверка на фактите и да обезбедуваат релевантни и критички извори, а јазикот да го прилагодат да биде што поразбирлив за публиката.

До институциите пак, препораките на ИМА се дека и тие треба да дадат придонес во деполаризацијата, како и функционерите и политичарите. Постојано да имаат пресови кон јавноста на овие теми, но да се воздржат од непроверени информации, да организираат јавни, но критички дебати, а на граѓаните, медиумите и граѓанските организации да им овозможат да постават прашања и да изнесуваат ставови.

Ваквите препораки се однесуваат и на вицепремиерката Грковска, која има висока позиција во Владата, а која во своето излагање недвосмислено ја истакна важноста на улогата на медиумите.

„Самите медиуми поминуваат низ трансформации предизвикани од новите технологии, но би требало да останат оној филтер помеѓу безбројните вести и информации од секаков тип и она што е релевантно за граѓаните, и кое е проверено и обликувано според професионалните стандарди на новинарството. Сметам дека прашањето на довербата во институциите и довербата во медиумите се многу тесно поврзани. И дека во подигнување на севкупните стандарди во општеството, не само во поглед на борбата со дезинформациите, ние мора да бидеме заедно. Некои битки се заеднички за целото општество, и затоа секогаш нагласувам дека мора да имаме широк општествен консензус за теми кои не засегаат сите и кои го допираат секој граѓанин“, поентираше Грковска.

За д-р Катерина Колозова пак, јавната администрација, сервисот за граѓаните, мора да се построи во испорачувањето на своите услуги и да им служи и да ги стави граѓаните во центарот на својот интерес, наместо обратно, како што е во недемократските и авторитарни системи. Таа ја искористи приликата да ја коментира новата Методологија за проширување на Европската унија.

„Новата методологија креирана по иницијатива на Франција се труди да го постигне токму ова –  демократизацијата на јавната админстрацијата е појдовна за да може потоа да се пресликува низ други сектори. Кластерската логика или новата методолгија за пристапување не е празна реторика, не е празен збор, како многумина што сакаат да ја карактеризираат, туку има суштина и ние имаме полза од таа суштина“, заклучи професорката Колозова.

(авторот е новинар и медиумски истражувач)