„Полиграф“: Кој ширеше нeточни информации дека државата Јемен му објави војна на Израел?

Неточни информации дека Јемен му објавил војна на Израел се појавија и во македонски медиуми.

На македонскиот агрегатор за вести time.mk на 31.10.2023 се појави кластер вести „Јемен му објави војна на Израел“ со истоимен наслов на прво место во кој се тврди: „Јемен е прва арапска земја што му објавува официјално војна на Израел од 1973 година“.

И други портали објавија вакви неточни наслови, како на пример: „Јемен се приклучува кон конфликтот Израел-Газа“, или насловот „(Видео) Jeмен неофицијално му објави војна на Израел – Хутите ја превземаа одговорноста за нападите во југот на државата.

Откако во онлајн медиумите ширум светот се појави оваа неточна информација, на 01.11.2023 Сервисот за проверка на факти на „Асошиејтед прес“ објави напис: „Јемен нема објавено војна на Израел, наспроти тврдењата онлајн. Бунтовниците Хути лансираа ракети“.

Истиот ден, и „Њузвик“ објави наслов со прашање: „Проверка на факти: Дали Јемен објави војна со Израел?, анализирајќи влијателен видео твит, под кој беше додаден контекст „Оваа објава на војна против Израел не е од меѓународно признатата влада на Јемен, туку од бунтовниците Хути“.

Анализата на Њузвик заклучува дека „Јемен не објавил војна против Израел“ и дека „тврдењето се заснова на изјава објавена од милитаризираниот сојуз поддржан од Иран наречен Хути, кои имаат контрола врз главниот град на земјата. Тоа не е дел од меѓународно поддржаната влада во Јемен“. Истото се заклучува и во анализата на Асошиејтед прес, во која се вели дека „Меѓународно признатата влада на Јемен не му објави војна на Израел“.

Затоа, веста дека „Јемен му објави војна на Израел“ не е точна. Публиката треба да биде внимателна со вакви објави, а медиумите да ги проверуваат информациите што ги објавуваат, особено во вакви деликатни ситуации како што е конфликтот во Израел и Газа.