Извештај на Европската комисија: Како да се чита реално, а не „црно“ или „розово“?

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

За да го измери напредокот што е направен во периодот на известување, Европската комисија во извештајот за напредок користи скала на оценување по овој редослед: „назадување“ (backsliding), „нема прогрес“ (no progress), „лимитиран/ограничен прогрес“ (limited progress), „одреден прогрес“ (some progress), „добар прогрес“ (good progress) и „многу добар прогрес“ (very good progress).

Сè што треба да се стори понатаму е да се чита извештајот и оценките онака како е напишано.

За жал, кај нас добар дел од медиумите и политичарите не го читаат и не ѝ го кажуваат на јавноста она што е напишано, туку  селектираат и го кажуваат она што им одговара.

Некои ги видоа само критиките, а не и напредокот. Некои го видоа напредокот, а не ги видоа критиките. Некои видоа критики само кон власта и институциите. Некои ги видоа и ги истакнаа критиките во извештајот само кон опозицијата.

И така е тоа со години во нашава преубава земја, во која има безгрешни политичари и медиуми. Некои читаат „розово“, а некои „црно“, како кому му чини.

А колку би било добро за сите нас, за целата земја, да се прочита извештајот онака како што е напишан, и да се известува за него реално.

А уште подобро би било кога би се фатиле за работа, да ги спроведеме препораките од тој извештај, особено оние што се повторуваат со години. И власта и институциите, и опозицијата, а богами и медиумите!