Херои и убијци

Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА 

Зошто жестока врева околу изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека водството на военото и политичко движење од 2001 година (ОНА) направило прагматичен избор,  Албанците во Македонија да бидат државотворци и господари во сопствената држава? Би требало да се радуваме, што направиле таков избор со висок влог и што (засега) се држат до него. Среќен сосед е добар сосед, а стабилна и безбедна држава на лојални граѓани е благодет за сите што живеат во неа. Има, за жал, доволно трагични примери во наша непосредна близина, од кои можеме нешто да научиме.

Она што г. Ахмети не го кажа е дека во 2001 година немаа поддршка од меѓународната заедница за ништо друго освен за прагматичен избор, но тоа не ја намалува неговата улога како лидер.  Секогаш може да се најде некој порадикален. А дека е тоа така, непријатно ќе се изненадиме еден ден, доколку продолжи да се крева анти-албанскиот бран. Национализмите се како врзани садови, се хранат со омраза еден со друг.

Околку споменатата држвотворност.

Ја разбирам, иако не ја оправдувам политиката, која од 1991 до 2001 година, во хаотични и опасни услови на распаѓање на југословенската федерација, ја градеше новата, независна нација-држава, Македонија. Претпоставувам дека тогашните избрани политичари поминувале низ ноќна мора.

Државата сè уште не беше меѓународно признаена, а веќе се соочи со две вета од Грција, заради спорот околу името. Во непосредна близина, во Босна, беснееше крвава граѓанска војна, со упад на паравоени сили од соседните држави. Оружје имаше на претек, границите беа неодбранливи, така што безбедноста беше најважната грижа, со која легнуваа и стануваа политичарите од Македонија.

Ниту националистите кои победија на првите парламентарни избори, ниту бившите комунисти и новите либерали кои потоа дојдоа на власт, немаа во тоа време многу слух за барањата на Албанците, незадоволни од својот статус. Ниту беа принудени да имаат.

Нашиот колега од факултет и пријател, Абдурахман Алити, кој беше претседател на парламентарната албанска партија ПДП се довери во една прилика,  дека премиерот не му дава ништо значајно за да ги привлече на своја страна албанските гласачи. Секоја нивна иницијатива во Собранието беше или можеше да биде надгласана. Се разбира, како резултат на тоа, се појави или беше произведен нов албански радикализам.

Во 2001 година, регионалниот однос на сили се измени во прилог на Албанците. По бомбардирањето на Косово и тогашна Југославија од страна на НАТО алијансата и повлекувањето на војска на СР Југославија од границата меѓу Косово и Македонија, вооружени и веќе искусни борци на ОНА ја преминаа високата Шар Планина и влегоа на територијата на Македонија. Така почна воениот конфликт во 2001 година, кој заврши со потпишување на Охридскиот мировен договор истата година во август.

Кога го прашав тогашниот портпарол на НАТО, како е можно некоја вооружена група да ја помине незабележано границата која ја чуваа војниците на НАТО, тој ми одговори едноставно: Затаивме!

Ако треба некому да се лутам, тоа не се Албанците или НАТО. Се лутам на македонските политичари, интелектуалци, новинари, кои ниту го разбраа политичкиот момент и регионалниот контекст, ниту сакаа да го разберат. Не ги интересираше, ниту беа принудени да сослушаат што имаат да кажат сограѓаните од другата националност, ниту беа спремни за поправедна распределба на општествените ресурси. Оваа демонстрација на групен егоизам имаше свои екстреми.

Убаво се сеќавам на разговорот со колега од универзитет, која повторуваше дека Албанците, такви какви што се, ни се камен околу вратот и дека е најдобро да се поделиме и очи да не си видиме. Како тргнале работите,  ќе дојде време, ако не е дојдено, дека ние, Македонците ќе им станеме камен околу вратот на нашите сограѓани Албанци.

Политиката во голема мерка ги потхрануваше негативните стереотипи и ксенофобија. Љубчо Георгиевски, на пример, победи на првите избори во 1990 година врз анти-комунистичка и анти-албанска платформа. Згора, одби да влезе во коалициска влада со ПДП, само зашто биле Албанци! Додуша, на следните изборите во 1998 се премисли (подоцна дури и се извини), но војната од 2001 година, го престигна. Требаше време и притисок, додека неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, прифати да седне на преговарачка маса во Охрид. Тие што спречија граѓанска војна од широки размери -т.н.р. меѓународна заедница – како посредник во преговорите, преку американскиот амбасадор Фровик предложи решение познато како Призренска декларација, кое премиерот Георгиевски го отфрли. Требаше да загинат уште млади луѓе на двете страни, додека на крај не се склучи Охридскиот рамковен договор, идентичен со Призренсака декларација.

Оваа ксенофобија продолжи и на наредните избори. Кога на некоја партија, особено на онаа, само-прогласена за автентичен толкувач на македонскиот национален интерес, ќе ѝ тргнеше лошо на избори, тука беа Албанците да бидат обвинети за сите невољи во земјата.

И? Дали некој одговараше што предизвика војна или не ја спречи? Ете ги, сите и натаму се политичари и пратеници. “Крвта бргу се суши”, рекол Де Гол кога го потпишал мирот со алжирските борци за независност, ставајќи го животот на коцка, ама тоа е слаба утеха за жртвите.

Се разбира, драматичните промени на уставот, со кои Македонија го изгуби ексклузивното право на нација-држава, граѓаните на мнозинската заедница го доживеаја како неправда, која еден ден ќе биде исправена. Духот на освета лебди над нас сите овие децении, само што требаше добар повод, кој ни го пружи Бугарија, да добие своја соодветна гласна артикулација.

Државното уредување по 2001 година може да се опише како деликатно балансирање меѓу етничките заедници. Некаде и за нешто се одлучува со мнозинството а некаде и за нешто се одлучува со договор/консензус, без да се наруши унитарниот карактер на државата.

Британците имаат здрав став кон уставот. Устав е она што како обичај е усвоено во политичката пракса. А нашата политичка пракса покажа дека е невозможно да се формира влада без учество на албанска партија, која победила на избори. Исто така, покажа дека Албанците се важен политички фактор во земјата, без кој не може да се донесе ниту една значајна одлука, како на пример, ратифукување на договорот од Преспа, кој ги отвори вратите за прием на земјата во НАТО. Така, со уставните амандмани од 2019 година се формализира она што веќе постоеше во политичката пракса, рамноправноста на заедниците. Во преамбулата на уставот, во ист ред со Илинденското востание, одлуките на АСНОМ и Референдумот од 8 септември 1991 како темелници на државата,  наведен е и Охридскиот рамковен договор, со што Албанците формално добија државотворен статус.

Fait accompli.

Некој би рекол – уцена.

Не, тоа е разумен политички прагматизам.

На Македонците, со тоа, не им е одземен државотворниот статус, како што се тврди во некои јавни гласила. Ниту пак станале кираџии во сопствената држава. Уштe помалку дека Албанците господарат со Македонија, како што се извртуваат зборовите на Али Ахмети.

Се разбира, секој договор може да се смени, но сите политички фактори во државата, а мислам и граѓаните, убаво знаат дека тоа не е паметно а не е ниту можно, бидејќи бара согласност на сите потписници на договорот. Најновите пораки кои се емитуваат од гласила блиски до опозицијата, експлицитно бараат на претстојните избори македонските партии да се обединат наспроти албанските, или, доколку тоа не се постигне, гласачите на избори да и доделат 61 и повеќе мандати на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ќе ја спасело Македонија!

Многу погрешно. Етничката конфронтација е пропаст за земјата, а влада составена само од сегашната опозиција, со евентуално некоја незначајна албанска партија, ќе предизвика политичка криза, бидејќи проблемите не само што остануваат, туку се усложнуваат.

Затоа, подбуцнување на зла крв е рамно на злосторство.  Довербата лесно се губи, а тешко се стекнува.

Некои коментари во медиумите заслужуваат посебно внимание. Авторите тврдат дека со својот говор во Сопот и картата на „Голема Албанија“, Али Ахмети сакал да ги исплаши Македонците: Еве што ве чека ако не се согласите на уставни измени и внесување на бугарското малцинство во уставот!

На овие коментатори би им одговорила дека не се далеку од вистината. Треба да се исплашиме и добро е да се плашиме.

Она што сите нè обединува во државата е што имаме иднина. Нема истражување кое не покажува дека некои нешта (јазик, религија, култура, обичаи итн.) нè делат, но сме единствени дека сакаме државата, час поскоро, да стане членка на ЕУ. Тој процент и натаму е висок и не е паметно да се игнорира.

Дигресија за крај

“Херои и убијци”! Каков прониклив наслов на книгата на Стојан Христов, која ме воодушеви со темата и автентичноста.

Стојан Христов е инаку наш иселеник, кој по Илинденското востание заминува, како многу други, во “ветената земја”, Америка. Таму најпрво е обичен работник на градење железница, потоа учи и студира. Со време станува познат новинар, писател и сенатор, кого го посетивме во една прилика во Вермонт.  Неговата книга, “Ова е мојата земја” се наоѓала покрај смртната постела на претседателот Рузвелт, подарок од неговата сопруга Еленор.

Книгата “Херои и убијци”, за која Стојан Христов доби Пулицерова награда за публицистика е објавена во 1935 година. Темата е улогата на историската ВМРО. Луѓето кои се бореле за слобода на Македонија, со сите средства, вклучувајќи политички убиства и тероризам,  за едни биле херои, ама за други убијци. Судбина која ги следела доживотно. Претпоставувам дека за секој совесен човек, ова би бил тежок крст на плеќи, без оглед на оправданоста на целите.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.