Случај „Левица“: Сакаат да ги водат истите институции кои ги рушат

 

Пишува: КИРЕ ВАСИЛЕВ

Со оглед на тоа што оваа анализа зборува за говорот на омраза, сакам веднаш да се осврнам на најочигледните пречки за неговото стопирање и веројатно клучно за неговото регулирање, а тоа е волјата за себе-регулација при користење на ваквиот говор.

Верувам дека голем дел од луѓето во оваа средина имаат барем основна претстава за тоа што преставува достоинствен говор. Оние кои ја немаат изградено таа свест, може да ја стекнат преку разни образовни програми и примери. Иако, мора да се признае дека е предизвик е да се изгради таа свест, доколку оној кој треба да ве едуцира за последиците од ваквиот говор, самиот го користи. Токму таа група на луѓе се и најопасни. Оние кои се свесни за моќта на говорот на омразата, а сепак ја злоупотребуваат.

Сакам да напоменам дека ваквиот говор е поширок проблем и не е ексклузивен само за нас, нашето општество и нашата држава. Но, тоа не значи дека ние не треба да сме свесни за тоа каков јазик користиме, какво општество посакуваме и какви релации градиме.

Ова е посебно важно во време кога во наша близина беснеат две страшни војни, кои додатно продуцираат конфликти на веќе поделено општество. Во време на такви големи светски промени, лесно е да се наседне на информациите кои ги шират големите пропагандни машинерии, и да се навлезе во одредени наративи на размислување, кои додатно нè делат со луѓето од нашиот најблизок колектив.

Во таа смисла, кога реагираме по одредена информација, би препорачал, секогаш да се анализира позицијата во која таа политичката информација нè става. Грубо кажано, да видиме дали е тоа позиција на страв од опасноста која повторно доаѓа и се врти во еден бесконечен круг, или е позиција на конструктивна еволутивност, на позитивен развој и константно учење.

Средината во која се создава говорот на омраза

Сметам дека главната причина поради која се создава простор за да може да се користи еден ваков говор е недостигот на јасен заеднички политики концепт за нашата држава. Нашето општество е сочинето од многу контрадикторни политички струи, кои во својата суштина имаат радикални идеологии. И, токму тој недостаток создава простор кој радикалните идеологии се обидуваат да го доминираат со нивната политичка прагма, а со тоа и постојано да ја поместуваат границата на она што е достоинствена комуникација.

Со оглед на тоа што радикалните идеологии користат авторитарни методи, својата доминација на овој политички простор секогаш се обидуваат да ја наметнат преку стратегија на агресивна омраза, која е насочена кон рушење на човековиот интегритет на другиот.

Бидејќи ваквата радикалност не дозволува да се изгради комплексност на различни позиции по повод одредени политички прашање, речиси никогаш или ретко можеме да наидеме или создадеме наративи од другата страна на поларизираност на „за“ и „против“ горливите прашања, како: промената на името, Бугарите во Уставот, нормирањето на истополови партнерства, законот за родова еднаквост, говор на омраза, итн.

Ова статус-кво создава амалгам од политички вредности кои имаат голема манипулативна моќ, затоа што гради идентитетска позиција што го врзува политичко-идеолошкото со националното.

Во таа смисла, партикуларната радикалната идологија секогаш тврди дека е единствениот вистински гласноговорник на целата етничка група или целиот народ. Таа позиција, пак, ја следи логиката дека доколку некој е дел од спротивниот табор, дел од групата која бара промени, или дел од групата која бара поширока рамка за слободата, тој, таа или тие се истовремено и предавници на државата кои сонуваат за нејзиното распаѓање.

Затоа, таквите радикални идеологии треба да се стават во рамката на демократскиот дијалог, во кој би се создал простор за јасно дефинирање на политичкиот концепт, одвојување на партиско-идеолошкото со националното, поместување на статус-квото, а со тоа би се создало простор за реализација на човековото достоинство. Односно, во демократско општество, ниту една од овие идеолошки струи нема да го поседува ексклузивното право да тврди дека преставува цела етничка група или цел народ.

Но, да преминеме на еден скорешен практичен пример на една партија, чиј лајтмотив на политичко делување е говорот на омраза.

Кога тие одат ниско, ние одиме пониско

Прво, сметам дека треба да се нагласи дека културата на политичката комуникација помеѓу нашите главни политички чинители е на ниско ниво. Политичките лидери, кои треба да ја носат најголемата одговорност за тоа каков говор пласираат во медиумите, цело време се напаѓаат со деградирачки и одчовечувачки зборови и, со тоа, додатно ја зајакнуваат позицијата на јазикот на омразата.

Ваквиот говор е особено леплив во општества со ниска социјална доверба и ниска доверба во институциите и е клучен за одржување на дефетистичкиот дух и перцепцијата за бесперспективноста. Спречување на политичките елити да користат омраза може и да е најголемиот предизвик во справувањето со ваквиот говор, затоа што моментално имаме лидери, кои сакаат да ги водат истите институции кои ги рушат.

Во јавната сфера, постојано сме сведоци на испади на гнев од припадници на различни политички групи. Скоро бевме сведоци на испади на омраза од страна на припадници на една собраниска политичка партија, која покрај тоа што е позната по агресивниот говор се дрзна во Собранието таа реторика и да ја материјализира со кршење и агресивно однесување.

Иако навидум изгледа дека гневот ги прави моќни, вистината е дека гневот преставува само немоќ во соочувањето со одредени прашања. И, наместо да се нудат стратегии на заздравување од колективните трауми, проповедниците на говорот на омраза додатно ги продлабочуваат раните и нудат мноштво на контрадикции.

Затоа, политичките елити чии лајтмотив на делување е говорот на омраза, не може да тврдат дека носат нешто ново, кога во основа се користат со истите методи со кои се користат нивните противници, ставајќи знак на еднаквост помеѓу нив и оние кои ги напаѓаат, и во основа велејќи – кога тие одат ниско, ние одиме пониско. Или како што лидерот на Левица ќе каже во неодамнешното интервју: „со сељаците треба сељачки, со насилниците насилнички, со дивјаците дивјачки“,

Покрај тоа што оваа партија веќе неколку години е дел од политичкиот врв, начинот на кој нејзините членови го претставуваат нејзиното делување е исполнето со агресија, едноставни решенија на комплицирани прашања, и вулгарно поедноставување на комплексноста на домашните, регионалните и глобалните политички процеси.

На пример, на новинарското прашање – како би успеале да имаме соработка во исто време и со Америка, и со ЕУ, и со Кина и со Русија, претседателот на оваа парламентарна партија ќе рече: Како Тито. Како Тито друже што правеше, така и ние…“, или: „Ние сме експириментална држава и ова се гледа замешателство на колективниот запад на кој што тие експоненти. Е сега единствен народен пркос кој тука го гледате е Левица, нема друга, нема никој кој дава таков отпор.“

И се разбира, овој партиски лидер продолжува да ја користи отворената прилика во јавниот етер да сее агресија, навреди и етикетирање на политичките противници, а со тоа и постојано да ја поместува границата на пристојна комуникација и окупација на јавниот простор преку рушење на човековото достоинство.

Па така, за претседателот на Собранието ќе рече: „…. тој терорист кој не одговараше за Хашките случаи, мора да знае дека нема веќе играчка со Левица и ова ќе се повторува ви гарантирам со секој фрлен амандман на Левица….после ова ќе бидеме уште порадикални….народот застана на наша страна и викаше, уште им треба, така им треба, дури имаше и порадикални….Кога мене на професор по право, еден сељак од Форино може да ми каже дека е неуредно, тогаш сакате силеџиски, ќе го добиете ова, и нема тука пардон.“

Или: „…Но тоа ја извади правата нарав нивна, а тоа е силеџиски. Значи учките се силеџии. Овие ДПМНЕ и СДС се нивни слуги, колаборатори, и единствена македонска позиција која не се плаши, веќе помина 2001ва, нема веќе Македонец од инфериорен статус во сопствената држава и тоа народот го препознава единствено преку Левица…“

Без разлика каков ви е ставот за вашите политички противници, одговорен политичар барем ќе ги почитува законите што се донесени од истата институција во која што работи, а одговорен човек со изградена политичка свест ќе знае дека нему му е доделана одредена моќ, која не треба да ја злоупотребува во име на истиот народ што го застапува.

Секако, нивното однесување ја става во втор план нивната правно-политичка аргументација, затоа што актите на агресија кај гледачот оставаат поголем впечаток од невпечатливоста на институционално – правната емпирија. Тоа совршено се надоврзува и ја подгрева недовербата во институциите. Што води до заклучок – дека недовербата во институцијата е недоверба во аргументот, односно е доверба во деструктивноста. Така, деструктивноста станува единствениот легитимен политички акт преку кој може да се придобијат граѓаните.

Токму тоа е – говор на омраза.

 

(Авторот е поранешен член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, магистер по труд и развој на Универзитетот на Лондон и долгогодишен активист за работнички и социјални права)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.