Митревски во „Полиграф“: Треба да се работи многу повеќе на спречување на дезинформациите

 

Пред неколку дена, Фондацијата Метаморфозис го објави истражувањето „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“. За резултатите на истражувањето во однос на довербата на публиката во медиумите и ситуацијата со дезинформациите, во „Полиграф“ разговараме со истражувачот Ѓорѓи Митревски.

Полиграф: Дали гледаме некоја голема разлика во довербата на медиумите или пак во ситуацијата на дезинформациите од 2022 со минатата година?

Митревски: Гледаме намалена доверба во сите медиуми и зголемена доверба во личните контакти. Граѓаните, иако секојдневно се информираат од медиумите, сепак довербата во медиумите е многу помала отколку минатата година.

Полиграф: Што покажа истражувањето за тоа кои се најголеми извори на дезинформации?

Митревски: Граѓаните сметаат дека дезинформациите доаѓаат од сите страни. Во голема мера ги наведуваат политичарите. Но, исто така, интересно е дека ги наведуваат службите и дипломатиите на странските држави и, во тој домен, не прават разлика дали станува збор за службите на Руската федерација, на Соединетите американски држави, Европската унија итн., што исто така е производ на дезинформациски наративи, според кои сите дипломатии се исти.

Полиграф: Ако останеме малку повеќе на медиумската писменост, според истражувањето, колку гледаме дека граѓаните се способни или пак знаат за медиумската писменост, и дали треба да работиме повеќе на тоа?

Митревски: Позитивно не изненадува секоја година истражувањето, и минатото истражување и ова, што граѓаните сметаат дека во голема мера се медиумски писмени и дека можат да препознаат дезинформации во медиумите. Секако дека треба да се продолжи да се работи на таа тема, на зголемување на медиумска писменост на граѓаните. Но, многу повеќе треба да се работи на адресирање на самите дезинформации, односно спречување или градење на еден систем кој ќе оневозможи ширење на дезинформации низ медиумската сфера.

Интервјуираше: Ера Ѓакова