Тахири: Медиумите и политиката честопати ги злоупотребуваа меѓуетничките односи за изборни цели

 

34-годишната историја на политичкиот плурализам во земјата е всушност е „дискурс на различноста“, во смисла на тоа дека медиумите и политиката честопати ги злоупотребувале меѓуетничките односи за изборни цели, истакна проф. Сефер Тахири на презентацијата на публикацијата „Етничка поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси (анализи)“ на Институтот за медиуми и аналитика – ИМА.

Според Тахири, за жал, во поголемиот дел од медиумите, било да се тоа државни или комерцијални, се продлабочи меѓуетничкиот јаз, зајакнувајќи го етноцентризмот и политичките струи со радикална реторика во двата етнички табора.

„Мислам дека ова придонесе многу за да има нетрпеливост помеѓу двата народи, македонскиот и албанскиот народ во земјата“, смета Тахири.

Тој посочи дека националистите знаат да изнаоѓаат решенија, а тоа е поделба на сферите.

„Изјавата на Доста Димовска дека отаде Групчин вие решавајте (се мисли на ДПА), а ние ќе решаваме во нашиот дел, односно поделбата на сферите од интерес е многу, не само симптоматична, туку е карактеристична и ни го отсликува тоа што ние…прилично половината од плурализмот ние сме го поминале со јаз, со поделби, а со многу љубов помеѓу политичките елити“, рече Тахири.

Тој потсети дека до 1998 година тоа беше политика или стратегија на поранешната власт предводена од СДСМ, а така постапуваше и ВМРО-ДПМНЕ, која имаше порадикални етно-националистички ставови и позиции и, со таквиот наратив, не случајно ВМРО-ДПМНЕ се враќа во 2024 година на власт, бидејќи така доаѓаше на власт во 1998 и во 2006 година.

„Се сеќаваме на пораките на Никола Груевски за негирање на Охридскиот договор, заедно со таквата интелектуална елита која што имаше изјави дека Охридскиот договор всушност на некој начин го намалува капацитетот на македонскиот народ како државотворен народ во земјата. И изјавата на Љубиша Георгиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател во 1994 година, во која што вели дека „јас тоа им го реков и денеска во Дебар, и вчера во Тетово, обраќајќи се директно на етничките Албанци, ако пуштаат канџи, одлучно ќе им ги исечеме“. И, потоа, ја знаеме историјата, истите партии ВМРО-ДПМНЕ и ДПА беа дел од коалицијата во 1998 година, потоа следуваат коалиција помеѓу истите партии 2006-2008 година, и 2008-2016 година токму со ДУИ, значи токму со партијата која произлегуваше од војната, од поранешната ОНА, имаше ВМРО-ДПМНЕ прекрасна коалиција“, посочи Тахири.

На панел-дискусијата и промоција на публикација на ИМА: „Етничката поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси“, која се одржа во Europe House Skopje, говореа и авторите проф. д-р Мирјана Малеска и Жарко Трајаноски. Во нивните анализи, тие ги детектираат главните наративи на етничка поларизација во јавната комуникација на учесниците во изборите и во медиумското известување во земјава, а се дискутираше и за можните начини за намалување на штетите од етничката поларизација во нашето општество.

Мила Стаменова Бурнс