Одговорноста на медиумите

 

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Трката по гледачи и кликови, како и силната демократизација на медиумите по појавата на интернетот и популарните социјални мрежи, со себе донесе и плитко, сензационалистичко новинарство и купишта „ѓубре“, кое во времињата на традиционалните медиуми и правилата што е „њусворти“ (newsworthy– вест вредна за објавување) и како се пишуваат вести и стории, ќе ги немаше дури ни во најжолтите таблоиди.

Но, нема сомнение дека работите отидоа предалеку, и во „граѓанското новинарство“ – секој гледач и читател да стане новинар и снимател, и во блоговите на разни „инфлуенсери“, и во лажните и сензационалистички вести, чија единствена цел е да привлечат некој клик повеќе, без да се води сметка за последиците на такви плитки, непрофесионални и непроверени, а често пати и сосема лажни вести.

Еден од последните примери дека традиционалните медиуми се обидуваат да го вратат достоинството на медиумите и новинарската професија беше начинот на кој Си Ен Ен ја организираше претседателската дебата меѓу Џозеф Бајден и Доналд Трамп.

Враќање кон старите формати

Наместо реалити шоу формата и гладијаторските игри во кои публиката ќе навива и дофрлува, а кандидатите ќе си упаѓаат во збор и надвикуваат, Си Ен Ен ја организираше дебатата во студио без публика и ја елиминираше шансата кандидатите да си упаѓаат во збор. Статистичарите пресметаа дека за време на претседателската дебата во 2020 година Доналд Трамп дури 73 пати му упадна во збор на Бајден, што ја испровоцира неговата реакција „па човеку ќе ми дозволиш нешто да кажам“. Од технички аспект, кога зборуваше едниот кандидат, микрофонот на другиот се ставаше на „мјут“ (‘mute’) за да се избегне било каква можност за уфрлување во збор, кавга и надвикување.

Наместо забава, шоу, гладијаторски игри, „леб и крв“, на гледачите им се понуди аргументирана дебата без уфрлување во збор, без прекинувања, без надвикувања, без публика во студио, со строго определeни правила. Идејата на концептот (кој е чиста спротивност на „важно е да има шоу“), беше луѓето да можат навистина да ги слушнат реалните тези и политики на претседателските кандидати и да проценат дали и колку се квалификувани претендентите за претседателското столче во Белата куќа.

Тоа е вистинската улога на медиумите, особено на концесионери кои имаат национална фреквенција, затоа што во трката за гледаност и рејтинзи се заборави на општествената одговорност што ја имаат оние кои поседуваат национални фреквенции.

За временски период од само 16 години, од восхитот што кампањата на Фејсбук и другите социјални мрежи се сметаше дека му ја донесоа победата на Барак Обама на претседателските избори во 2008 година и глорификацијата на интернетот и новите медиуми, сега сé е сведено на тоа да се намали „штетното влијание“, пропагандата и лажните вести на новите технолошки чуда што ги донесе интернетот.

На Тик-ток, Ју-туб, Инстаграм, Фејсбук и натаму има пропаганда, ботови, лажни фотографии (особено беа активни про-десничарски новинари кои ширеа лажни фотографии на Трамп опкружен со насмеани Афроамериканци), но сè поголема важност и внимание повторно им се дава на традиционалните медиуми, пред сé на телевизиите, но дури и на печатените весници, кои беа прогласени за речиси изумрен медиумски вид.

Дебатата е сепак многу важна

Особено важно е што за првпат во историјата на американските избори, телевизиските соочувања на претседателските кандидати не беа резервирани за последните 3-4 недели од кампањата, туку, за првпат, телевизиската дебата почна уште во јуни, за да има време за вистински импакт врз гледачите.

Многумина аналитичари сметаа дека сите знаат буквално сé за актуелниот претседател Џо Бајден, кој е повеќе од 50 години активен во политичкиот живот на САД и, особено, за Доналд Трамп, кој е постојано во фокусот на медиумите, но постоеја и елементи на кои им се даваше особено значење. Демократите брзаа да го соочат Бајден со Трамп од две причини: за да докажат дека е сè уште виспрен и во деветата деценија од животот и дека неговата возраст, за која многу избирачи имаа резерви, нема да биде проблем во евентуалниот втор претседателски мандат и, особено, да нагласат контраст на смирен, сериозен и зрел политичар, наспроти помпезноста и шоуто што го предизвикува Трамп во неговите јавни настапи.

Според мислењето на самите демократи, го постигнаа сосема спротивниот ефект.  Исходот на дебатата е познат, најцитираната реченица од дебатата беше репликата на Трамп – „не го разбрав ништо што сакаше да каже, а веројатно, не знае што кажа ниту самиот тој“.  Проблемот, како што коментираат американските медиумски експерти, не е во репликата на Трамп, туку во фактот што таа реченица ја кажуваа многу демократи меѓу себе следејќи ја дебатата, пред тоа да го каже самиот Трамп.

За ефектот на дебатата зборуваат и рејтинзите по соочувањето. Според двете независно спроведени анкети, едната од Њујорк Тајмс и Сиена колеџот, по дебатата, предноста на Трамп се искачи на шест проценти и сега, од оние што се изјасниле дека ќе гласаат, 49% би гласале за Трамп, а 43% за Бајден. Идентична разлика од шест проценти покажа и анкетата на Вол Стрит Џурнал, а во февруари разликата изнесуваше два проценти и беше во маргината на статистичка грешка.

И во двете анкети, испитаниците одговорија дека возраста на Бајден е најголемиот проблем за неговата кандидатура. Дури 80% од испитаниците во анкетата на Вол Стрит Џурнал, која има маргина на статистичка грешка од 2,5%, изјавија дека тој е престар за да се кандидира за втор мандат.

И веднаш се удри по новинарите. Од таборот на Демократите дојдоа обвинувања врз модераторите на дебатата Џејк Тапер и Дана Баш од Си Ен Ен, дека му дозволиле на Трамп да изнесува големи лаги и дека во реално време не вршеа ‘fact checking’ (проверка на факти) на она што го говореше Трамп, односно не ги соголуваа неговите лаги.

Но, вистината е дека тоа не е нивна работа. Секако дека тоа е работа на противкандидатот. Тие завршија првокласна работа, а модераторите треба да бидат објективни и непристрасни, независно дали тоа што го говори кандидатот им се допаѓа или не. Станува збор за дебата, а не за интервју, во кое, секако, должност на новинарот би била да интервенира доколку соговорникот изнесува лаги.

Времето не може да се врати назад

Целата вистина е дека времињата не може да се вратат назад. Оној момент кога легендaрниот презентер на вести Волтер Кронкајт ја нападна војната на САД во Виетнам во 1968, тогашниот претседател Линдон Џонсон ја изговори реченицата „штом го загубив Волтер Кронкајт, ја загубив Америка на средната класа“. Сега веќе не е така. Далеку највлијателниот и најпрестижен дневен весник во Америка, Њујорк Tајмс, по дебатата излезе со едиторијал дека Џо Бајден треба да се повлече од претседателската трка, а демократите во август да одржат конвенција на која би избрале соодветен кандидат, кој ќе може да му се спротивстави на Доналд Трамп. И покрај целата тежина на Њујорк Тајмс и на повиците на многу влијателни колумнисти, од кои некои и нобеловци, Џо Бајден не се повлече од трката и продолжи со кампањата.

Времињата се сменети. Ниту Њујорк Тајмс ја има моќта што некогаш ја имаше, ниту некогаш влијателните колумнисти. Дека се сменети времињата покажува и самата кандидатура на Доналд Трамп. Зарем беше можно некогаш да настапи кандидат во кампања без да го помине „ветингот“ на сериозните донатори и луѓе со огромна моќ и влијание во заднина на Републиканската партија?! Доколку навистина тежеше мислењето на сериозните колумнисти и Њујорк Тајмс, ќе беше ли можно да се кандидира човек кој одби мирно примопредавање на власта во Америка преку разни лажни теории на заговор дека изборите биле лажирани?! Уште повеќе што станува збор за човек кој има против себе купишта судски предмети и во меѓувреме стана осуден криминалец. Мислењето на мејнстрим медиумите одамна го нема некогашното влијание, а особено не за оние што веруваат во МАГА движењето и кои настаните и фактите ги следат низ сосема искривоколчениот и пристрасен визир на Фокс Њуз и две уште порадикални десничарски телевизиски мрежи.

Но, форматот на дебатата дава надеж дека новинарството и медиумите ќе се вратат на својата суштина и квалитет, а нема да бидат само реалити шоу.

 

(авторот е долгогодишен новинар и уредник)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.