Социјални медиуми: Симбол на слободата во модерното време или закана за демократијата?

 

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Дека социјалните платформи не се безопасна играчка, на која луѓето споделуваат слики и комуницираат со своите пријатели, стана јасно уште пред 20-тина години. На претседателските избори во САД во 2008 година, кандидатот на демократите Барак Обама го порази републиканецот Џон Мек Кејн, а еден од клучните фактори беше тоа што штабот на Обама многу повеќе и поумешно го користеше тогаш многу популарниот Фејсбук.

Социјалните медиуми станаа влијателна политичка алатка и во позитивна и во негативна смисла, а со пенетрацијата на интернетот кај сè поголем дел на светската популација, станаа и клучен извор на (дез)информации. Тие станаа алатка на политичката пропаганда, а со сè поголемата моќ, почнаа и да ги обликуваат политичките процеси и директно да влијаат врз исходот на политичката борба.

Големите играчи во овој технолошки сектор се главно Американци од Силициумската долина и сите без исклучок милијардери, како Марк Цукерберг – сопственикот на Мета што ги има популарните Инстаграм и Фејсбук, Илон Маск ја купи платформата за куси твитови X (Икс) која порано беше позната како Твитер, a во Сончевата долина се и најголемиот интернет пребарувач Гугл и најпопуларната платформа за споделување и гледање видеа Јутјуб, која ја откупи Гугл во 2006 година.

Во меѓувреме, се појавија и други глобални играчи. Пред сè платформата за куси видеа ТикТок што е во сопственост на кинеската компанија БајтДенс (ByteDance), како и Телеграм на контроверзниот руски техно-милијардер Павел Дуров.

Некои теоретичари, пред сè Јанис Варуфакис, сметаат дека капитализмот е веќе пропаднат модел и тоа парадоксално од самиот капитал, кој „мутираше“ во „капитал на клауд“ ( cloud – сервери и мрежи за податоци, софтвери и трансакции итн. до кои се пристапува преку интернет) и се врати главно на неговата претходна форма – феудалистичката рента. Пазарите, медиум на капитализмот, се всушност заменети со дигитални платформи за тргување, кои личат на пазари.

За да имате видлив пристап до платформите и клаудот треба да платите рента. Доколку сакате ефектна реклама на големите платформи како Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб и сл., кои го доведоа до совршенство дигиталниот маркетинг, мора да платите цена (рента), а истото се случува и ако сакате вашата содржина (контент) да биде видлива, се разбира со придружните алатки што ги нудат „техно – рентиерите“ за да се обратите до вашата посакувана целна група. Демографијата, како што ми раскажа еден експерт за дигитален маркетинг, веќе може да се погоди во влакно.

Алекса на Амазон, на пример, е портал што тежнее кон „тоталитарен“, целосно централизиран систем на преференции и задоволства. Прво, нè тренира што сакаме. Потоа, нѝ го продава „она што го сакаме“ директно, заобиколувајќи секаков пазар. Трето, се одржува благодарение на неверојатната промена во самооднесувањето со наш бесплатен труд – бидејќи ние даваме критики и оценки на продуктите што ги продаваат. Конечно, зема голема рента од производителите кои се зависни од оваа мрежа на „капитал на клауд“, обично 40 проценти од цената.

Генерирањето говор на омраза, дезинформации и пропаганда

Кај социјалните мрежи или медиуми, клучни за нивната популарност се посетеноста и активноста, или она што тие го нарекуваат “traffic” (сообраќај). Тука доаѓаме до најголемиот проблем и тука лежи изворот на конфликтот на сопствениците на социјални мрежи со многу влади во светот. Тој конфликт, како што се чини, ќе се продлабочува и ќе станува сè поостар.

Социјалните медиуми и платформи одамна станаа и извор на говор на омраза, блатантни дезинформации и лажни вести. Тие користат алгоритми за тоа кој контент (содржина) ќе биде видлив и секако го промовираат оној што е „поинтересен“, за да имаат поголем сообраќај. Тоа значи дека алгоритмите не се програмирани да промовираат коректен контент, туку го промовираат најконтроверзното, најгрдото, ниските страсти и кавгите, затоа што тоа привлекува најголемо внимание и полемика кај самите корисници. Колку повеќе полемика и реакции, колку повеќе корисници, толку поголема моќ на социјалната платформа и, се разбира, поголема рента и профит.

Растечката моќ на социјалните платформи и нивното огромно влијание врз политиките и социјалните текови, секако предизвика огромно внимание кај светските влади. Американците дури создадоа и посебен отсек во Стејт Департментот меѓу чии главни цели е сузбивањето на лажни вести, на чие чело беше поставен Џејмс Рубин.

Главната главоболка на американската влада не се лажните вести и контроверзиите на нивните „домашни“ платформи, туку опасноста преку другите платформи – пред сè оние на Пекинг и Москва, да се влијае врз американското јавно мнение. И, токму поради опасноста од ширење на кинеска пропаганда, американскиот Сенат изгласа закон со кој ја принудува кинеската компанија БајтДенс што го поседува ТикТок да ја продаде социјалната платформа, или ќе се соочи со забрана за емитување во САД.  Гласањето во Сенатот за овој закон беше со 79 гласа „за“ и 18 „против“.

Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша указот, со кој на ТикТок и компанијата што го поседува ByteDance од Кина ѝ се даваат 270 дена да го продадат ТикТок. Рокот им истекува во средината на јануари 2025 година. Доколку компанијата не се продаде, ќе и биде забрането да ги користи интернет хостинг сервисите од САД. Тоа исто така значи дека во САД ќе има и целосна рестрикција за даунлодирање на контент и каква било интеракција со содржините на ТикТок.

Тик-ток е социјална платформа за куси видеа која ја користат 170 милиони Американци, а американската администрација со години изразуваше загриженост дека Кина влијае врз американското јавно мнение преку оваа платформа. Портпаролот на ТикТок рече дека законот е „неуставен“ и дека ќе биде девастирачки за 170 милиони американски корисници на оваа популарна платформа, како и за 7 милиони бизниси кои оперираат на неа. Сепак, Америка е  функционална демократија, па ТикТок се обидува да ги обжали овие одлуки на Сенатот и претседателот на суд.

Од друга страна, Кина е авторитарен режим, па се подразбира дека кинеската популација не може да биде „заразена“ со западната пропаганда, односно сите популарни социјални платформи кои потекнуваат од Западот се целосно забранети во оваа земја.

Русија, пак, одамна воведе целосна контрола на интернет просторот. Откако ја почна војната со Украина, тие целосно го забранија Фејсбук, кој и дотогаш имаше големи рестрикции, како и Твитер, односно Икс. Во март 2022 година, рускиот регулатор „Роскомнадзор“ соопшти дека се откриени 26 случаи на дискриминација против Русите од октомври 2020 и целосно ги забрани Фејсбук и Инстаграм во Русија. Потоа одлуката беше потврдена од рускиот суд, кој пресуди дека компанијата на Марк Цукерберг, Мета е „виновна за екстремистичка активност“ и ја потврди тоталната забрана.

Истовремено, пак, Европската комисија препорача забрана за емитувањето на руските сателитски канали – пред сè Раша Тудеј (Russia Today) и Спутник (Sputnik), а оваа препорака на Брисел ја усвои и македонскиот регулатор АВМУ и им наложи на кабелските оператори да ги тргнат од својата понуда руските телевизиски канали, поради ширење на руска пропаганда.

Актуелни конфликти

Речиси сите големи влади имаат некаков спор со „техно-рентиерите“ од големите социјални медиуми. Извор на конфликтите се неколку причини. Понекогаш станува збор за неприлагодување кон правилата на домашното законодавство. Така, неодамна во Бразил, кој е еден од најголемите пазари на Икс, Врховниот суд на земјата донесе целосна забрана за оваа социјална платформа, поради тоа што компанијата не назначи правен застапник во Бразил како што тоа го пропишува локалното законодавство.

Во Канада владата побара од големите социјални платформи да плаќаат за вестите што ги преземаат и споделуваат (шеруваат) од домашните медиуми. Тука станува збор за спор за авторски права и заштита на домашните медиумски компании, бидејќи големите мрежи многу ретко или речиси никогаш не креираат сопствен контент, туку „паразитираат“ со бесплатно преземање на вестите од медиумите, а најголемиот профит оди во нивниот џеб. Социјалниот гигант Мета реши дека во Канада ќе го забрани пристапот до вестите, што им е поисплатливо, отколку да споделат дел од обилната рента со оние што ја произведуваат содржината (контентот).

Насекаде има конфликт околу парите. Кога генерирате големи пари, владите сакаат да земат данок на тој профит. Така, во Италија имаше неколку спорови околу плаќањето даноци за скапата рента што ја собираат социјалните гиганти. Пред неколку години, техно-рентиерските компании вонсудски се спогодија со италијанските даночни власти, па исплатија неколку милиони евра на италијанската влада од огромните профити што ги црпат. Италијанската даночна управа утврди нови неплаќања даноци во изминатите пет години, но и тука е голема веројатноста за вонсудска спогодба со даночните власти, наместо големи судски спорови.

Сепак, се чини дека најпроблематична е контролата на контентот или содржината што се пласира на социјалните мрежи. Француската полиција неодамна го уапси сопственикот на Телеграм, Павел Дуров, веднаш штом неговиот приватен авион слета на аеродром близу Париз. По неколкудневен притвор, тој беше пуштен со кауција од 5 милиони евра. Во судот во Париз, Дуров беше обвинет за поттикнување криминални пораки и трансакции кои вклучуваат детска порнографија и зделки за продажба на нелегални наркотици. Судскиот налог дојде на барање на француската OFMIN агенција, која се занимава со превенција на криминал против малолетни лица.

Телеграм нуди можност за формирање на групи до дури 200.000 корисници, а во обвинувањето против Телеграм се вели дека го олеснува виралното ширење дезинформации, а на корисниците има дозволува да делат заговорнички, неонацистички, педофилски и терористички содржини. Како и секогаш, техно-рентиерите се правдаат дека тие обезбедуваат платформа за размена на пораки, а дека немаат контрола врз содржините. Во суштина, тоа е и одбраната на Дуров: не знаел и не можел да контролира што споделуваат милиони корисници. Во истиот момент, Илон Маск сподели порака „Ослободете го Дуров“.

Еден од конфликтите во овој спор е што Дуров одбива соработка со властите, односно не сака да им ја даде базата на податоци, за да можат истражните органи да спроведат ефикасни криминални истраги. Но, Дуров ги стекна популарноста и успехот токму поради таквите практики. Во 2006 година, Павел Дуров, заедно со неговиот брат Николај ја создадоа најпопуларната социјална платформа во Русија – VK ( ВКонтакте), која е пандан на американскиот Фејсбук. Руските власти му вршеа притисок да им даде одредени бази на податоци, но и за интервенции во контентот. Москва бараше од него да им ја даде базата на податоци на протестантите против тогашниот проруски претседател во Украина Виктор Јанукович, како и да ја суспендира страницата на опозицискиот руски лидер Алексеј Навални (во февруари годинава Навални умре во руски затвор под неразјаснети околности). Дуров одби и избега во Сент Китс и Невис на Карибите. Потоа најде засолниште во Обединетите Арапски Емирати, каде што е седиштето на Телеграм, а доби и нивно државјанство, па така сега има четири пасоши и државјанства: руско, француско, на Сент Китс и Невис и на ОАЕ.

Русите се обидоа да го блокираат и Телеграм од 2018 до 2020 година. Но, платформата е искличително популарна во Русија, Украина и земјите на поранешниот Советски сојуз, па од 2020 година Дуров е оставен на мира од Москва. По неговото апсење во Париз, парадоксално е што руската амбасада во Франција побара средба со Дуров, а официјална Москва протестираше против политиката на Париз, обвинувајќи за двојни стандарди.

Ескалација на судирот

Нема сомнение дека тука има и политика. Јасно е дека нема случајности и дека станува збор за информативна пропаганда, независно од законите, пресудите и оправдувањата. Вашингтон се заканува со забрана на ТикТок, Париз води истрага против Телеграм. Од друга страна, Москва и Пекинг воведоа целосна забрана на западните социјални платформи. Посебно смешно делува пресудата на рускиот суд дека ги забранува Инстаграм и Фејсбук „поради екстремистичка активност“. Нема тука независен суд, од Месечината е видлива политичка мотивираност во пресудата.

Во Велика Британија, пак, минатиот месец избувнаа расно мотивирани немири со насилство кое не беше видено со децении, а имаше дури и притисок врз премиерот Кир Стармер да ја извади војската на улиците за да се справи со демонстрантите. Во насилствата беа напаѓани имигранти, џамии и засолништа за имигрантите, по дезинформациите на социјалните мрежи дека имигрант избодел неколку девојчиња во градот Саутпорт, а три од девојчињата беа убиени.

Британската влада ги обвини социјалните медиуми дека тие ги поттикнуваат расните нереди. Министерката за внатрешни работи на Британија, Ивет Купер тогаш изјави дека „има области каде што медиумските компании имаат јасни барања да отстранат криминален материјал и тоа не го прават или претерано одолговлекуваат“. Примери за тоа беа крајно десничарски инфлуенсери со голем број на следбеници, како основачот на „Англиската Лига за одбрана“ Томи Робинсон, кој испрати десетици пораки на мрежата X. Исто така, Фејсбук, Инстаграм, ВатсАп, ТикТок и Телеграм беа искористени за организирање на групни собирања во кусо време, флаери за одредени протести беа ширени на Фејсбук, додека на ТикТок беа споделувани видеа со насилство.

Особена поддршка на десничарските протестанти даде платформата Икс, каде што освен коментарите на сопственикот Илон Маск дека „граѓанска војна во Британија е неизбежна“, беше вратен акаунтот на Робинсон, кому му е забранет пристап на Инстаграм и Фејсбук. Британскиот министер за технологија, Питер Кајл изјави дека нема сомнеж оти социјалните медиуми обезбедија платформа за насилните протести.

Според британскиот акт за безбедност онлајн, платформите имаат должност да „преземат робусна акција“ против илегалниот контент. Тоа вклучува содржини кои инспирираат насилство или кои предизвикуваат расна и верска омраза. Социјалните платформи, прво и основно, не треба да дозволат кај нив да се појави илегален контент, а доколку се појави, треба веднаш да го отстранат. Доколку не ги исполнат овие обврски, социјалните медиуми се соочуваат со казни до 18 милиони фунти, или 10 проценти од нивниот приход на светско ниво (што и да е поголемо), кои може да ги изрече британскиот медиумски регулатор Офком (Offcom).

Во ЕУ е во сила Актот за дигитални сeрвиси што е еквивалент на Безбедносниот онлајн акт, а Икс, на пример, е под закана од санкции од Европската комисија. Во Франција, соочен со масовни демонстрации минатата година, претседателот Емануел Макрон побара дури и целосно укинување на социјалните мрежи поради нивната улога во немирите.

Јасно е дека и во демократските земји ќе се заострува регулативата за социјалните мрежи и онлајн медиумите, особено во светло на последните случувања.

Македонија и онлајн законодавството: Тажен пример за игнорирање на проблемите

Како што е видливо низ многубројните примери, од авторитарните целосни забрани во Пекинг и Москва, актот за онлајн безбедност и улогата на Офком во Британија, апсењето на Дуров во Франција, битката за домашните интереси во Бразил, Канада и Америка, сите држави посветуваат огромно внимание на социјалните платформи и онлајн медиумите. Ги заштитуваат своите права – од барање за регулирање на авторски права, финансиски и даночни заштити, превенција на странска и непријателска пропаганда, справување со протести поттикнати од социјални платформи, па сè до сузбивање на криминал кој се шири преку социјални мрежи. Сепак, се чини дека државите и владите заостануваат во соодветна легислатива во однос на молскавичните промени во оваа сфера. Така, Британија имаше некои рецидиви од закони од 1986 година, па дури сега го доусогласува законодавството со модерните текови.

Во оваа насока, Македонија е меѓу најтажните примери, и речиси воопшто не се занимава со оваа проблематика. ЗНМ и синдикатите некако се изборија за „тотална слобода“ на онлајн медиумите, односно никаква регулација, што и да значи тоа. А, во праксата, тоа значи користење на онлајн просторот за неограничено и неказнето ширење на говор на омраза, лаги и дезинформации, без никакви последици. Не може да нема никаква одговорност за јавно искажаниот збор!

Судовите во Македонија не ги третираат онлајн медиумите како медиуми, па дури не може ни да тужите. АВМУ е строг „џандар“ за домашните радија и телевизии, а не презема ништо во онлајн сферата, но за волја на вистината, нема ни таков законски мандат. Во кој век живееме? Социјалните и онлајн медиумите се исто толку моќни, ако не и помоќни од традиционалните медиуми! Апсолутно е скандалозно. За цел свет ова е главна тема, а ние се однесуваме како да не постои таков проблем.

Македонија живее со законодавство од минатиот век, односно пред интернет ерата. Ова е тотален апсурд. А не треба да се измислува топла вода. Само треба да се преземат модерните и демократски практики што ги имаат западните демократии во однос на регулацијата на онлајн сферата.

(авторот е долгогодишен новинар и уредник)

—

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.