Прашањето на евроинтеграциите беше политички злоупотребувано за време на изборите, а медиумите известуваа површно и ја следеа агендата и наративите што ги наметнуваа политичките партии, укажа новинарката и долгогодишен известувач и уредник за надворешна политика, Слободанка Јовановска на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА посветена на медиумското известување за евроинтеграциите пред и по изборите.
„Она мене што ми падна во очи беше површноста со којашто се следеше прашањето, а уште повеќе колку тоа прашање беше политички злоупотребувано во Македонија. Веќе подолг период евроинтеграцијата се користи како тема на која се уриваат влади, се носат нови влади, се бираат, и едноставно не се бараат решенија, туку темата политички се експлоатира за постигнување на цели поврзани со политичките партии. Жално е што новинарите се фатија практично во орото на таа игра, и што ја следат агендата на политичките партии и што наративот што тие го наметнуваат, темите што тие ги наметнуваат, прашањата што тие ги отвораат, доминираат практично во известувањето во овој период“, истакна Јовановска.
Според неа, медиумите во голема мерка ја следеа сета таа сервирана содржина без критички и аналитички пристап.
„Во континуитет, како се менуваа ставовите, така се пренесуваа, меѓутоа немаше обид тие ставови да се стават во еден контекст и да се види, како самите партии не опстојуваа на тоа што го кажуваа на почетокот пред да почне кампања, додека траеше кампањата и после тоа. Едноставно, евроинтеграцијата како тема исчезна и се користеше само за домашната политичка агенда во државата“, посочи Јовановска.
Покрај Јовановска, на панел дискусијата на ИМА говореа и проф. д-р Сефер Тахири – универзитетски професор по новинарство и јавни комуникации и Жарко Трајаноски – раководител на истражувања во ИМА, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи за медиумското известување на оваа тема.
Мила Стаменова Бурнс








