(ВИДЕО) Тахири: Уставните измени доминираа во албанските медиуми пред изборите, но без аналитичка перспектива за евроинтеграцијата како процес

Медиумите на албански јазик секогаш имале по проактивен пристап кон процесот на интеграцијата во ЕУ, за разлика од македонските медиуми, истакна професорот Сефер Тахири на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА посветена на медиумското известување за евроинтеграциите пред и по изборите.

„Ова е поврзано со фактот дека во албанските медиуми доминираше јавниот и политички дискурс кој беше подистанциран, понеутрален, постуден во однос на влијанијата на процесот на интеграцијата во ЕУ и преговорите, кои беа придружени со решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија поврзани со името на државата и идентитетскиот корпус на македонскиот народ“, посочи Тахири.

Како што укажа тој, главниот фокус на медиумите пред изборите беше на прашањето има или нема документ на албанските партии за уставните измени, а во јавниот дискурс во албанскиот политички кампус пред изборите доминираше дебатата за уставните измени, но не и за евроинтеграцијата како процес којшто има одредени чекори, обврски на државата, итн.

„Овој дискурс, за жал, не беше на некој начин истакнат со длабока аналитичка и контекстуализирачка перспектива кон интеграцијата, бидејќи повеќе се засноваше на повремените изјави на политичарите. Нема разлика, и Албанците и Македонците по ова прашање сме исти, за жал“, смета Тахири.

„Поголемиот дел од медиумите на албански јазик докажаа дека со под големо влијание на политиката, односно на партиите од различни политички провиниенции, затоа што наместо со професионална самоиницијатива да ги покренуваат важните прашања од јавен интерес, како што се, меѓу другото и уставните измени како услов за интеграција, тие се задоволуваа со фактот дека повеќе имаа инструментализирачка улога во процесот на известувањето“, рече Тахири.

Покрај Тахири, на панел дискусијата на ИМА говореа и Слободанка Јовановска – истакната новинарка и уредник на надворешна политика во „Независен весник“, и Жарко Трајаноски – раководител на истражувања во ИМА, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи за медиумското известување на оваа тема.

Мила Стаменова Бурнс