Нашите новинари многу површно ја покриваат темата на евроинтеграциите, само на ниво на пренесување настани и изјави, оценува Слободанка Јовановска, новинарка и долгогодишен известувач и уредник за надворешна политика, на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА посветена на медиумското известување за евроинтеграциите пред и по изборите.
Спомнувајќи ја како пример изјавата на министерот Александар Николовски, кога вели дека Коридорот 8 води кон тунел и претставува автопат без завршеток, Јовановска прави споредба како македонските и бугарските медиуми реагирале, укажувајќи дека новинарството во Македонија не може технички и финансиски да ги следи овие процеси. „Бугарските медиуми ни пратија неколку новинари во Македонија и зборуваа со сите релевантни институции што се ангажирани околу тој проект во Македонија и со сите институции во Бугарија. Излегоа со анализи во коишто имаше секакви детали, секакви изјави, технички и политички. Кај нас, практично ние од нивните известувања дознавме во која фаза е проектот Коридорот 8, и што е вистина, а што не е.“ објаснува Јовановска.
„Сето тоа се должи на капацитетот на новинарството во Македонија, коешто едноставно е десеткувано и нема сила да ги следи поаналитички процесите. За да направите вие квалитетен текст за било кое прашање од овие што ги третираме денес, сепак треба малку повеќе време и малку повеќе знаење“, заклучува Јовановска.
Покрај Слободанка Јовановска, на панел дискусијата на ИМА говореа и проф. д-р Сефер Тахири – универзитетски професор по новинарство и јавни комуникации и Жарко Трајаноски – раководител на истражувања во ИМА, кои ги претставија заклучоците од нивните анализи за медиумското известување на темата за евроинтеграциите.
Мила Стаменова Бурнс








