(ВИДЕО) Трајаноски: Граѓаните се шашардисани од премногу манипулации и дезинформации за преговорите со ЕУ

 

Голем дел од медиумите не успеваат да ги идентификуваат манипулациите, дезинформациите, шпекулациите и теориите на заговори коишто се шират во врска со евроинтеграциите затоа што ги има премногу, истакна Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во ИМА, на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА посветена на медиумското известување за евроинтеграциите пред и по изборите.

Но, и покрај тоа, Трајаноски посочува позитивни примери кога медиумите критички опсервираат и поставуваат прашања. „…На МТВ имавме прилика за 100 дена Влада, да видиме како уредници поставуваат навистина умешни и критички прашања на премиерот, кој доби конкретно прашање да посочи колку држави, барем една држава којашто застанала зад нивниот предлог за одложено дејство на уставните измени,…а којашто стана една од најдоминантните теми после изборите. И тука добивме одговор дека дури 26 земји го подржувале тоа. И сега останува топката префрлена накај новинарите, да ја проверат таа теза, тоа тврдење“, објаснува Трајаноски.

Посочувајќи неколку недоследности и манипулации во јавноста на темава, како што се, на пример, изјавите од премиерот кој еден ден кажува дека не разговара со Бугарија, туку со ЕУ, а друг ден кажува дека ќе чекаме исход од изборите во Бугарија за да ги продолжиме преговорите, Трајаноски заклучува дека граѓаните се „шашардисани“ од темата и тоа ја нарушува нивната доверба во евроинтегративниот процес. „Има една какофонија, дека имаме недоследни пораки, дека имаме премногу манипулации, дезинформации, шпекулации, теории на заговор, коишто придонесуваат да буквално граѓаните се шашардисани во врска со евроинтеграциите и коишто придонесуваат, меѓу другото, за намалување на довербата кон ЕУ, кон преговорите и воопшто кон нашето членство во ЕУ.“ рече тој.

Покрај Трајаноски, на панел дискусијата на ИМА говореа и Слободанка Јовановска – истакната новинарка и уредник на надворешна политика во „Независен весник“, и универзитетскиот професор Сефер Тахири, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи за медиумското известување за евроинтеграциите.

Мила Стаменова Бурнс