Наредната година, земјава треба да се фокусира на ревидирање на правната рамка за регулирање на медиумите, на спроведување на стратегијата за реформа на Јавниот радиодифузен сервис и на навремено справување со сите закани и акти на насилство врз новинарите, се вели во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот во интеграциите на Северна Македонија.
Покрај овие три клучни препораки во областа на слободата на изразувањето, предизвици се нотирани кај онлајн медиумите, со зголемени закани од дезинформации, говор на омраза и прекршување на интелектуалните права, со забележан четирикратен пораст на поплаки за говор на омраза од страна на Советот за етика во медиумите во споредба со претходната година. „ Потребни се дополнителни напори за да се затвори просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, и да се изгради општествена отпорност против оваа и другите форми на хибридни закани“, се препорачува во Извештајот на ЕК.
Првата препорака на ЕК е во следната година да се продолжи со ревидирање на „правната рамка што ги регулира медиумите за да ја усогласи со правото на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста и рекламирањето на медиумите, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, во согласност со единствениот ЕУ пазар“.
ЕК ги нотира измените на Изборниот законик и медиумските закони со враќањето на државното рекламирање во комерцијалните медиуми, но според ЕК овие измени не се сеопфатни, и не се целосно усогласени со правото на ЕУ, а доста прашања остануваат нерешени. „Владиното рекламирање во комерцијалните медиуми беше вратено во февруари 2024 година, зголемувајќи го ризикот од потенцијална злоупотреба на политичките фондови, загрозувајќи ја независноста на медиумите и создавајќи нарушување на пазарот“, се вели во Извештајот.
Според ЕК, остануваат и предизвиците во однос на транспарентноста на сопственоста на медиумите и концентрацијата на медиумите. „И печатените и радиодифузните медиуми се законски обврзани да откријат информации за нивната сопственост на регулаторното тело за аудиовизуелни медиуми, но сепак не постои законска регулатива за сопственоста и финансиските податоци на дигиталните национални медиуми. Регистарот за сопственост на дигитални национални медиуми е саморегулаторен механизам“, се објаснува во Извештајот.
Понатаму, ЕК препорачува „спроведување на стратегијата за реформа на Јавниот радиодифузен сервис и именување на Програмскиот совет на јавниот сервис и Советот на АВМУ.“ Извештајот забележува дека Собранието повторно не успеа да именува нови членови во овие тела. Исто така, се посочува дека „финансирањето на јавниот радиодифузен сервис е неконзистентно, предизвикувајќи несигурност во планирањето. Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги од јули 2023 година го зголеми целокупното финансирање, но властите префрлија помалку од законски предвиденото“, и се нотира потребата од модернизација на јавниот сервис, подобрување на конкурентноста, независноста и професионалните стандарди.
Последната клучна препорака на ЕК за медиумската сфера е земјата да се фокусира на навремено справување со сите закани и акти на насилство врз новинарите, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.
Во овој дел, ЕК посочува дека Во 2023 година МВР евидентирало 7 на напади врз новинари и отворило истраги за нив, а ЗНМ регистрирало пет инциденти против новинари, од кои два се однесуваат на закани по животот и физичката безбедност. Судовите пријавиле помалку тужби за клевета (19) против новинари во 2023 година отколку во претходната година и регистрирале шест стратешки тужби против учество на јавноста (SLAPP), при што во Извештајот се нагласува отсуството на механизми за поддршка на новинарите што се соочуваат со вакви тужби. Освен тоа, новинарите се соочиле со непримерен јазик од политичари и јавни личности.
Дополнително, ЕК ги забележува и недостатоците во условите за работа на новинарите, „особено краткорочните или хонорарните договори без здравствено и социјално осигурување, неисплатените прекувремени работни часови и ниските плати, кои придонесуваат за самоцензура и влијание врз уредувачката содржина од страна на сопствениците на медиумите“.
Согласно овие забелешки и препораки, ЕК оценува дека Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување, и дека во оваа област е постигнат ограничен напредок. Извештајот на ЕК за напредокот на земјава во интеграциите го опфаќа периодот од 15 јуни 2023 до 1 септември 2024 година.
Мила Стаменова Бурнс








