„Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај“, изјави премиерот Мицкоски на прес-конференцијата со евроамбасадорот Рокас, кој му го достави последниот Извештај на Европската комисија за напредокот во 2024 година.
Но, во најновиот извештај на ЕК не се препознаваат ниту се наведуваат конкретни напори на новата влада за борба против корупцијата, туку само се констатира дека „актуелната влада изјавила дека борбата против корупцијата е приоритет“ (The current government has stated that the fight against corruption is a priority).
Едно е да изјавиш дека борбата против корупцијата е приоритет. Сосема друго е да направиш конкретни напори и чекори за борба против корупцијата, и да покажеш резултати кои ќе бидат видливи и препознаени. И дома, а и во Европа.
Во овие неколку месеци, баш и не видовме некои видливи и конкретни резултати на ова поле. Да ги имаше, за нив ќе пишуваа и медиумите кај нас, а ќе ги имаше и во европскиот извештај. Дали и какви напори ќе направи актуелната влада во оваа насока, допрва ќе видиме. А и ќе читаме во извештајот на ЕК – ама идната година.
Претходната влада не се прослави во борбата против корупцијата, и тоа беше една од клучните причини за нејзиниот пораз на минатите избори. Оваа тема, секако ќе биде еден од клучните параметри според кои граѓаните ќе ја оценуваат и оваа влада.
Затоа, најарно ќе биде, од декларативни заложби и прогласување на борбата против корупцијата како приоритет, да се прејде на конкретни напори, работа и дела.
Оти, граѓаните се навистина уморни, ама не толку од целиот процес на евроинтеграции, како што вели премиерот. Далеку сме повеќе изморени од корупцијата, а и од празните ветувања, пропагандата и спинувањата на нашите политичари, кои се главните виновници што сме со години во чекалницата на Европа.








