Говорот на омраза не е толку забележлив во медиумите како порано, но е често присутен во коментарите под медиумските објави на социјалните мрежи. Затоа медиумите мора сериозно да ја преземат обврската за отстранување на коментарите кои содржат дискриминаторски говор и говор на омраза, истакна извршната директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), Билјана Георгиевска на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА за дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација.
„Имавме средба со претставници од онлајн медиумите, бидејќи преку 90% од жалбите се однесуваат на онлајн медиумите. Тие се навредуваат, не сакааат да ги посочуваме како главните прекршители, меѓутоа статистиката сепак го вели тоа. Бурно реагираа кога стана збор за тоа дека имаат обврска да ги модерираат коментарите. Тврдат дека немаат кадар, нема кој да го прави тоа попладне, навечер, ноќе. Дека немаат ни пари да платат дополнителни луѓе. А јас од лично искуство знам дека многу често на онлајн објавите на медиумските содржини работат многу млади луѓе кои ја немаат ниту основната новинарска обука…Не може да биде оставено на нив да ги модерираат коментарите“, објаснува Георгиевска.
Според неа, медиумите треба да се посветат сериозно на ова прашање. „…Никој во светов не се откажува од таа задача. Во моментов во Европската унија се носат закони. Донесен е законот Digital Services Act, донесен е законот European Media Freedom Act, итн…Сите тие содржат одредби кои се однесуваат на тоа дека медиумите не смеат да дозволат да бидат платформа за ширење говор на омраза, дискриминација и непочитување на човековите права“, потенцираше Георгиевска.
Таа се осврна и на нејзината анализа за ИМА и случајот со убиството во месец август кај Т.Ц. Мавровка, кога многу медиуми прекршија повеќе одредби на Кодексот на новинари за човековите права.
„Дојде жалба после неколку дена, која се однесуваше на тоа дека еден медиум ги снимал роднините како доаѓаат покрај телото на мртвиот човек, како плачат…Жалителката бараше само да се тргне видеото, не бараше ниту извинување, не бараше ништо…Прво понудивме медијација и медиумот кој го имаше објавено тоа видео прифати медијација и веднаш го тргна. Мене ме зачуди што помина практично ниту со морална осуда посочен медиумот кој го направи уште поголемиот прекршок – кој ја објави фотографијата на мртвото тело без никаква заштита, без никакво замаглување и сосема непотребно и многу вознемирувачки. Ниеден од роднините можеби тоа не го забележа, ниту пак јавноста. Веројатно стануваме навикнати на секојдневни кршења на правилата на игра во одговорното новинарство и таква жалба не добивме“, рече Георгиевска.
Покрај Георгиевска, учесници на панел-дискусијата беа претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Лимко Бејзароски, како и Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Сара Миленковска од Коалицијата Маргини, кои ги претставија нивните наоди и анализи за оваа тема.
Мила Стаменова Бурнс








