Гледаме континуиран и вирален говор на омраза, особено видлив на социјалните мрежи, но резултати од кривичните пријави до надлежните институции нема, истакна Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА за дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација.
„Ние континуирано со години ова го истакнуваме зошто ова е стварно еден проблем, којшто мора сериозно да се сфати. Хелсиншки во изминативе години континуирано го следи, го мапира и поднесува кривични пријави до надлежните институции како до Секторот за компјутерски криминал, така и до Основното Јавно Обвинителство, меѓутоа, до сега, од наши десетици поднесени пријави до институциите немаме ниту една, не пресуда, значи, ниту едно обвинение што е покренато за постапка пред судовите“, посочи Анастасовска.
Истакнувајќи примери од платформата на Хелсиншкиот комитет govornaomraza.mk која годинава регистрирала над 1000 случаи, Анастасовска вели дека пикот на говор на омраза оваа година е забележан за време на изборите и на Парадата на гордоста, што е тренд почнувајќи од организирање на првата парада на гордоста во 2019 година.
„И ние секоја година алармираме до институциите дека треба да се покрене постапка, заради тоа што во овие случаи и кога станува збор за ваков говор на омраза, повикувањето на насилство и одобрување на геноцид, кои се две категории коишто Европскиот суд за човекови права ги смета како особено отежителни и нашата обврска како држава да се справуваме со ваквиот тип на говор на омраза – стои“, вели Анастасовска.
Со пример на поттикнување меѓуетничка омраза и насилство во коментари, Анастасовска го илустрира поттикнувањето говор на омраза со дела од омраза, односно како известувањето за дело од омраза довело до понатамошен говор на омраза.
„Излезе наслов „Само еден ден по одбележувањето на 23-годишнината искршена плочата на паднатите бранители кај Карпалак“. И, сега, ваква објавена вест се очекува дека ќе донесе говор на омраза. Така што имаме критика и за самото известување. Значи тука медиумот мора – внимателно, или да побара изјава од МВР како ќе се гони и за тоа да извести. И, одоздола имаме коментари: „Со тоа племе мора веднаш да се расчисти“, „Само куршум“ и ред други вакви коментари, коишто повикуваат практично на војна помеѓу двете најголеми етнички заедници во нашата држава“, укажа Анастасовска.
Таа се осврна и на случаи на коментари што одобруваат родово базирано насилство и фемицид. „Нешто што многу често се случува е кога ќе се известува за некој трагичен настан, фемицид, или родово базирано насилство, или семејно насилство, наместо осуда, ние гледаме во коментари сочувство со сторителот, одобрување, охрабрување, итн., што е еден феномен којшто навистина е штетен, затоа што жртвите коишто трпат ваков вид на насилство дополнително се обесхрабруваат да пријават, а сторителите земаат сила“, посочи Анастасовска.
Земајќи ги предвид и останатите примери од анализата на Анастасовска за ИМА, таа заклучува дека тешките и загрозувачки форми на говор на омраза, особено оние кои стануваат вирални, може многу лесно да се пресликаат во физичкиот простор, па затоа е неопходно медиумите проактивно да ги модерираат коментарите на објавените содржини.
Покрај Анастасовска, учесници на оваа панел-дискусија беа претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Лимко Бејзароски, како и директорката на Советот за етика во медиумите (СЕММ) Билјана Георгиевска и Сара Миленковска од коалицијата Маргини, кои ги претставија нивните клучни наоди и анализи на оваа тема.
Мила Стаменова Бурнс








