Антиродовите движења и мобилизацијата што пред неколку години не се сфаќаа доволно сериозно денеска веќе се институционализираат и креираат политики, истакна Сара Миленковска од Коалицијата Маргини на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА за дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација.
„Значи, ние веќе денеска зборуваме за антиродови политики кои што се подржани од самите институции. И во контекст на случаите кои ќе ги споменам, гледаме како всушност не само што креираат одреден бојкот, цензура и само-цензура, туку и го задушуваат просторот во јавноста да воопшто ние можеме отворено да дискутираме на оваа тема. Во моментот самото спомнување на зборот род, спомнување на зборовите родова нееднаквост, родова еднаквост, итн., се ставени под знак прашалник и се третираат како одредена тематика којашто ние како општество треба да ја ставиме на страна“, истакна Миленковска.
Според неа, истиот однос го гледаме и од институциите, но и од медиумите. „Самите институции наместо да ги заштитат, особено активистите и активистките коишто работат во ова поле, уште повеќе создаваат простор на нивно замолчување“, нагласи Миленковска, осврнувајќи се на нејзината анализа со ко-авторките Мања Величковска и Грација Атанасовска „Цензура, бојкот и намалување на просторот за делување на ЛГБТИК активистите и на уметниците како резултат на говорот на омраза“ објавена од ИМА, во која се осврнува на неколку конкретни примери.
Еден од случаите за кои говореше Миленковска е откажувањето на присуство на трансродовата активистка на јавен настан поради реакциите и говорот на омраза коишто дојдоа од антиродовите актери како „Коалицијата за заштита на децата“, поради што се откажал и самиот настан на Медицинскиот факултет.
„Значи, не е дека само прават одредена реакција, туку даваат конкретни и јасни насоки како граѓаните коишто немаат доволно информации за овие теми, да креираат проблем од самото постоење на овој настан…Освен откажувањето на тој настан, насилството коешто следеше кон трансродовата активистка само укажува колку всушност и самата држава не учествува во заштита на лицата. Еден од главните аргументи на Јавното Обвинителство зошто овој случај нема доволно докази е бидејќи во нашата прекрасна земја не е регулиран статусот на трансродовите лица и според тоа, ако правен статус на постоење не е регулиран, тоа значи дека не можеш да бидеш заштитен“, објаснува Миленковска.
Според неа, една од главните стратегии на антиродовите движења не е само да направи цензура или бојкот на луѓето коишто се борат за човековите права, туку и да го намали потенцијалот на креирање на сојузници.
„Ако вие сакате да го искажете во општеството ставот за тоа дека треба одредена група да бидат заштитени, вие со самото тоа станувате непријател на антиродовите движења…Со напаѓањето на трансродовите лица, со напаѓањето на активистите, тука можеме да приметиме директно како има говор на омраза и насилство и повикување на насилство, меѓутоа, секогаш знаат да го замаскираат тоа со оградување од коментарите коишто се наоѓаат на социјалните мрежи“, потенцираше Миленковска.
Затоа, според неа, потребно е кон овој проблем да се пристапи интерсекциски. „Мора на повеќе нивоа, заеднички, колективно да се адресираат, пред се, заканите коишто доаѓаат од антиродовите движења, но исто така и да се создадат некои подобри пракси на како всушност и самите граѓани и граѓанки прикажуваат некаква поддршка и солидарност кога се случуваат овие работи. Нашите препораки одат повеќе во тоа како можеме заеднички да реобмислуваме која е позицијата којашто сите ние ја имаме во општеството во однос на антиродовите движења, но исто така и директно да бараме од самите медиуми и од тоа како се модерираат социјалните мрежи, јасно спротивставување на антиродовите наративи“, заклучи Миленковска.
Покрај, Сара Миленковска од Коалицијата Маргини, учесници на оваа панел-дискусија беа претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Лимко Бејзароски, како и Билјана Георгиевска, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија и Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи на оваа тема.
Мила Стаменова Бурнс








