Во петтата епизода на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА со Петрит Сарачини, гостин е Никола Наумоски, автор на подкастот „Митови што оформија генерации“, којшто открива и побива митови што се длабоко вкоренети во уверувањата на граѓаните и поттикнуваат омраза и поделби.
„Тие се создаваат во умовите на луѓето коишто се незадоволни од реалноста и од желбата да ја искриват таа реалност…Најчесто, кога станува збор за националистички мит, да, тоа е очигледна игра на некои националистички политичари. Но, кога станува збор за еден мит како „Скопје требаше да се затвори на времето за да има подобар развој“, тој мит не можете да им го префрлите на националистите, или барем не директно, туку…на градската ксенофобија како природна состојба на луѓето во градот, и како луѓето се склони да веруваат во такво нешто, иако нема никаква основа“, објаснува Наумоски.
Тој раскажува за сознанијата до кои дошол истражувајќи го митот дека зад високите ѕидови на албанските куќи по селата и градовите се крие екстремизам и тероризам, како и митот за 150 илјади македонски државјанства за косовски Албанци кои наводно биле дадени во 90-тите. Наумоски заклучува дека тие се присутни сè уште и се користат за градење националистички и манипулативни наративи и теории на заговор во јавното мислење, но и дека се засилуваат со уште полоши наративи.
„Кога ги истражував овие митови, да речеме конкретниот мит со оградните ѕидови на албанските куќи, го раскажав митот на начин на којшто го истражив интернетот и форумите за прашањето и за тоа што е кажано…Таму најдов извесни гадости коишто сметав и дека не треба да бидат пренесени во подкастот…Но, она што ме зачуди мене е – кога некој веќе потрошил извесни часови за да го истражи случајот, за да спреми подкаст и да го демистифицира митот – имаше коментари на Твитер којшто веќе се разви во една септичка јама којашто охрабрува хејт…Имаше коментари коишто очигледно доаѓаа од десничарски профили, коишто укажуваа дека Албанците градат ѕидови заради криење на зоофилија и инцест во своите фамилии, што според мене е многу полош наратив отколку тој што сум го истражувал…Тоа мене ми кажува дека самите социјални мрежи, делумно и заради анонимноста, им даваат на луѓето право да кажат било што, коешто е толку неосновано и толку многу може да повреди, што митовите коишто се граделе 30 години наназад, се всушност мачкина кашлица за оние конспирологии коишто денеска ги слушаме и во коишто овие луѓе веруваат“, смета Наумоски.
Наумоски оценува дека работите одат на полошо, а едукацијата е единствен начин да се бориме против овие добро вкоренети митови.








