Виктор Бучковски во „Што има ново?“: Мажите не се навикнати да побараат помош кога им е тешко

 

Во шестата епизода на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, гостин е Виктор Бучковски од ХEРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, кој е менаџер на Центарот за поддршка и советување на мажи на оваа организација. Центарот, којшто е единствен од ваков вид во земјава, работи од мај годинава со 5 психолози на македонски и на албански јазик, со физичко и онлајн присуство. Бучковски објаснува зошто решиле да се фокусираат токму на момчињата и мажите и кои се првичните искуства од работата на Центарот.

„Ме загрижува во голема мера менталното здравје, пред сè на моите машки пријатели. Заради тоа што, поради едни или други причини, поради стигмата или можеби одредени традиционални вредности, мажите не се навикнати да побараат помош, или барањето помош доаѓа само во крајна мера, кога ќе се случи нешто лошо…Не се навикнати да разговараат отворено за своите проблеми, отворено за своите емоции, за предизвиците и за сè останато што доаѓа во оваа фаза на барање – барање партнерка, барање работа, барање живеалиште…Мислам дека девојките ја имаат веќе стекнато навиката отворено да зборуваат за своите емоции. Може кај нив, до одреден степен е малку полесно споделувањето на проблемите отколку кај мажите“, објаснува Бучковски.

За 7 месеци, Центарот веќе има 50-тина клиенти. „Има еден многу интересен податок. Најмладиот клиент е детенце коешто има 14 години, додека најстариот има 66 години. Интересното е што почнуваме од 14 години и запираме негде на 35. И, после, од 35 до 65 нема никој, и продолжува од 65. Значи, таа една генерација на мажи од 35 до 65 апсолутно не смета дека психологот е важна компонента од општеството и дека може да им понуди на нив било каква помош или поддршка…Кај оние што се помлади, ќе кажам моја генерација, околу 25 години, има една тенденција и се гледа дека работат активно на себе, пред сè по тоа што не сакаат да ги пропуштаат сесиите“, истакна Бучковски.

За иселувањето на младите од земјата, тој смета дека висините на платите не се главниот фактор во одлуката за заминување од дома, туку корупцијата и немањето на услови да си ја замислат иднината овде.

Во разговорот, Бучковски зборува и за општото ментално здравје на младите во земјава, ефектите од пандемијата врз социјализацијата на младите, за предлог измените на законите во образованието и прашањето на родовата еднаквост, како и за идните активности на ХЕРА и Центарот за поддршка и советување на мажи.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.