Чадиковски: Палењето на возилото на колешката Вренцовска е застрашувачко, исклучително е важна брза реакција на институциите

 

Во седмата епизода на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА со Петрит Сарачини, гостин е Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија. Зборувајќи за нападите врз новинарите, тој го оценува како застрашувачки тешкиот инцидент на почетокот на Новата година, во кој беше запалено возило на новинарката Сузана Вренцовска од Охрид.

„Тоа што се случи со палењето на возилото на колешката Вренцовска навистина е застрашувачки… Веднаш реагиравме дека треба да има итна истрага за да се откријат сторителите, да се откријат виновниците и, најпосле, да се откријат и мотивите зошто тоа е сторено и зошто некој се дрзнува да удри по имотот на некој новинар. Утре тоа може да биде и животот или нешто полошо. Затоа мислам дека во сите вакви ситуации, исклучително важна е брзата реакција“, истакна Чадиковски.

Ваков случај беше забележан и во октомври минатата година, кога беше запалено возилото на новинарот Благој Серсемов од Штип. „И во двата случаи ние комунициравме со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Беше ветена брза, исклучително остра, силна реакција, меѓутоа, во делот со Серсемов сè уште немаме резултат, што навистина не е добро“, оцени Чадиковски.

Тој посочи дека ЗНМ комуницирале со МВР неколкупати за овие напади. „Очекуваме многу скоро да видиме некој резултат. Ако нема резултати ќе остане едно горчливо чувство, дека по новинарите може да се удри и никој за тоа да не одговара“, смета Чадиковски.

Покрај физичките напади, чести се и вербалните напади и закани како и недоличното однесување од страна на политичарите кон новинарите, за што ЗНМ ја критикува и оваа власт, како и претходната.

„Мора да се заштити достоинството на новинарите. Ние сите мора да бидеме свесни дека новинарите не се таму во лично својство за да направат ручек за дома, туку се таму заради јавниот интерес. Тие се претставници на граѓаните. Навредата за новинар е навреда за граѓаните на оваа држава“, нагласи Чадиковски.

Во „Што има ново?“, Чадиковски зборува и за транспарентноста на институциите по доаѓањето на новата власт, за СЛАПП тужбите кон новинарите од страна на бизнисмени и политичари, за влијанието на социјалните мрежи и последната одлука на Фејсбук да ја прекине соработката со проверувачите на факти, како и за должноста на новинарите да ги проверуваат фактите.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.