Петревски од „Вистиномер“: Факт-чекерите не вршат цензура

 

Во осмата епизода на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Владимир Петревски, главен уредник на „Вистиномер“ ја оцени како изненадувачка и разочарувачка одлуката на компанијата МЕТА за прекинување на програмата за проверка на факти и партнерството со факт-чекерите.

„Ние бевме изненадени и разочарани. Значи, ваква реторика од страна на МЕТА, не сме слушнале никогаш. Напротив, до неодамна бевме фалени од МЕТА. Особено бевме фалени за проверките на факти што ги вршевме во текот на изборите во ЕУ…“, истакна Петревски.

Исто така, тој ги демантира тврдењата дека факт-чекерите вршеле цензура. „Ние додаваме контекст. Ништо не бришеме, ништо не отстрануваме… Ние рецензираме измами, вирални дезинформации. Измами од типот каде што на луѓето им се бараат пари, каде што на луѓето им се крадат личните информации со цел да бидат ограбени…, каде што се промовираат лажни лекови… Многу малку ние работиме дезинформации коишто се однесуваат на внатрешна политика, медиумски дезинформации, затоа што има систем на само-регулатива, и многу често оставаме тој систем да функционира, не сакаме премногу да се наметнуваме. И ако се случи оваа програма да прекине, најголемата штета ќе имаат ранливите категории. Значи оние кои има шанси да потпаднат под овие измами“, посочи Петревски.

Иако не е јасно што ќе значи оваа одлука на МЕТА во светски рамки и дали со неа се отвора можност за уште посилен продор на погрешни информации, дезинформации на социјалните мрежи, тој се надева дека Европската унија ќе го задржи цврстиот став против дезинформациите. „Меѓународните организации исто така се спротивставија на оваа изјава на МЕТА. Ќе видиме што ќе значи ова за светот… Во Европа има Закон за дигитални услуги. Според тој закон, големите онлајн платформи се обврзани да преземаат мерки во спречување на дезинформациите. Не мора тоа да биде програма за проверка на факти како што е сега, арно ама мора да преземаат мерки и поднесуваат извештај до Европската комисија на секои 6 месеци, каде што треба да покажат што презеле. Европската унија има цврст став против дезинформациите и ние се надеваме дека тоа ќе продолжи така“, вели Петревски.

Во „Што има ново?“, Петревски зборува и за нападите врз факт-чекерите во земјава како и краткорочните и долгорочните стратегии против борбата со дезинформациите, како еден од главните глобални ризици и алатка за странско влијание.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.