Кировски: Факт-чекерите не вршат цензура, туку алгоритмите на големите технолошки компании

 

Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Атанас Кировски, долгогодишен новинар и уредник зборува за експлозијата на дезинформации и пропаганда што се шири преку социјалните мрежи. Тој ја оценува како многу лоша и штетна последната одлука на МЕТА за укинување на програмата за проверка на факти во САД, и објаснува дека факт – чекерите не се оние коишто вршат цензура, туку алгоритмите на големите технолошки компании.

„Се создава и еден многу грд наратив дека тие што ги проверуваат фактите, професионално си ја работат работата луѓето, ги обвинуваат дека вршат некаква цензура, во не знам чии интереси, итн… Не, цензурата ќе се укине кога ќе се исклучат алгоритмите на големите технолошки компании, коишто всушност заработуваат на феудалистички начин од рента. За да ја генерираат таа рента повеќе, тие придонесуваат, односно афирмираат и подбуцнуваат наратив на кавга меѓу одредени групи во самото општество коишто им носат поголема гледаност, а очигледно има зад тоа и некаква политичка агенда. Таа е вистинската цензура“, истакна Кировски.

Според Кировски, во време кога индустријата на милијардерите што лиферува дезинформации ја победува медиумската индустрија, публиката мора да биде свесна за манипулацијата со информации што произлегува од алгоритмите на социјалните мрежи.

„Да не допуштиме да ни сервираат што ќе читаме и што ќе гледаме Марк Закерберг, Илон Маск Џеф Безос, Сем Алтман…Ние ќе се доведеме во ситуација 5 -6 луѓе да ни го креираат целиот наратив и да ни го обликуваат и јавното мнение, и свеста и политичките афилијации…Публиката во ваква ситуација треба да биде свесна, и ако може да создаде вештини и да направи механизми, и да разликува што е лага, што е вистина. И, да не верува во сè што има на социјалните мрежи…да бидат свесни дека тие не се рандом објави, туку дека се тие објави коишто нив им ги сервира некаков си алгоритам, дека тоа не е слободен избор и демократија“, заклучува Кировски.

Кировски оцени дека оваа состојба води до сериозна криза за либералната демократија, особено во Европа.

„Според мене Европа е сега фатена во еден процеп… Ако се сеќавате, во Молдавија, па и во Романија којашто е членка на ЕУ, Русија преку МЕТА и преку ТикТок изврши сериозно влијание врз изборните процеси и изборните резултати. Од друга страна, сега прво го имаме укинувањето на проверката на фактите, второ главниот проблем, според мене, суштината на проблемот, се алгоритмите што ги имаат социјалните мрежи. Социјалните мрежи имаат алгоритми според коишто вие и давате на публиката, всушност ја насочувате, што да гледа, што да слуша, што да чита…Самото интерно истражување на Фејсбук, покажа, уште во 2016 година, дека 64% од оние што се приклониле кон радикалната десница, и кон некаков тип на таков вид немири, ги има генерирано, ги има мобилизирано Фејсбук…Сега, без факт-чекерите, таа ситуација ќе стане според мене многу подрастична и многу повлошена. Од тој аспект велам дека Европа е во криза“, објаснува Кировски.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.