Во шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Славчо Димитров, долгогодишен граѓански активист од Коалицијата МАРГИНИ, за состојбите со правата на маргинализираните заедници и борбата за сексуални и родови права. Димитров ја оценува ситуацијата како загрижувачка, особено затоа што по одредени позитивни поместувања, сега се забележува пораст на антиродовите движења.
„Она што исклучително влијаеше на состојбата со правата и на сексуалните малцинства, меѓутоа и со родовата еднаквост особено, е драстичниот пораст, за што Македонија е еден од најзначајните примери во регионот, на антиродовите движења, коишто со своите мобилизации успеаја да стопираат серија на политики, на законски решенија, коишто требаше да донесат исклучително унапредување во оваа област… Она што е посебно загрижувачко се последните чекори од Министерството за образование, односно од министерката, којашто од Законот за основно образование ги тргна секаде како основи за дискриминација сексуалната ориентација, родот и родовиот идентитет. Ја тргна и родовата еднаквост, којашто беше претходно еден од стратешките приоритети во образованието. И истиот, по една неверојатно брза процедура во Собранието, без никаква јавна дебата, овие измени беа многу едноставно усвоени“, посочи Димитров.
Покрај ова, Димитров укажува дека и медиумите се незаинтересирани за прашањата на ЛГБТИ заедницата и родовата еднаквост, но и дека граѓанските активисти се уморени, младите се незаинтересирани и затоа либералното граѓанско општество треба да работи на обединување и мобилизација.
„Луѓето се истоштени, разочарани во можноста за суштински промени и за трансформација на општеството. Голем дел од младите луѓе, коишто би можеле да бидат онаа сила што би носела идни промени, заминува. А она што ние го забележуваме како загрижувачка тенденција, особено помеѓу помладата генерација, е целосното отсуство на желба да се занимаваат со граѓански активизам. За нас тоа е индикатор дека можеби ова е прашањето на коешто треба воедно и како активисти најмногу да работиме. А тоа е на креирање на нови фронтови, и политичка мобилизација, враќање на таа страст и политичка надеж“, потенцира Димитров.
Тој е песимист дека преземените обврски на државата за остварување на правата на ЛГБТИ заедницата, кои произлегуваат од извештаите на ЕКРИ или Советодавниот комитет на Рамковната конвенција при Советот на Европа, можат на било кој начин да ја подобрат ситуацијата.
„Она што мене ме разубедува во можноста дека тоа ќе биде начинот да се променат нештата е многу прост пример. Коалиција МАРГИНИ доби случај во Стразбур, против државата, односно транс-родов маж којшто ја тужеше државата и доби. Од тој случај произлезе обврска за државата, не само лично да го обештети него и како правен лек да донесе законски измени. Тоа не го направи државата до сега. Ако ние судска одлука не успеавме, препорака којашто доаѓа, којашто не е толку обврзувачка, мислам дека ќе има уште помал ефект“, заклучува Димитров.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.








