Милутин Станчиќ во „Интеркултура“: Освен протоколи и одбележување датуми, не гледам видливо подобрување за српската заедница

 

По повод празникот на српската заедница во Северна Македонија, 27 јануари, денот на Св. Сава, во шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостин е Милутин Станчиќ од Здружението на граѓани „Спона“.

Според Станчиќ, и покрај тоа што ваквите одбележувања се повод за помпезни владини протоколи и големи политички говори, ситуацијата на терен бавно се менува.

„Состојбата е можеби и полоша, а постојано се говори за подобрување на билатералните односи, за некаков напредок, а всушност никој не се занимава со теренската активност и со суровите бројки што на терен се наоѓаат. Едно е што декларативно правата постојат, меѓутоа до нивното остварување, многу е далечна таа цел“, дециден е Станчиќ.

Според него, паралелките за изучување на изборниот предмет Јазик и култура на српската заедница, парадоксално, полесно се формираат во хомогените, рурални заедници, додека во градските средини се соочуваат со дискриминација и неволност на директорите да спроведат анкети и да го уважат интересот за изучување на српскиот јазик и култура, честопати од прозаични причини, да не се создаваат нови работни места и сите административни процедури кои произлегуваат од тоа.

Според Станчиќ, и покрај решавањето на црковниот спор, српското население не добило можност за автентична литургија на српски јазик, а великостоинствениците, кога доаѓаат на одбележување на националните празници како денот на Свети Сава, се завлекуваат по протоколи, оневозможувајќи на паствата, макар и во тој единствен ден, да доживее целосна литургија на мајчин јазик.

Тој е критички настроен и кон остварувањето на функцијата вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците на Иван Стоилковиќ, во однос на правата на српската заедница. Земајќи предвид дека 6-7 месеци е сепак мал временски период, Станчиќ е скептичен дека состојбата на терен е поместена од мртва точка.

„Не гледам некои резултати, освен протоколи и одбележување на некои датуми, кое го правеше и претходниот состав на тоа министерство. Не гледам некое значително исчекорување, а не гледам ни некоја визија ниту знаење што е програмата и каде ќе се остварат тие видливи резултати. Така што местото, засега е титуларно добро, покажува некое политичко расположение, меѓутоа тоа не и донесе на српската заедница некое видливо подобрување“, оценува Станчиќ.

Станчиќ не е против на вметнувањето на другите заедници во Преамбулата на Уставот, иако смета дека другите заедници секогаш ги респектираат чувствата по однос на ова прашање на мнозинскиот, македонски народ.

Според него, постои соработка со другите помалкубројни заедници за заедничките проблеми, но и покрај остварената висока комуникација на владино ниво, тоа досега не дало опипливи резултати.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.