Шанса за Центар: Би било срамно Скопје да не биде Европска престолнина на културата во 2028, мора да работиме веднаш

 

Во најновото издание на шорткастот на ИМА „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Даница Павловска – Циги и Зоран Петровски, претставници на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, кои изразија голема загриженост во однос на случувањата околу големиот проект „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

„Таа загриженост не трае од денес, туку можеби повеќе од година дена, затоа што сме свесни за доближувањето на таа 2028 година и неопходноста на навистина поголем ангажман за подготовка на сето она коешто треба да ни биде и чест, и обврска и еден предизвик голем, а истовремено немаме информации, постои една нетранспарентност од сите субјекти кои се одговорни за овој проект“, нагласи Павловска.

Нивната загриженост се должи на очигледната нетранспарентност и доцнење во спроведувањето на проектот, за што веќе сме добиле предупредување и од одборот на Европската комисија. Тие сметаат дека би било жално и срамно да ја преминеме црвената линија и да ја пропуштиме шансата за реализација на овој проект.

„Во меѓувреме, од таа 2023 до денес, односно до пред еден месец, излегоа написи во печатот дека практично стигнало предупредување од страна на одборот којшто е задолжен во Европската комисија за овој проект, дека до сега не се направени потребните чекори, за да се реализираат во фази како што е предвидено во апликацијата“, објасни Петровски.

„Ние знаеме дека сме троми, дека се троми институциите, и дека тоа споро оди. Меѓутоа, ова доцнење е дојдено до црвената линија, очигледно, тоа не сакаме да дозволиме, таа линија да ја пречекориме, би било срамно такво нешто за градот и за сите нас“, истакна Павловска.

Иако скептични на прашањето дали би можело да се создаде критичка маса која ќе направи притисок за успешна реализација на проектот, Павловска верува дека со промоција на проектот може да се создаде енергија што ќе ја придвижи неговата реализација.

„Верувам во граѓанската моќ, но неопходно е подготовка. Да не кажам, директна, сугестивна информираност. Тоа да допре до секој, за да се почувствува дел од заедницата што се вика град. За да почувствува чест да учествува, не само во подготовките, но и во она што ќе се случува 2028 година. Тогаш ќе се создаде таа критична маса, како што се создаде на пример за ГТЦ, па илјадници и долго време го браневме“, смета Павловска.

Петровски и Павловска укажуваат на важноста и на погодноста на проектот за Скопје, но и за генерално придвижување на развојот за целата држава, особено во поглед на меѓународна размена и соработка. Оттука, потенцираат дека нема време за чекање на промена на власта во град Скопје, затоа треба сите чинители и културната фела да се активираат час поскоро и да почнат да работат на реализација на проектот.

„На Скопје одамна му фалат проекти, во вистинската смисла на зборот. Значи, идеја некоја, којашто ќе го води. Ние постојано се судруваме само со негативности, коишто секојдневно не опкружуваат, за таа нефункционалност на градот на сите полиња, и за една општа безидејност, на повлекување на културните институции, застареност, закоченост…“, посочи Петровски.

„Постулатот под којшто тој проект е пласиран – Културата над поделеноста… Суштината на таа порака многу се совпаѓа со континуитетот на живеењето во овој град. Овој град така живеел. Тој бил ниво над она што значи поделеност. И, ако има таква историја, логично е да учествува и да добие свое место во одбележување на таа вистина, таа потреба“, вели Павловска.

Погледајте и слушнете го целиот разговор со претставниците на „Шанса за Центар“ во видео шорткастот „Интеркултура“.