Робови на алгоритмите

 

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Глобалните технолошки олигарси и компании ги контролираат алгоритмите што го обликуваат начинот на кој луѓето го гледаат светот на социјалните мрежи. Дезинформациите, говорот на омраза и други штетни содржини што се објавуваат на нивните системи го засилуваат гневот и ги вртат заедниците едни против други. Забележано е дека на некои од социјалните мрежи се пласираат и промовираат содржини што предизвикуваат дури и самоповредувања и смрт на деца, за што неодамна четири британски семејства го тужеа ТикТок по смртта на четири деца меѓу 12 и 14-годишна возраст, а по ваква трагедија во Албанија, премиерот Еди Рама донесе едногодишна забрана за ТикТок во неговата земја.

Технолошките олигарси и модерни технорентиери, или како што Јанис Варуфакис ги нарекува „новите феудалисти во облак“ (cloud) каде што се нивните сервери, имаат интерес да промовираат најконтроверзни содржини, да стимулираат кавги, закани и навреди на социјалните мрежи, затоа што сето тоа носи поголем промет и сообраќај на корисници (traffic), а со тоа и поголема заработка од рентата преку дигитален маркетинг.

Рентите се неверојатно високи. Амазон на Џеф Безос им наплаќа дури и до 40 проценти рента на компаниите што го користат Амазон за промоција и продажба на своите производи преку интернет. Социјалните мрежи, без никакво сомнение, го земаат најголемиот маркетиншки колач насекаде во светот, а при тоа во многу земји не плаќаат даноци на добивки за огромните пари што ги генерираат.

Со други зборови, технорентиерите, преку нашето присуство на нивните социјални платформи нè ограбуваат, го уништуваат локалниот рекламен бизнис, промовираат штетни содржини и говор на омраза како нивна алатка за уште поголем профит и, како сето тоа да не е доволно, ни го обликуваат начинот на размислување и на гледање кон светот.

Алгоритмите – креатори на „слободата“

Кога ќе се вклучите на некоја од популарните социјални мрежи, вие имате привид дека самите бирате што ќе прочитате. Имате лажно чувство на слобода и избор. Но, постовите и рилсовите (reels-куси видеа) што ви се појавуваат (или што ви ги потклаваат) ги има селектирано алгоритам, делумно според вашите интереси за да ве стимулираат да минувате сè повеќе време на платформите, но секако и според политичките провениенции на грст технолошки олигарси и нивните бизнис и идеолошки агенди. А тоа го потклаваат како слобода на избор и слобода на говор и изразување, додека секој обид за пристојна регулација на содржината (контентот), радикалната десница го етикетира како ограничувањe на слободите и цензура.

Компанијата Мета на Марк Закерберг (Фејсбук и Инстаграм) барем имаше факт-чекери, со кои донекаде се ублажуваше говорот на омраза, ширењето на лажните вести и промоцијата на измамата, но, охрабрена од победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори и назначувањето на неговиот близок соработник Илон Маск – технолошкиот могул кој е сопственик на платформата Икс, Мета дури и нив ги укина во САД.

Нема сомнение дека и претходно немаше доволно регулација на социјалните мрежи и платформи и на интернет контентот. Но, по победата на Трамп, сега се случува агресивна дерегулација и на она малку регулација што постоеше.

Приврзаниците на популистичката крајна-десница се израдуваа на овој потег, кој го оценија како „крај на цензурата“.  Намерно, или несвесно, тие сметаа дека факт-чекерите се тие што го цензурираат контентот и ја ограничуваат слободата и правото на говор и мислење. Повеќето од нив не се свесни дека привидот на слобода на социјалните мрежи е оној што го имаат луѓето во пештерата, кои гледаа само сенки на реалноста во славното дело на Платон „Држава“ и беа убедени дека сенките се стварноста…Се разбира, некои од нив се свесни што се случува и го штитат својот интерес потклавајќи го штелуваниот избор на алгоритмите како „слобода“.

Но, што значи во пракса агресивната дерегулација на контентот на социјалните мрежи и злоупотребата на алгоритмите за промоција на политички агенди?

Неодамна, Илон Маск, најбогатиот човек во светот и сопственик на една од највлијателните социјални платофрми Икс (поранешен Твитер), во жив пренос на оваа платформа ја промовираше кандидатката за канцелар на Германија на екстремно десничарска АФД. Нејзиниот настап го видоа милиони луѓе, благодарение на наместените алгоритми. Се разбира, истите тие алгоритми, можат да се наместат за да има минимална видливост некој, чиј политички дискурс или идеологија не му се допаѓа на Маск. Од една страна, тоа е чиста манипулација. Од друга страна, станува збор за непримерно грубо и безобразно мешање во внатрешните работи на странска држава – Германија, европска земја, од американски милијардер, кој сега е и член на администрацијата на Доналд Трамп, преку негово влијание на социјалните мрежи.

Претходно, тој имаше видлива улога во потпалувањето на расистичките протести во Велика Британија кои зедоа страотен замав. Британскиот регулатор Офком во еден миг се закани со казна од 18 милиони фунти, но за човек чие богатство е проценето на преку 460 милијарди долари, тоа е капка во морето. Маск му се закануваше директно на британскиот премиер Кир Стармер (не може да го поднесе затоа што е лабурист), лажно го обвини дека е заштитник на силувачи и постираше твит на Икс со прашање – дали на Англичаните им треба американска помош за да ја соборат владата на Стармер?! Слични проблеми имаше и левичарската влада на шпанскиот премиер Санчез, кој залудно бараше помош од ЕУ поради прогонот и ширењето лажни вести (групен силувач и педофил) што му го правеше Маск.

Илон Маск, но и други технолошки олигарси буквално ја тероризираат Европа. И за тоа имаат политичка заштита. Марк Закерберг неодамна експлицитно изјави дека Доналд Трамп ќе ги брани американските големи технолошки компании од ЕУ. Американскиот потпретседател Џej Ди Ванс и отворено се закани и порача дека „САД ќе го изгладнуваат НАТО ако ги примени своите правила против платформата ИКС“.

Европа мора да одговори

Европа е меѓу два огна. Русија отворено се вплетка во изборите во Романија која е земја-членка на ЕУ и во Молдавија која е земја кандидат, користејќи ги главно Тикток и Мета. Администрацијата во Брисел и европските земји досега внимаваа на лажните вести и пропагандата лиферувани од Пекинг и Москва и се обидуваа да создадат некакви заштитни механизми од овие токсични влијанија…Но, сега се соочени и со брутална агресија и тотална дерегулација на социјалните мрежи под диктат на милијардерите од Силициумската долина, кои ја имаат заштитата на претседателот Доналд Трамп.

Европа може да ја користи регулативата во оваа сфера, но се плаши од политички реперкусии од Вашингтон и одмазда од Трамп. Некои од водечките технолошки олигарси се членови на неговата администрација, некои градат проекти од стратегиска важност за САД во областа на вештачката интелигенција, како сопственикот на Чат ГПТ Сем Алтман, кој го води проектот Старгејт вреден дури 500 милијарди долари. Сите тие се блиски до Трамп. Пред нешто повеќе од еден месец, американските технолошки олигарси – Џеф Безос, Марк Цакерберг, Сам Алтман, Тим Кук и Сатја Наделa од Мајкрософт му дадоа на Трамп донации од по милион долари само за инаугурацијата, а дел од нив претходно потрошија стотици милиони долари во кампањата на Трамп.

Што би требало да стори Европа? Брисел мора да ја разбие манипулативната машинерија на крупната технологија. И тоа со сериозна и доследна примена на законите, кои ги има на располагање. Инсистирањето на означување на штетните содржини и проверката на факти (факт-чекери) несомнено би помогнало, но и тоа само по себе не е доволно.

Челниците на Мета се одамна свесни дека никакво модерирање на содржини не може да го реши проблемот кој го создаваат нивните сопствени алгоритми. Во интерното истражување што пред две години протече во јавноста се вели: „Никогаш нема да отстраниме сè што е штетно од комуникациските медиуми што ги користат толку многу луѓе“. Во анализата на алгоритамот на самиот Фејсбук од 2016 година се наведува дека 64 насто од случаите на придружување кон екстремистички групи се должат на Фејсбук. А сега, Закерберг најави дека Мета ќе препорачува повеќе политичка содржина на нејзините платформи!

ЕУ би требала итно да направи нешто за заштита на демократијата. Прво, треба радикално да ги забрза правните постапки во согласност со Регулативата за дигитални услуги против користењето на алгоритмите кои ги манипулираат политичките дебати. Доследната примена на тие правила моментално би ги исклучила алгоритмите на крупните техно компании и би ги вратила платформите на златното време (вистинската слобода) пред да се користат алгоритмите. Одлуките за тоа што ќе кажат, што ќе видат и што ќе споделат со своите пријатели повторно би ги носеле самите корисници, а не алгоритмите, или во блиска иднина чат-ботовите и вештачката интелигенција.

Националните власти во Европа треба да преземат сериозни мерки за да ги исклучат алгоритмите на крупните технолошки компании од своите пазари, веројатно со примена на Директивата за аудиовизуелни услуги, пропис на ЕУ кој е во голема мерка занемарен, а кој ги регулира аудиовизуелните содржини, но и со Регулативата за дигитални услуги и Регулативата за дигитални пазари. ЕУ на некој начин чека да пројде бурата во САД и внимава да не ги загрози трансатлантските односи врз кои почива европската безбедност, преку НАТО. Особено во ситуација кога на европскиот континент се води војна во Украина, а стравот од руската закана расте. Но, молчењето пред заканите на силеџиите и неспроведувањето на регулативите, дополнително ја прави слаба ЕУ.

Што (може да) прави Македонија?

Македонија обично чека сигнал од ЕУ како да се постави пред овие крупни предизвици. Последната крупна одлука во оваа насока беше забраната за емитување на руските медиуми кои ширеа дезинформации по почетокот на агресијата на Русија врз Украина. Откако Брисел даде таква препорака за земјите – членки на ЕУ, и македонската Агенција АВМУ се приклучи на директивата од Брисел. Иако одлуката за забрана на емитување секогаш се проблематизира и создава контроверзии, нејзиното носење во земја – членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ не беше политички спорна. Од друга страна, Америка е стратегиски партнер и сојузник на Македонија во НАТО, па од политичка и геостратегиска гледна точка, отворањето „војна“ со технолошките гиганти во САД не е воопшто едноставна работа, а можеби е сосема невозможна. Нештата не може да се гледаат изолирано. Ниту една одлука не може да почива само врз принципите на демократијата, слободата, заштитата на вистината, проверката на факти, заштитата на луѓето од пропаганда. Тие се обусловени од геополитика.

Во ситуација кога Европа молчи и не успева да ја примени доследно регулативата против злоупотребите на американските технолошки гиганти, малата Македонија, во пресметките меѓу големите сили, тешко може да се осмели да биде предводникот во оваа област. Последните најави од Брисел се дека Европската Унија ќе го засили мониторингот врз американските технолошки компании и ќе почне да ја применува регулативата, доколку Доналд Трамп ја реализира заканата за воведување повисоки царини на стоки од Европа.

Станува збор за директен политички пазар. Вистината, и клучните вредности на либералната демократија, како што е правото на слобода и да не ви го мијат мозокот, се премногу скапоцени и значајни сами по себе, за да станат преговарачка алатка на Европската комисија и монета за поткусурување во можната трговска војна меѓу Европа и САД, што ја најавува Трамп со унилатерално воведување царини. За жал, Европа е парализирана од страв од она што се случува од другата страна на Атлантикот. Европската безбедност од 1945 се потпира врз трансатлантското сојузништво, а сега тоа е отворено загрозено. Дотаму што Трамп шокантно изрази територијални претензии врз територија на земја – членка на ЕУ, Данска, односно нејзиниот остров Гренланд.

Македонија не е таа што ќе направи исчекор и ќе бара од големите американски компании да ги исклучат алгоритмите. Но, барем може да го забрза носењето закони и регулација со кои ќе ги стаса земјите – членки на ЕУ.

Но, додека светот е фокусиран врз оваа исклучително деликатна тема која е едно од најважните прашања за демократијата, во Македонија се случува она што отсекогаш се случувало. Партиите прават пазари за да ги „ухлебат“ лојалните партиски кадри. На тој начин ќе се избираат седумте советници во АВМУ, врз очигледен и безобразен партиски договор, без минимум свесност дека во оваа сфера се потребни вистински професионалци, а не партиски лојални кадри, и со директно загрозување на независноста на овој исклучително важен регулатор, доколку некогаш таква независност имал.

Значаен чекор би бил и создавање нов регулатор или сериозно одделение што би се занимавало исклучиво со она што се случува во интернет сферата и социјалните платформи. Таму е најголемото влијание, и од година во година сè повеќе ќе расте. Се плашам дека ова некој не може, или не сака да го разбере.

(авторот е долгогодишен новинар и уредник)

 

—

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.