Пишува: Д-Р СНЕЖАНА ТРПЕВСКА, Институт РЕСИС
Со пакетот регулативи на Европската унија кои влегоа во сила во 2023 и 2024 година, за онлајн платформите кои имаат голем број корисници, се воведоа мошне строги правила со цел да се заштитат корисниците и општеството во целина од бројните негативни последици. Едно од прашањата за особена загриженост е можноста за ширење дезинформации, мисинформации и други видови манипулативни и штетни содржини преку големите социјални мрежи.
За ова прашање клучна е Регулативата за дигитални услуги, но исто така е важна и Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година, со која нашето законодавство се усогласи во јуни 2023 година.
Примарна улога во надзорот над примената на овие регулативи имаат земјите-членки на ЕУ, со поддршка на Европскиот одбор за дигитални услуги. За најголемите платформи надзорот и примената на правилата ќе го врши Европската комисија, заеднички со регулаторот на државата – членка на ЕУ во која е седиштето на платформата. На 13 од вкупно 22 многу големи платформи и пребарувачи, вклучително и Тик Ток, седиштето за Европа им е во Ирска.
Секако, овие регулативи ќе треба постепено да се имплементираат и во земјите кандидатки за членство во ЕУ, но ова е процес со многу отворени прашања и дилеми дури и за земјите-членки на ЕУ кои се многу понапред во регулацијата на онлајн просторот. На нашата земја допрва и претстои работа за хармонизација на домашното законодавство со овие нови регулативи. Се очекуваше овој процес да започне во 2023 година, кога од независен експертски тим беа изработени анализи и беа дадени низа препораки и предлози за измени на медиумските и другите закони. Меѓутоа, измените од јули 2023 година се сведоа само на задоцнетото хармонизирање со Директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година.
Што содржи пакетот регулативи на ЕУ за дигиталните услуги?
Европската унија разви сеопфатен регулаторен пристап кон комплексните прашања поврзани со општествените придобивки од дигиталниот развој, но и со решавањето на низата последици што за европските општества ги носат дигиталните технологии и интернетот. Во стратегискиот пристап со наслов “Европа погодна за дигиталното доба”[i], Европската комисија јасно ја пренесе пораката дека „Европа мора да го зајакне нејзиниот дигитален суверенитет и да постави стандарди, наместо да ги следи стандардите на другите – со јасен фокус на податоците, технологијата и инфраструктурата“. Во пакетот регулативи кои произлегоа од стратегијата на ЕУ за дигитален развој, клучни се Регулативата за дигитални услуги (РДУ)[ii] која за големите платформи започна да се применува уште во август 2023 година и Регулативата за дигитални пазари (РДП)[iii]
Со овие две регулативи се воведоа правила за различни видови дигитални услуги, во кои се вбројуваат: пребарувачи, веб страници, онлајн платформи на кои се споделуваат содржини, онлајн платформи преку кои се купуваат производи, онлајн продавници за софтвер и апликации, платформи преку кои може да се резервираат и купуваат патувања, и низа други видови услуги.
Станува збор за услуги кои имаат огромно влијание врз нашето живеење, бидејќи сé е веќе дигитализирано, се променија начините на кои работиме, купуваме, се едуцираме, се информираме, се забавуваме и, што е особено важно, се вклучуваме во јавната сфера за да влијаеме врз политичките и општествените процеси. Придобивките од овие услуги се многу позитивни, бидејќи ја олеснуваат прекуграничната трговија, отвораат можности за нови деловни потфати и пристап до нови пазари, што го поттикнува економскиот развој. Но, истовремено, тие можат да имаат и бројни негативни последици врз економијата и општеството во целина. На пример, покрај можностите за тргување со нелегални стоки и услуги, голема е загриженоста од манипулативна злоупотреба на системите од алгоритми со цел да се шири пропаганда, дезинформации или други штетни содржини.
Особено е загрижувачки тоа што со дигитализацијата на општеството и економијата се создаде ситуација во која неколку големи (приватни) платформи контролираат важни екосистеми во дигиталната економија и имаат улога на „гејткипери“ кои ги диктираат условите на дигиталните пазари, наметнувајќи свои правила. Тие правила, пак, создаваат нефер услови за бизнисите што ги користат платформите и им оставаат малку можности на избор на корисниците или потрошувачите. Двете клучни регулативи на Европската унија беа донесени токму со цел да ги адресираат овие предизвици, зајакнувајќи ја онлајн безбедноста на корисниците, заштитувајќи ги нивните фундаментални права и создавајќи фер и транспарентно работење на бизнисите на онлајн платформите.
Двете регулативи содржат збир од правила кои се надополнуваат:
- Правилата утврдени во Регулативата за дигитални услуги (РДУ) се однесуваат пред сé на онлајн посредниците и платформите: онлајн пазарите, социјалните мрежи, платформите за споделување содржини, продавници за апликации и онлајн платформи за патувања.
- Регулативата за дигитални пазари (РДП) воведува правила со кои се регулира однесувањето на „гејткипер“ платформите кои функционираат како тесни грла меѓу бизнисите и потрошувачите на важни дигитални услуги. Некои од овие платформи се регулираат и со Регулативата за дигитални услуги, но таму и целта и правилата се поинакви.
Доверливите означувачи во Регулативата за дигитални услуги
Една од главните цели на РДУ е да спречи нелегални и штетни активности на интернет и да се справи со ширењето дезинформации. Постојат голем број обврски кон кои мораат да се придржуваат големите онлајн платформи за да ги исполнат овие цели. Една таква обврска е да дејствуваат брзо кога ќе бидат известени од таканаречен „доверлив означувач“ за нелегална содржина објавена на нивната платформа.
Поглавјето III од Регулативата за дигитални услуги е насловено “Обврски за должно внимание за транспарентна, достапна и безбедна онлајн средина”. Во членот 19 од ова поглавје, се наведени обврските на доверливите означувачи во контекст на механизмите за „известување-и-дејствување“ за нелегални содржини, што мораат да бидат воведени од големите онлајн платформи. Ова значи дека големите платформи имаат обврска да воведат механизам, преку кој самите корисници ќе можат да означат некои содржини како нелегални и да соработуваат со таканаречените доверливи означувачи, надворешни организации кои се овластени за тоа и кои мораат да исполнат одредени услови утврдени во член 19 од РДУ.
Кои кумулативни услови треба да ги исполнат доверливите означувачи:
- да имаат специфична експертиза и компетенции за детектирање, идентификување и известување за нелегални содржини и да биле веќе активни во спроведување активности во тоа поле;
- да претставуваат колективни интереси и да се независни од која било онлајн платформа;
- дејноста да ја вршат на начин со кој се осигурува точно и објективно известување за нелегалните содржини;
- да имаат транспарентни извори на финансирање; и
- барем еднаш годишно да поднесуваат извештај за своите активности и за известувањата по кои постапувале претходната година.
Различни видови организации можат да бидат овластени за надзор над содржините на онлајн платформите: овластени јавни тела, невладини организации, организации на потрошувачи, само-регулаторни мрежи, организации за заштита на авторските права и други субјекти, во зависност од областа за која се врши надзорот.
За да стане некоја организација доверлив означувач треба да аплицира и да обезбеди докази дека ги исполнува сите кумулативни услови. Статусот „доверлив означувач“ се доделува од Координаторот за дигитални услуги што мора да биде назначен со закон во секоја држава-членка на ЕУ и се доделува за период од 2 години, со можност за обновување. Листата на доверливи означувачи во земјите ќе ја објавува и редовно ќе ја обновува Европската комисија, во јавно достапна база на податоци. Овој статус може и да се изгуби, доколку Координаторот за дигитални услуги утврди дека организацијата веќе не ги исполнува условите.
Онлајн платформите имаат обврска да им дадат приоритет и брзо да ги обработат известувањата добиени од доверливите означувачи. Покрај тоа, во своите годишни извештаи треба да го објавуваат бројот на известувања добиени од доверливи означувачи и дејствијата преземени во врска со тие известувања. Она што е важно е дека времето за обработка на известувањата може да варира во зависност од видот на нелегалната содржина, квалитетот на известувањето, како и од техничките процедури за поднесување на известувањето. Но, во однос на отстранувањето содржини со говор на омраза што се дефинирани со закон како нелегална содржина, времето потребно за обработка на повеќето валидни известувања е 24 часа.
Како се одвиваше примената на РДУ во текот на 2024 година?
Антиципирајќи ја заканата од ширењето дезинформации пред европските избори во јуни 2024 година, Европската комисија презеде серија мерки за да ги ублажи системските ризици што можеа да влијаат врз интегритетот на изборите. РДУ влезе целосно во сила на 17 февруари 2024 година, така што беше мошне важно веднаш да се почне со нејзина ефикасна и брза примена. Една од главните цели на РДУ е токму ублажување на ризикот од дезинформации за време на избори, така што Комисијата уште во првите месеци ја надополни Регулативата со упатства, алатки за дојавување, па дури и започна со мерки за нејзино спроведување.
На 26 април 2024 година, Комисијата објави Упатство[iv] во кое препорача низа мерки и практики што треба да ги преземат големите мрежи и пребарувачи пред, за време и по изборните настани: (1) промовирање официјални информации за изборните процеси, воведување активности за медиумска писменост на корисниците, приспособување на системите за препораки и намалување на монетизацијата и виралноста на содржините што го загрозуваат интегритетот на изборните процеси; (2) воведување специфични мерки поврзани со генеративната ВИ, на пример јасно означување и обезбедување веродостојност на содржината од ВИ; (3) соработка со властите и други организации во ефикасната размена на информации пред, за време и по изборите; (4) намалување на влијанието на инцидентите кои би можеле да имаат значително влијание врз исходот на изборите или излезноста; и (5) проценка на ефективноста на преземените мерки после изборите.
Некои позитивни ефекти можеа да се видат веднаш по преземените чекори на Европската комисија. На пример, Google најави дека ќе ги едуцира своите корисници како да ги идентификуваат и избегнуваат дезинформациите, преку серија реклами од 50 секунди што ќе се објавуваат пред изборите во пет европски земји. Во интервју за Тајм[v], објавено на 25 април 2024 година, Бет Голдберг, раководителка на истражувањата во внатрешната единица на Google Jigsaw, објасни подетално дека кампањата на Google е обид да им се помогне на гласачите да ја препознаат манипулативната практика позната како „деконтекстуализација“, со која одреден факт или изјава се извлекува од нивниот оригинален и соодветен контекст.
Меѓутоа, Комисијата покажа и дека е цврсто решена да дејствува кога ќе утврди дека не се почитуваат нејзините мерки и барања. На 30 април 2024 година, беше започната формална постапка[vi] со цел да се оцени дали Мета, компанијата која стои зад Фејсбук и Инстаграм, ги прекршила своите обврски од РДУ. Истрагата, меѓу другото, се однесуваше на сомневањата дека Мета: не применила мерки за спречување или за намалување на ефектите од дезинформациските кампањи, не обезбедила видливост на политичките содржини, и ја отфрлила алатката “CrowdTangle”, која им овозможува на истражувачите, новинарите и граѓанското општество да ги набљудуваат изборите во реално време.
Кои се координаторите за дигитални услуги?
Веднаш по влегувањето во сила на РДУ, сите земји-членки на ЕУ беа должни да назначат и координатори за дигитални услуги, кои ќе ѝ помагаат на Европската комисија во надзорот и примената на обврските од Регулативата. Назначувањето национални координатори за дигитални услуги со полни законски овластувања, е клучен предуслов за примената на РДУ, особено за да можат корисниците во својата земја да поднесуваат известувања за нелегални содржини на платформите и за да се спроведува процедурата за доделување статус на доверливи означувачи во конкретната земја.
Сите заедно, координаторите за дигитални услуги треба да обезбедат РДУ да се спроведува хармонизирано низ сите земји на ЕУ. Тие соработуваат едни со други, со други национални власти, со Одборот за дигитални услуги и со Европската комисија. Нивни клучни овластувања се: да бараат пристап до податоци, да наложуваат инспекциски надзори и да им изрекуваат казни на давателите на посреднички услуги кои се основани на нивната територија. Како што беше спомнато претходно, тие се надлежни за сертифицирање на „доверливите означувачи“ и за телата задолжени за вонсудско решавање спорови.
Во текот на 2024 година, Европската комисија иницираше неколку последователни формални постапки за земјите-членки кои сè уште немаа назначено дигитални координатори. На крајот од 2024 година, од вкупно 27 земји-членки, во 25 беа назначени дигитални координатори[vii]. Во најголем број земји тој статус го имаат регулаторите за комуникации, а некаде тоа се регулаторите за медиуми, регулаторите за заштита на конкуренцијата, за заштита на потрошувачите или за транспортни и/или поштенски услуги.
Комисијата за медиуми на Ирска е дигитален координатор кој има јурисдикција над компанијата Мета и над десетина други големи платформи и пребарувачи. Таа е првото национално тело кое објави Упатство[viii] за тоа како може да се добие статус на доверлив означувач. Според ова Упатство, членките на веќе востановените мрежи на сервиси за проверка на факти (каков што е и сервисот за проверка на факти на организацијата Метаморфизис кај нас), исто така можат да добијат статус на доверлив означувач.
Бројот на сертифицирани доверливи означувачи е сè уште мал!
Само организации со седиште во ЕУ можат да аплицираат за статус на доверлив означувач. Целта е да се осигури овие организации да работат според регулаторната рамка на ЕУ, односно да се обезбеди хармонизиран пристап во справувањето со нелегалните содржини на интернет. Кога една организација ќе добие статус на доверлив означувач, тогаш нејзиниот сертификат е валиден во целата Унија и во однос на која било онлајн платформа, без оглед на местото на основање.
Упатството на Ирската Комисија за медиуми[ix], содржи листа од 60 области на нелегални содржини опфатени со РДУ, кои се движат од повреда на правата на животните до говор на омраза и прекршување на авторските права. Со оглед на ова мноштво разновидни нелегални содржини, беше логично да се очекува дека на листата ќе има голем број подобни организации.
Меѓутоа, речиси цела година по влегувањето во сила на РДУ, оваа листа се состои само од 16 организации[x], а за ниту една не е експлицитно наведено дека има експертиза и овластување за идентификување и известување за дезинформации. Во описот само на една француска организација (e-Enfance) стои дека покрај други видови содржини, следи и содржини кои можат да ја загрозат јавната сигурност. Неколку организации се овластени за содржини штетни за малолетниците и за говор на омраза, неколку за заштита на правата од интелектуална сопственост, а неколку за измами и трговија со нелегални производи.
Ова покажува дека примената на концептот за „доверливите означувачи“, особено во областа на заштитата од дезинформациите, не се одвива лесно. Генерално, идејата за тоа да постојат кредибилни организации што ќе детектираат и пријавуваат дезинформации, говор на омраза или други штетни содржини е сосема оправдана, затоа што тоа е исклучително комплексна и одговорна задача. Користењето на специфичното знаење и експертизата на тимови од истражувачи во некој конкретен домен го зголемува кредибилитетот на поднесените извештаи и ја прави поефикасна и поуспешна постапката на идентификување и отстранување на нелегалните содржини од онлајн просторот.
Всушност, концептот за доверливите означувачи не е нов, со тоа што тие претходно беа избирани од самите платформи. На пример, и YouTube и Google имаат програми односно партнерски организации за означување кои се слични на идејата за доверливите означувачи. Главната разлика е во тоа што тие функционираат врз доброволна основа, според условите на платформата која самата одлучува кои субјекти да ги назначи како доверливи означувачи. Според РДУ, ова овластување му е дадено на координаторот за дигитални услуги, а нивното ангажирање не е на доброволна основа.
Но, зошто листата на доверливи означувачи е сè уште куса? Причините се веројатно повеќе: прво, постапката за назначување дигитални координатори се одвиваше бавно, а некаде сè уште не се назначени или постапката за сертифицирање доверливи означувачи не е дефинирана; второ, граѓанските или истражувачките организации кои имаат експертиза и воспоставен процес за пријавување нелегална содржина имаат ограничени ресурси; трето, потребна е независност од платформите, но некои невладини организации кои веќе имаат мониторинг системи добиваат финансиска поддршка од платформи како Мета, ТикТок, Гугл и други; четврто, отсуство на поддршка – иако некои земји развиваат програми за обука за доверливи означувачи, сепак недостасува поширока поддршка и финансиски стимулации.
Дали Мета ќе ги задржи доверливите означувачи во Европа?
Во почетокот на јануари годинава, Марк Закерберг објави дека неговата компанија планира да го прекине сервисот за проверка на факти со што ќе ги ослабне и мерките за спречување на дезинформациите на Фејсбук, Инстаграм и Теми. Ова беше оценето како обид за придобивање на наклонетоста на Трамп, но и како намера да се зголеми ангажманот на корисниците на сите социјални мрежи на Мета. Факт е дека ширењето дезинформации е профитабилен бизнис за онлајн платформите. Колку попровокативни и пошокантни се содржините што се шират по платформите, толку подолго корисниците се задржуваат на нив. Освен тоа, автоматизираните „системи за препораки“ и алгоритмите што ги користат платформите дополнително им нудат содржини слични на оние што претходно ги гледале корисниците.
Веднаш после објавата на Закерберг, се постави прашањето како Европската комисија ќе реагира на оваа постапка на Мета, доколку тоа се случи и во Европа. Самиот Закерберг не беше доволно прецизен околу плановите на Мета за Европа – велејќи дека „немаат план тоа да се случи веднаш“, имплицирајќи на обврските од РДУ. Познато е дека Мета има мрежа на сервиси за проверка на факти во 130 земји, кои самата ги финансира. Мрежата беше создадена по изборите во САД во 2016 година, поради познатиот проблем со ширењето на лажните вести на Фејсбук за време на изборната кампања.
Што ќе се случи со проверувачите на факти на Мета во Европа сè уште е неизвесно, иако Европската комисија беше категорична во намерата да се обезбеди примена на РДУ, покажувајќи го тоа особено со случајот покренат против „Икс“ на Илон Маск, првото формално обвинение покренато врз основа на РДУ[xi], поврзано со неефективноста на мерките преземени за борба против манипулацијата со информации за време на изборни процеси. Сепак, и после една година имплементација, се покажува дека РДУ не е доволно јасна и има недостатоци, особено во поглед на тоа како треба платформите да работат со доверливите означувачи.
Досега, единствениот коментар на Европската комисија за потегот на Мета беше дека секоја голема платформа ќе мора да „спроведе проценка на ризикот и да ја испрати до Комисијата на разгледување, пред да ги прекине врските со европските сервиси за проверка на факти“. Она што Комисијата ќе го преземе потоа ќе биде клучен тест за примената на РДУ, а можеби ќе влијае и врз однесувањето на Мета ширум светот. Портпаролот на Европската комисија, притоа, нагласи дека работата на независните проверувачи на факти се смета за ефикасен начин на намалување на системските ризици кои произлегуваат од услугите на големите онлајн платформи, вклучувајќи ги особено ризиците од дезинформации за време на изборните процеси.
Улогата на регулаторните тела за медиуми во заштитата од нелегални содржини и дезинформации на онлајн платформите
Како што беше нагласено во воведот, за справувањето со нелегалните и штетни содржини во онлајн просторот, покрај РДУ важна е и ЕУ Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги (ДАМУ) од 2018 година. РДУ во воведниот дел дефинира повеќе видови нелегални содржини: говор на омраза и дискриминаторски содржини, содржини чиешто ширење претставува незаконска активност, вклучувајќи и јавно поттикнување на вршење терористички дела, дела поврзани со детската порнографија и дела поврзани со расизам и ксенофобија. Ова се исто така нелегални содржини забранети на платформите за споделување видеа (ПСВ) со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги.
Покрај тоа, и двете регулативи бараат од онлајн платформите да воведат „Услови и правила“ (У&П) за корисниците, во кои мораат да вклучат и мерки за заштита на малолетниците и на пошироката јавност од нелегални и штетни содржини. Сепак, РДУ поставува многу подетални правила за тоа што треба да содржат У&П, особено во делот на постапката за жалби и процедурите за модерирање на содржините. Натаму, и двата документа бараат идентификување на рекламирањето, но РДУ и за ова прашање наложува построги и подетални обврски на платформите за: физичкото и правното лице во чие име се врши рекламирањето, или кое го плаќа рекламирањето.
„Доверливите означувачи“ се важни за примената на ДАМУ во поглед на заштитата од сите видови нелегални содржини што се споделуваат на платформите за споделување видеа. Директивата наведува повеќе мерки што ПСВ треба да ги преземат за таа цел, меѓу другото и транспарентни механизми за известување и означување на содржините и ефективни процедури за постапување и решавање на жалбите од корисниците. Директивата прецизира и дека мерките треба да се соодветни на видот на содржината, потенцијалната штета, категоријата корисници кои треба да се заштитат, легитимните интереси и права, како и јавниот интерес што треба да се заштити. Клучна улога во оценката на соодветноста на мерките треба да имаат регулаторните тела за медиуми.
Сето ова подразбира дека примената на двете регулативи, за да биде ефикасна, мора да се одвива паралелно, преку соработка на регулаторните тела за медиуми, имајќи предвид дека јурисдикција над големите ПСВ имаат само националните регулаторни тела на земјите каде се тие основани. Соработката на регулаторните тела се одвива и билатерално и преку работата на Групата европски регулатори за аудиовизуелни медиумски услуги (European Regulators Group for Audiovisual Media Services – ERGA). Во јуни 2021 година, Групата на европски регулатори објави документ во кој го изнесе својот став во поглед на поврзаноста на двете регулативи: „РДУ треба експлицитно да предвиди дека на националните регулатори назначени како РДУ органи од страна на земјите-членки за платформите за споделување видеа, во рамките на Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, треба да им се довери, на национално ниво, спроведувањето и примената на правилата од РДУ поврзани со регулацијата на онлајн содржините. На ист начин, РДУ треба да се повика на Групата на европски регулатори и да ја овласти да ја поддржи/обезбедува прекуграничната имплементација на РДУ во однос на регулацијата на онлајн содржините.“
Европската комисија интензивно соработува со Групата на европски регулатори во примената на РДУ. Во доменот на заштитата од дезинформации, во мај 2024 година, во пресрет на европските избори, Комисијата заедно со Групата европски регулатори спроведе кампања за подигнување на свесноста за ризиците од дезинформации и манипулирањето со информации од странски извори[xii]. Покрај тоа, Групата на европски регулатори е активна членка на постојаната Работна група за примена на Кодексот на практики за дезинформациите, кој се трансформираше во Кодекс на однесување според одредбите на РДУ. Со усвојувањето на Регулативата за слобода на медиумите (European Media Freedom Act – EMFA) Групата на европски регулатори во иднина ќе продолжи да работи како Европски одбор за медиумски услуги (European Board for Media Services – EBMS). Колаборативната рамка воспоставена меѓу Европската комисија, Европскиот борд за дигитални услуги и Групата на европски регулатори има за цел да осигури дека онлајн платформите и пребарувачите ќе ги исполнуваат своите обврски за намалување на дезинформациите во европскиот дигитален простор. Во декември 2024 г. Групата европски регулатори го објави својот став за тоа дека „платформите мораат да инвестираат повеќе ресурси на национално ниво … Ова вклучува зголемена поддршка за организациите за проверка на факти и иницијативи за медиумска писменост…“[xiii].
Каде е Македонија во поглед на усогласувањето со пакетот ЕУ регулативи?
Од септември 2022 до декември 2023 година, во рамки на проектот поддржан од Европската комисија[xiv], во земјава започна долгоочекуваниот процес на реформирање на медиумската легислатива. Целта на проектот беше да се анализира состојбата во целиот медиумски екосистем и да се дадат конкретни предлози и насоки за инкорпорирање на европските регулативи и препораки, вклучително и тукушто усвоената Регулатива за дигитални услуги и најавената Регулатива за слобода на медиумите. Процесот го координираше тогашното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), со стручна поддршка на тим од меѓународни и домашни медиумски експерти ангажиран во рамки на проектот.
Според првично зацртаниот план, во првите неколку месеци требаше да завршат сите анализи и истражувања, а потоа, во втората половина на проектната година, да се произведат предлозите за нови закони и да се спроведе широк процес на јавна консултација со сите засегнати страни. На крајот од процесот, надлежното министерство, регулаторното тело и другите институции и организации би добиле низа анализи и документи кои би ја сочинувале новата стратегиска рамка за развој на медиумскиот сектор, како и конкретно разработени предлози за нови закони и за други мерки и активности.
Поради доцнењето на усогласувањето со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година (за кое крајниот рок за земјава беше декември 2022 година, но потоа продолжен до мај 2023 година), проектот беше поделен на две фази: (1) во првата фаза, која траеше до јули 2023 година, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше усогласен со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година; (2) во втората фаза, која започна во март и траеше до декември 2023 година, беа спроведени сеопфатни анализи и широки консултации со спектар од засегнати страни и беа подготвени нови медиумски закони, со цел да се решат сите други прашања важни за темелни реформи и за натамошно усогласување со регулативите на ЕУ[xv].
Меѓутоа, во текот на целиот процес на консултации, и во првата и во втората фаза, експертскиот тим (а, на почетокот и самото Министерство) се соочи со сериозни отпори, несогласувања и напади од претставници Македонската медиумска асоцијација (ММА), во која се здружени приватните телевизии на државно ниво, особено околу прашањето на повторното воведување на праксата на државното рекламирање. Оваа асоцијација, вршејќи голем притисок врз тогашната Влада, успеа да го пренасочи процесот на измени на законите, креирајќи свои законски предлози кои директно ги штитеа комерцијалните интереси на оваа група медиуми. На крајот, и покрај негативното мислење на експертите и противењето на новинарските здруженија и невладините организации, во ноември 2023 година Владата до Собранието поднесе предлог за укинување на забраната за државно рекламирање во аудиовизуелните медиуми, кој беше усвоен од Собранието во февруари 2024 година, непосредно пред да започне кампањата за претседателските и парламентарните избори. Сите други предлози изработени од експертите останаа „во електронските фиоки“ на Министерството за информатичко општество и јавна администрација, сегашно Министерство за дигитална трансформација. Последицата од ова парцијално „кроење“ на медиумските закони во полза на комерцијалните интереси на големите приватни телевизии беше огромната штета на целиот процес на реформи на медиумскиот сектор и повторното доцнење во усогласувањето со европските регулативи.
Препораки за координирана акција во борбата против дезинформациите
Не е можно да се дадат препораки за улогата на различните актери во земјава во ефикасното справување со дезинформациите, вклучително и на „доверливите означувачи“ во земјава, без да се препорача продолжување на процесот на медиумски реформи, кој всушност беше прекинат со „упадот“ на приватните медиуми во креирањето на законите. Оттаму, препораките што ние како истражувачи ги дадовме во последната проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во земјата[xvi], како и во рамки на проектот за медиумски реформи поддржан од Европската комисија во 2023 година[xvii], всушност се релевантни и за ова прашање. Јас овде ќе издвојам само неколку од нив, а посебно ќе ги нагласам и дополнам оние што се однесуваат директно на прашањето што е предмет на оваа анализа – дезинформациите и улогата на „доверливите означувачи“.
Препораки за стратегиската и законската рамка
Јавните власти, во партнерство со граѓанските организации, медиумите и другите чинители, треба да креираат јавни политики, стратегии и механизми за зголемување на отпорноста кон дезинформации и за развој на медиумската писменост, имајќи предвид дека ова безбедносно прашање ја надминува медиумската сфера и подразбира вклучување и заедничко дејствување на сите надлежни државни институции;
Министерството за дигитална трансформација треба да го продолжи процесот на медиумски реформи, врз основа на анализите и предлозите за нови медиумски закони изработени од експертите, како дел од проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“. Сите анализи, мислења и предлози на експертите треба да бидат објавени и доставени до сите засегнати;
Ова подразбира и спроведување нова (трета) фаза на процесот на медиумски реформи, со евентуална поддршка на Европската комисија, во рамки на која ќе се изработат конкретни предлози за усогласување со Регулативата за дигитални услуги и Европската регулатива за слобода на медиумите;
Тргнувајќи од искуствата на повеќе земји-членки на ЕУ, се препорачува улогата на дигитален координатор да ја има националното регулаторно тело за медиуми чија професионална служба има голема експертиза за овие прашања и кое веќе учествува во работата на Групата европски регулатори, што наскоро треба да се реформира во Европски Одбор за медиумски услуги;
Се препорачува, при телото кое ќе биде назначено за дигитален координатор, да се основа постојана Работна група, составена од сите релевантни чинители, која ќе ги координира активностите за борба против дезинформациите;
Телото на кое ќе му се довери улогата на дигитален координатор треба да биде со закон овластено да назначува овластени означувачи и да усвојува посебни упатства и строги критериуми за изборот на доверливи означувачи. Притоа, големо внимание треба да се посвети на ангажирањето истражувачки организации кои имаат солидно методолошко знаење за спроведување истражувања во областа на дезинформациите и мисинформациите;
Јавните власти треба да ја поддржат важната улога што ја игра слободното, независно и професионално новинарство во борбата против дезинформациите, со тоа што во Законот за медиуми ќе предвидат посебен Фонд за плурализам и поттикнување и поддршка на независното и квалитетно новинарство.
Средствата од Фондот за плурализам, како и средствата наменети за партиско-политичко рекламирање за време на избори или за државно рекламирање треба да бидат достапни само за медиумите кои ги почитуваат правилата за транспарентност на сопственоста и кои се придржуваат кон Кодексот за етика на новинарите на Македонија.
Препораки за разоткривање на дезинформациите и за јакнење на професионалните стандарди во медиумското известување
Граѓанските и истражувачките организации кои работат на следење и разоткривање на дезинформациите и другите нелегални содржи во онлајн просторот треба и натаму да продолжат и методолошки да ги зајакнат своите проекти и иницијативи, со цел да се развие кредибилна структура на потенцијални овластени означувачи;
Советот за етика во медиумите треба да продолжи да работи во насока на зајакнување на професионалните и етичките стандарди во известувањето, преку работата на Комисијата за жалби, изработка на насоки и упатства, спроведување обуки за медиумите и за општата јавност и други иницијативи и активности;
Професионалните медиуми треба активно да учествуваат во борбата против сите видови дезинформации, преку зајакнување на уредувачката контрола и проверката на фактите во содржините што ги објавуваат;
Огласувачите и огласувачките агенции треба да се обврзат во своите кодекси дека нема да поставуваат огласи на веб-локации за кои постои сомневање дека шират дезинформации или нема да прифаќаат надомест од извори кои шират дезинформации.
Препораки за развој на медиумската и дигиталната писменост
Медиумскиот регулатор и натаму треба да продолжи да ги координира активностите на различните чинители за развој на медиумската писменост, во рамки на веќе развиената и ефикасна Мрежа за медиумска писменост;
Министерството за образование треба да го вгради концептот на медиумска писменост во стратегијата за трансформација на формалниот образовен систем во земјата и да воведе нови иницијативи за подобрување на способноста на учениците да детектираат дезинформации и да се заштитат од нивното влијание;
Министерството за образование, во соработка со граѓанските организации и приватниот сектор треба да изготви и спроведе програма за бесплатна медиумска и дигитална писменост на различни возрасни групи од населението, вклучително и на ранливи категории граѓани;
Граѓанските организации треба и натаму да продолжат во спроведувањето активности за зголемување на критичката свесност и на вештините за медиумска и дигитална писменост наменети за сите групи од населението.
(Авторката е доктор по социолошки науки и експертка од областа на медиумското право и медиумската политика)
—
Фотографија: ЦИВИЛ Медиа
—
Референци:
[i] Види повеќе: A Europe Fit for the Digital Age.
[ii] Regulation (EU) 2022/2065 of the European Parliament and of the Council of 19 October 2022 on a Single Market For Digital Services and amending Directive 2000/31/EC (Digital Services Act) (Text with EEA relevance).
[iii] Regulation (EU) 2022/1925 of the European Parliament and of the Council of 14 September 2022 on contestable and fair markets in the digital sector and amending Directives (EU) 2019/1937 and (EU) 2020/1828 (Digital Markets Act) (Text with EEA relevance)
[iv] Communication from the Commission – Commission Guidelines for providers of Very Large Online Platforms and Very Large Online Search Engines on the mitigation of systemic risks for electoral processes pursuant to Article 35(3) of Regulation (EU) 2022/2065
[v] Inside Google’s Plans to Combat Misinformation Ahead of the E.U. Elections, Time, 25.04.2024.
[vi] Commission opens formal proceedings against Facebook and Instagram under the Digital Services Act, European Commission, 30.04.2024.
[vii] Digital Services Coordinators, European Commission, 1.02.2025.
[viii] Article 22 Trusted Flaggers Application Form and Guidance, 16.02.2024.
[ix] Article 22 Trusted Flaggers Application Form and Guidance, 16.02.2024.
[x] Trusted flaggers under the Digital Services Act (DSA), European Commission, 1.02.2025.
[xi] Commission opens formal proceedings against X under the Digital Services Act, European Commission, 18.12.2023.
[xii] Commission boosts awareness-raising of the risks of disinformation and information manipulation, 05.06.2024.
[xiii] ERGA Statement on the progress and challenges within the Code of Practice on Disinformation, 12.2024.
[xiv] Работилница „Кон одржлив, разновиден и безбеден медиумски сектор: поддршка на демократијата и плурализмот и во служба на граѓаните“, 12-13.10.2023.
[xv] Примена на Мониторот на медиумскиот плурализам во земјите членки на ЕУ и во земјите-кандидатки во 2023 година, Национален извештај: Република Северна Македонија, 06. 2024.
[xvi] Примена на Мониторот на медиумскиот плурализам во земјите членки на ЕУ и во земјите-кандидатки во 2023 година, Национален извештај: Република Северна Македонија, 06. 2024.
[xvii] GUIDELINES for Public Authorities in North Macedonia on addressing “fake news” and “disinformation”, Project: “EU for Freedom of Expression: Alignment of national media legislation with EU acquis and media standards”, 11.2023.
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.








