Пишува: ФИЛИП СТОЈАНОВСКИ
Проверката на факти е неопходен дел од професионалната новинарска практика, која би требало да биде дел од уредувачкиот процес во секоја редакција како интерна активност. Последните петнаесетина години, како посебен новинарски жанр се издвои јавната проверка на факти, која опфаќа објавување новинарски аналитички содржини со кои се анализира вистинитоста на содржини од јавен интерес. Овој вид проверка на факти го прават и специјализирани сервиси, како што е кај нас Вистиномер, основан во 2011 година од Фондацијата „Метаморфозис“, а може да биде дел од работата на медиумски или аналитички организации, било преку посебни оддели, или како дел од редовната или повремена продукција.
Основна цел на проверката на факти е да помогне граѓаните да носат информирани одлуки во разни животни сфери, врз основа на проверени информации, аргументирани врз основа на факти, презентирани јавно и на начин кој им овозможува и на читателите да ги проверат доказите, на пример со наведување на изворите.
Со цел да се одговори на прашањето „кој ги проверува проверувачите“, сервисите за проверка на факти развија посебна форма на новинарска саморегулација, организирајќи се во мрежи каде членството зависи од исполнување на стандарди запишани во кодекси, кои претставуваат специјализирана форма на новинарски кодекс со обврски за транспарентност и отчетност. Во рамки на тие механизми се врши редовна сертификација – еден вид ревизија на исполнување на обврските од кодексот – на годишно или двогодишно ниво. Така, Вистиномер е сертифициран потписник на кодексот и на Меѓународната мрежа на проверка на факти[i] (IFCN) и на кодексот на Европската мрежа за стандарди за проверка на факти[ii] (EFCSN).
Еволуцијата на жанрот почна со проверка на вистинитост на изјави на политичари и исполнетост на ветувања, вистинитост на објави во медиуми и најпосле, на социјалните мрежи.[iii] Сите тие опфаќаат идентификување сомнителни содржини чија невистинитост може да предизвика штета во општеството, нивна анализа и објавување на резултатите. Во случајот на социјалните мрежи, самите платформи иницираат партнерство со сертифицирани проверувачи на факти (активни и проверени членки на една од мрежите). При тоа, тие имаат можност оценките за вистинитост да ги внесат во софтверот на платформата, по што корисниците кои пристапуваат на оценетата содржина имаат можност да дознаат како таа била оценета и да кликнат на линк до јавна рецензија со која се објаснува оценката.
Кои се главните предизвици во справувањето со дезинформациите на социјалните мрежи во светот и кај нас?
Клучен фактор за спроведување проверка на факти на социјалните мрежи е спремноста на компаниите што ги поседуваат платформите да воведат механизми со кои би ги заштитиле корисниците од разни закани, меѓу кои и дезинформации. Искуството покажува дека големите платформи реагираат на барања за усогласување со законските рамки во најголемите светски економии, како што се САД и Европската унија. Затоа, за помали држави, членството во ЕУ е исклучително важно, а дури и со кандидатскиот статус, преку самата хармонизација на нашето законодавство стануваме компатибилни со тој систем, што носи придобивки од повисоки нивоа на заштита издејствувани колективно.
Така, по 2018 година неколку платформи иницираа програми за партнерства со проверувачи на факти како начин да се усогласат со Кодексот на практики за дезинформациите на ЕУ[iv] (кој се трансформираше во Кодекс на однесување според одредбите на Законот за дигитални услуги) според кој имаат обврски за модерирање на штетните содржини, кои не опфаќаат само дезинформации, туку и обврска за отстранување криминални содржини како говор на омраза и поттикнување насилство (кои се кривични дела и според нашиот правен систем). Во САД, каде нема таква законска рамка, дел од платформите преземаа активности за означување на дезинформациите во текот на пандемијата ковид-19, увидувајќи ја нивната штетност по здравјето на луѓето.
Самата структура на алгоритмите кои преферираат да промовираат сензационалистички содржини што ги злоупотребуваат емотивните реакции за да привлечат внимание и поттикнат што подолго останување и активност во рамки на платформата, наспроти овозможување нивните корисници да имаат пристап до точни и проверени содржини, е основниот предизвик при справување на дезинформациите на социјалните мрежи. Затоа, (не)спремноста на платформите да соработуваат со проверувачите на факти е клучен фактор.
Во нашата земја моментално е активна програмата за партнерство со проверувачи на факти на Мета, компанијата сопственик на Фејсбук, Инстаграм и Тредс. Во некои европски земји се спроведува и слична програма на ТикТок. Но, многу платформи кои ги користат нашите сограѓани не се заинтересирани за воведување таков механизам, препуштајќи ги на милост и немилост на дезинформатори и други измамници.
Во отсуство на механизми за транспарентност и отчетност на социјалните мрежи, граѓаните немаат начин да утврдат дали нешто е дезинформација и дали изворите се доверливи, дали страници и профили што се претставуваат како медиуми или личности се навистина тоа или операции на измамници. Конфузија настанува и кога политичари и други инфлуенсери објавуваат лични мислења на нивни профили што потоа се сметаат како став на институции, што го отежнува процесот на проверката на факти.
Втор голем предизвик е свеста на граѓаните, односно разликата во сфаќањето на природата и функцијата на големите платформи за социјалните мрежи. Многу луѓе ги перципираат како јавни простори, а всушност се приватен простор во сопственост на компании кои ги одредуваат правилата на однесување, правила со кои нивните корисници мора да се согласат. Со кликање на копчето „се согласувам“ (I agree) на договорот за користење, секој корисник на социјалните мрежи презема обврска дека ќе ги почитува нивните правила и се согласува дека ќе ги прифати санкциите наложени од платформата.
Непознавањето на улогата на проверувачи на факти од пошироката јавност, а особено ограничувањата на нивните методологии, наспроти другите функции за модерирање на социјалните мрежи, е резултат на недоволните напори на платформите да ги објаснат детално на своите корисници, што остава простор за забуни и злоупотреба за клевети.
По правило, проверувачите на факти немаат можност да ги отстрануваат содржините што ги оцениле како дезинформации. Тие објави остануваат јавно достапни. Имало случаи кога такви објави биле отстранети од платформите по други основи за прекршување на нивните правила на однесување, како забрани за спамирање, дистрибуција на порнографија, прекршување авторски права, сомнеж за други типови криминал како промоција на тероризам, говор на омраза, закани, поттикнување насилство и онлајн малтретирање. Недоволната информираност на корисниците за тоа како функционираат овие партнерства и што можат и не можат проверувачите на факти, претставува генерален предизвик при справувањето со дезинформации на социјалните мрежи.
Притисоците и нападите од дезинформациски мрежи и инфлуенсери што користат дезинформации се исто така голем предизвик. Тие не се насочени само кон проверувачите на факти, туку посредно служат и како форма на рекет кон сите други корисници на социјалните мрежи. Преку периодични „ловови на вештерки“, тие ги искористуваат фактчекерите како жртвени јагниња за да ги заплашуваат сите други – гледајте што ќе ви се случи ако чепкате во работи кои се прогласени како политички неподобни.
Генерално земено, ниското ниво на доверба во професионалното новинарство е еден од најголемите предизвици, бидејќи проверката на факти е во суштина специјализиран новинарски жанр. Доколку луѓето немаат доверба во демократијата и во демократските институции како новинарството, не ги ни интересираат конкретните резултати. Кај нас ова е поврзано со политизацијата и партиската пристрасност наспроти критичкото размислување. Ова е предизвик бидејќи граѓаните кои имаат можност да ги читаат проверките на факти, често не ги интересираат фактите и аргументите, туку дали одредена содржина одговара на нивни претходно заземени ставови или идеолошки определби.
Каква улога имаат организациите за проверка на факти во справувањето со овие дезинформации? Кои се главните придобивки за граѓаните/публиката од оваа работа?
Главна придобивка од проверката на факти е што на вистината ѝ се дава шанса и ги прави фактите достапни за сите. Работата на проверувачите на факти е јавна, при што секој нивни став треба да биде добро документиран, постепено креирајќи јавен запис (анг. public record) кој има и историска вредност, но и долготрајна применливост како едукативен материјал.
Директна полза од оваа дејност имаат потенцијалните жртви на измами, како и сите личности и фирми за кои се шират дезинформации, сите оние чии ликови и брендови се злоупотребуваат за привлекување кликови.
Дел од дезинформациите постојано се повторуваат, понекогаш во бранови како дел од кампањи, или се рециклираат по слични поводи како при нивното првобитно објавување. Архивите на сервисите за проверка на факти претставуваат брана за таквите дезинформации на социјалните мрежи, бидејќи веќе објавеното разоткривање може да се поврзе со веќе објавено објаснение. Упорноста на новинарите е голема придобивка, затоа што ѝ дава шанси на јавноста да ги осознае фактите и да преиспита и одредени вкоренети неточни ставови и предрасуди.
Tоа што социјалните мрежи не ги отстрануваат објавите означени како дезинформации, туку лажните содржини остануваат достапни и секој може да ги види, заедно со информација дека се лажни и линк кон објаснување зошто се така оценети, овозможува луѓето кои ги објавиле или ги пренеле да ја дознаат вистината.
Важно е и да се знае што не прават проверувачите на факти. Тие не се цензори, ниту може да имаат таква улога, бидејќи самите партнерства со платформите не опфаќаат можност тие да отстрануваат содржини. Платформите кои отстрануваат содржини тоа го прават преку други механизми. За жал, во САД и во други земји, меѓу кои и нашата, од популистичките политички кругови со години се пласираат неосновани обвинувања за цензура.
Исто така, важно е да се земат предвид нереалните очекувања дека проверувачите на факти сами ќе го реши проблемот на дезинформации. Како што посочува Енџи Дробник Холан, директорката на Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN), еден од предизвиците за проверувачите на факти се и критиките дека, како и другите видови независно новинарство засновани на факти, тоа нема ефект. Таа укажува дека тоа функционира, нешто поинаку од начинот на кој претпоставуваат неговите критичари:
„Еве на кои начини не функционира проверката на факти: Проверката на факти не може да спречи индивидуални политичари да добијат или да изгубат избори. Не чука на вратите на гласачите и не може да ги натера да излезат на гласање. Не делува убедливо за луѓето кои гласаат врз основа на своите културни вредности или економски фактори. Не ја врши работата што би требало да ја работат опозициските партии или политички движења.
Она што проверката на факти навистина го прави, а тоа го прави добро, е давање отпор на лажните наративи и спречување да се вгнездат. Тоа е на првата линија на фронтот при документирање материјал за историјата. Гради јавно знаење базирано на докази што може да одолее на политички притисоци. Токму затоа политичарите што се обидуваат да креираат нивни сопствени реалности се борат толку сурово против проверката на факти и токму затоа ги присилуваат технолошките компании и платформите за социјални медиуми да им помагаат,“ пишува Дробник Холан.[v]
Какви последици може да имаат одлуките за прекинување на соработката на Мета (а и други големи платформи) со факт-чекерите?
Основна последица од одлуки за прекинување на соработката на Мета (а и други големи платформи) со факт-чекерите е оставањето простор за поголема изложеност на граѓаните на дезинформации, овозможување на разни профитери да ги манипулираат и да им сервираат лаги на корисниците, кои потоа може да се шират благодарение на алгоритмите на платформите.
Во рамки на соработката со Фејсбук, организациите за проверка на факти по правило им даваат приоритет на вирални лажни информации, измамнички измислици (анг. hoax) што немаат фактичка основа, како и лажни тврдења што може да се докажат а кои се актуелни, кои се дел од растечки трендови и имаат последици врз здравјето и добросостојбата на луѓето.[vi]
Одлуките на Мета за евентуален прекин на соработка нема да имаат никакво влијание на проверките на факти поврзана со објави од политичари или политички партии, бидејќи таквите проверки воопшто не беа оценувани во рамки на партнерството, затоа што според правилата се исклучени од самиот почеток, исто како и мислења и ставови што не може да се проверат со новинарски методи.
Најстрашни и најитни последици се од ширењето на здравствени дезинформации, заради кои некои луѓе би одбивале или одложувале да применат медицински методи од кои буквално може да зависат и нивните животи и животите на нивните најблиски. Ова се случуваше во текот на пандемијата ковид-19, особено откако вакцините станаа достапни. Замавот кој го има антиваксерското движење на социјалните мрежи претставува огромна опасност за здравјето на сите, а особено затоа што „колебливоста за вакцинирање“ овозможува враќање на некои болести кои се сметаа за искоренети, како кај нас така и во светот. Кај нас, на пример, имаме случаи на невакцинирани бебиња и мали деца кои умираат од голема кашлица (пертусис), големи сипаници итн.
Исто така, ќе се отвори простор за ширење дезинформации кои се основа за разноразни измами, бидејќи ќе го нема токму означувањето сомнителни објави со кои се наведуваат корисниците да купат лажни лекови – што исто така може да им го загрозат здравјето, или да отидат на веб-сајтови каде што може да им бидат украдени личните податоци или пари.
Тимот на Вистиномер предупредува дека бројот на детектирани измами во последните 12 месеци е зголемен и голем дел од нив имаат меѓународна природа. Домашните бизниси се нападнати со објави за лажни наградни игри, попусти и слично, кои ги наведуваат корисниците да ги предадат своите лични податоци и пари. Дел од таквите измами се регионални, што се гледа од тоа дека се промовираат со огласи наменети за публики од соседните земји, кои може да се видат од делот за транспарентност на Фејсбук-страниците што ги објавуваат. Тука спаѓаат и измамите за лажни лекови и чаеви и пилули за слабеење, кои преку огласи се промовираат и кај нас и во Бугарија и обратно, или измами со користење на ликови и лаги за наводна смрт на познати личности, од политичари до медиумски ликови и инфлуенсери.
Прекинувањето на соработката меѓу платформите со сервисите за проверка на факти е и безбедносно прашање, оти би овозможило поголемо влијание на пренесувањето на пропагандата од странски недемократски режими, со цел да се подрие демократијата и кај нас, и во светот. Кај нас, на пример, е многу присутно пренесување на дезинформации од Кремљ пренесени и преведени во регионот, кои потоа ги пренесуваат домашни профили. Зголемениот обем на дезинформациите, со кои се зголемува недовербата во институциите на демократскиот систем, ја зголемува опасноста од нарушување на интегритетот на изборите. Во некои случаи тие се испреплетени со вршење кривични дела опфатени со нашиот Кривичен законик, како промовирање на воени злосторства, злосторства против човештвото и негирање геноцид. Исто така, може да се очекува зголемување на дезинформации што може да доведат до насилство. Пример за тоа се дезинформации кои ги шират движењата против родова рамноправност, кои опфаќаат и клевети кон припадници на маргинализираните групи за наводни кривични дела[vii].
Кој и зошто ги напаѓа факт-чекерите со неточни обвинувања дека вршат цензура на содржините на социјалните мрежи?
Нападите врз проверувачите на факти течат на неколку нивоа. Тие прво претставуваат напади против организациите, потоа и лично кон вработените во тие организации, меѓу другото и со закани за физичката безбедност на луѓето и нивните семејства. Трето ниво е оспорување на правото да се проверуваат фактите воопшто, како дел од наративи за идеолошка индоктринација.
Така на пример, важен елемент на кампањата со говор на омраза која започна во ноември 2020 година и која опфаќаше клевети дека персоналот на „Метаморфозис“, како организација што проверува факти, наводно брише патриотски и фудбалски содржини од Фејсбук, беше објавување на лични податоци на вработените, од нивните имиња до колажи со нивни фотографии.[viii] Наспроти тоа што повеќето медиуми што ја објавија првобитната клевета ги повлекоа написите и објавија извинување, а тие што не го сторија беа правосилно осудени за клевета, истите лаги и материјали продолжија да ги повторуваат и реобјавуваат и различни дезинформатори на социјалните мрежи, па и одредени онлајн медиуми.
Освен обиди да се наруши угледот и да се поттикне насилство кон проверувачите на факти, овие напади често имаат идеолошка компонента на оспорување на основните вредности на професионалното новинарство, содржани и во Кодексот на новинарите на Македонија[ix]:
„Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав.“
Таквите наративи го промовираат популизмот како политички пристап, според кој е поважно она што одредени центри на моќ го наложуваат како „вистина“, наместо вистината што може да се утврди преку научни и новинарски методи. Во таквиот свет на орвеловски конструирани реалности, терминот „лажни вести“ се користи со значење „она што не му се допаѓа или не му одговара“ на моќникот. При тоа, токму оние, кои ја сметаат за најголема вредност и алатка за збогатување моќта да се шират лаги наспроти законите и правилата на логиката, се најгласни во клеветење на организациите и луѓето за кои фактите се свети. Од друга страна, истите често глумат жртви.
Во прв ред, имаме политичари или јавни личности кои давале изјави против проверувањето на факти, често преку објави на нивните профили и страници на социјалните мрежи. Дел од нив се функционери, чии изјави или ветувања биле проверувани и врз основа на достапните докази било аргументирано дали се точни или исполнети. Често се работи за политичари од понизок ранг, кои се обидуваат да привлечат внимание и симпатии со лажни тврдења дека се на некој начин онеправдани. Во некои случаи се работи и за политичари кои тајно раководат со медиумски мрежи за манипулирање на јавноста, кои се состојат од нивни медиуми за кои не е објавено кои се сопственици или уредници, десетици анонимни и лажни профили на социјалните мрежи, кои делуваат во содејство со поголем број страници и групи на Фејсбук.
Изјави против проверката на факти имаат давано политичари од двете страни на политичкиот спектар, особено оние кои преку дезинформации промовираат антизападни наративи.[x]
Најекстремен пример е партијата „Левица“, која во својата предизборна програма за Парламентарните избори 2024 година има поглавје за социјалните медиуми, во кое се залага „забрана и криминализирање на таканаречено фактчекерство на социјалните медиуми, на пример вистиномери на Фејсбук..“[xi]. Правно гледано, ваква забрана би претставувала цензура, која е забранета со член 16 на Уставот. Контрадикторно на овие заложби, истата партија беше потписник[xii] на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми, со кој проверката на факти се афирмира како една од клучните дејности во изборниот процес.[xiii]
Во медиумската сфера, најмногу манипулации во врска со проверката на факти се забележуваат кај оние медиуми, чии уредници најмалку ги почитуваат новинарските стандарди. Многу често, медиумите за кои има најмногу одлуки за прекршување на новинарскиот кодекс од страна на Комисијата за жалби на СЕММ, се истите кои иницираат или се придружуваат на кампањите против проверката на факти. Бидејќи уредниците на такви медиуми знаат дека може да одговараат на суд за клевета, за говор на омраза и дискриминација, или за поттикнување насилство, често написите се во поблага форма, засновани на цитати од други извори или напишани на начин на кој потпалувачките пораки се пренесуваат индиректно.
За претходните две групи, како и за разни други „инфлуенсери“ на социјалните мрежи кои себеси не се идентификуваат како политичари или новинари, заедничко им е што проверката на факти ја сметаат за пречка за ширење на нивното влијание, пресметано преку бројот на кликови на нивните содржини или гледања на нивни објави, односно досегот (анг. reach). Затоа и нападите од вакви актери, покрај напади против личниот углед (лат. ad hominem), инсистираат на сатанизирање или исмејување на самиот концепт на проверка на факти, бидејќи колку повеќе луѓето стануваат отпорни на дезинформации, толку помалку „муштерии“ ќе кликнат на нивните сензационални или манипулативни објави.
При таквите напади скоро никогаш нема конкретно оспорување на точноста на содржината на рецензиите, наспроти тоа што во рамки на методологиите за проверка на факти имаат можност да понудат аргументи, според кои ќе биде извршена корекција и на рецензиите и на крајните оценки.
Во рамки на партнерството со Фејсбук има и можност за промена на оценките од страна на фактчекерите, доколку медиумот ја исправи содржината на означениот напис, процедура што често ја користат онлајн медиуми кај нас. Арно ама, таквите медиуми најчесто не се транспарентни кон своите читатели и не објавуваат дека извршиле корекција, ускратувајќи важна информација за својата публика. И, додека во таквата билатерална комуникација се коректни, дел од нив потоа пак шират тврдења со кои ги обвинуваат проверувачите на факти за цензура, иако знаат дека тоа е неточно.
На социјалните мрежи имаме и цел екосистем на манипулатори и измамници, кои се обидуваат да допрат до што повеќе „муштерии“ преку ширење дезинформации од разни области, сметајќи дека оние кои наседнале на еден тип манипулации се погодни за да бидат измамени и на други начини. На пример, имаме разни надрилекари, исцелители или практикувачи на магични практики, како гатање, хороскопи итн., кои објавуваат или пренесуваат дезинформации од областа на здравството, геополитиката или политиката на национално или регионално ниво, често увезени од соседните земји. Сите тие потоа го таргетираат најнаивниот или најочајниот дел од своите следбеници, преку јавни објави и приватни пораки, продавајќи им услуги или производи, како лажни лекови, со кои им извлекуваат солидни суми пари.
Структурата на кампањите за оцрнување на проверувачите на факти станува предвидлива, особено со оглед на тоа што последниве неколку години гледаме периодично повторување на такви кампањи, обично на почетокот на годината, како и во периоди пред важни општествени настани. Обично како повод се користи некоја случка од типот на објава на некој дезинформатор што наводно бил онеправдан, за на таа објава да почнат да се налепуваат коментари, а доколку ескалира и медиумски написи.
Така на пример, во февруари 2024 година таква кампања се погоди со предизборниот период. Неколку локални „инфлуенсери“ почнаа да објавуваат, а фарми на тролови и Фејсбук групи да споделуваат лаги за цензура од страна на фактчекерите, обидувајќи се да вршат притисок и преку повици за насилство. Наводно спонтаните објави секнаа како по команда, откако амбасадорите на земјите на ЕУ и медиумските организации упатија јавен апел до националните институции за истрага. Таквото однесување остави сомнеж за оркестрираност од некој центар на моќ, но резултати од истрагата уште не се објавени.
Оваа година слична кампања почна порано, во јануари, а како повод беше искористена изјавата на Марк Закерберг за прекин на програмата за проверка на факти во САД, по која манипулативно беше декларирана пропаст на проверката на факти низ целиот свет.[xiv] Европската мрежа за проверка на факти по тој повод објасни и дека „поистоветувањето на проверката на фактите со цензурата е лажно и злонамерно тврдење. Проверувачите на факти не „цензурираат“ никого. Нашите членови истражуваат и објавуваат докази за потенцијално лажни тврдења. Отсекогаш била одлука на „Мета“ што да прави со етикетата за проверка на факти за содржината, а не наша“. ЕФЦН потсети и дека до неодамна, пред да подлегне под политички притисок, Мета ја фалела ефикасноста на системот за означување и преку изјави, и преку официјалните извештаи за транспарентност поднесени до ЕУ.[xv]
„Знаеме дека оваа програма функционира и луѓето гледаат вредност во ознаките за предупредување што ги прикажуваме на содржините откако партнерот за проверка на факти ќе го оцени” гласеше соопштението на веб-сајтот на Мета за тоа како функционира програмата.[xvi]
Што треба да се направи за да се подобри борбата против дезинформациите на социјалните мрежи?
Состојбите на социјалните мрежи се одраз на состојбите во целото општество, а тие состојби истовремено од своја страна и влијаат на состојбите во други области. Затоа, за подобрување на отпорноста кон дезинформации е неопходен системски пристап, кој го опфаќа целото општество (анг. whole-of-society approach) со цел за градење култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа, почнувајќи од образовниот систем, односот на институциите и засегнатите страни во сите сектори, како и на семејно и индивидуално ниво. Ваквиот инклузивен пристап беше промовиран во препораките од 11 граѓански организации и академски институции[xvii] што работат на проблемот на дезинформации од различни аспекти, кои во 2023 година покренаа иницијатива за градење национална стратегија за отпорност на штетните влијанија на дезинформациите.[xviii]
Оваа иницијатива за национална стратегија беше прифатена како дел од Годишниот план за работа на Владата за 2024 година,[xix][xx] но процесот беше запрен заради изборите. Во септември 2024 година беше повторно поднесена[xxi] и доби поволна оценка од Министерството за правда[xxii]. Спроведувањето на оваа иницијатива носи важни придобивки за земјата и во рамки на процесот на европската интеграција, бидејќи земјите кандидатки за членство во ЕУ се обврзани да развијат механизми за отпорност на дезинформации во областа на слобода на изразување, а од 2024 година тоа е и критериум во преговарачкото Поглавје 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика).[xxiii] При тоа е важно да се нагласи дека иницијативата за национална стратегија беше посочена како единствен позитивен пример од Западен Балкан за конкретна активност од оваа сфера во рамки на годишните извештаи на Европската комисија.[xxiv] Самиот процес на градење на стратегијата треба да опфати и анализа на влијанието на социјалните мрежи врз различни делови на општеството и вградување на потребите на граѓаните во идните законски решенија што ќе произлезат од неа.
На државно ниво, итен конкретен чекор е усогласувањето на правната рамка на Северна Македонија со Законот за дигитални услуги на ЕУ[xxv] (анг. Digital Services Act – DSA) и особено правилната примена на обврската за одредување „доверливи означувачи“.[xxvi] Со тоа земјата ќе стане дел од заедничкиот европски простор, предводен од ЕУ, што може колективно да влијае на големите платформи и социјалните мрежи да обезбедат поголемо ниво на заштита на корисниците, меѓу другото и од штетните влијанија на дезинформациите. За ова веќе имаме позитивно искуство со примената на Општата регулатива за заштита на податоци (анг. General Data Protection Regulation – GDPR) од 2016 година, заради која платформите ги подобрија своите правила на глобално ниво, а чие вградување во нашиот Закон за заштита на лични податоци овозможи нашите надлежни институции да може поефикасно да ја штитат приватноста на граѓаните, и во рамките на нашиот правен систем и во интеракција со странски фирми.
Сите други општествени чинители имаат можност да придонесат во зголемување на отпорноста на дезинформации на социјалните мрежи.
Тука во прв ред спаѓаат социјалните мрежи, кои би требало да потпишат договори за соработка со фактчекерите.
Државните институции имаат улога и во образованието и на новите генерации, заедно со родителите и наставниците, за што е неопходно што побрзо спроведување на процесот на воведување на медиумска и дигитална писменост во образовниот систем.
Медиумите може многу да придонесат со зголемена соработка со проверувачите на факти, користејќи ги нивните материјали и предупредувања да им помогнат на своите публики да не бидат измамени.
Компаниите од приватниот сектор, кои ги користат придобивките од проверките на факти со кои се демаскираат измами со нивните брендови, исто така имаат можност да земат активна улога. На пример, преку форми на поддршка за граѓански организации што работат на отпорност како дел од нивната општествена одговорност, а и како огласувачи – со воведување етички норми при избор на медиуми на кои им плаќаат за рекламен простор.
Дезинформациите му штетат на целото општество и секој може да биде жртва, но и да придонесе кон сузбивање на нивното влијание.
(Авторот е директор за партнерство и развој во Фондацијата Метаморфозис задолжен за активности за градење отпорност на дезинформации, медиумска и дигитална писменост)
Фотографија: Ванчо Џамбаски
—
Референци:
[i] IFCSN Code of Principles. IFCSN
[ii] Code of Standards. EFCSN.
[iii] Проверка на факти на социјалните мрежи. Рубрика на Вистиномер.мк
[iv] The 2022 Code of Practice on Disinformation, European Commission
[v] The Case for Facts. Nieman Reports, Angie Drobnic Holan, 10 февруари 2025
[vi] Content fact-checkers prioritize, Meta Transparency Center, 10 мај 2024
[vii] Уметник објавил своја слика од кога бил дете, антиродови движења го пријавиле за педофилија, 360 степени, 20 февруари 2025
[viii] Говорот на омраза против Метаморфозис останува неказнет: „Да ги стреламе или дома да им носиме посмртни венци?“, Мета.мк, 7 декември 2020
[ix] Кодекс на новинарите на Македонија, Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ („“)
[x] Левите и десните во Северна Македонија „братски“ ги шират антизападните дезинформациски наративи, Вистиномер.мк, 9 јануари 2025
[xi] Партиите само бегло ја спомнаа борбата против дезинформациите во своите изборни програми. Вистиномер.мк, Мирослава Симоновска, 23 мај 2024.
[xii] Пристапување кон кодексот. izborenkodeksonline.mk, АВМУ
[xiii] Кодекс за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми, АВМУ, Септември 2023
[xiv] Проверката на факти е ефикасна во борбата против дезинформациите и таа не е цензура, ЕФЦСН/Метаморфозис, 8 јануари 2025
[xv] Regulation (EU) 2022/2065 Digital Services Act Transparency Report for Facebook, Meta, 25 октомври 2024
[xvi] How Meta’s third-party fact-checking program works, Meta, 1 јуни 2021 (моментално недостапно, линкот води кон зачувана копија на Archive.org)
[xvii] Препораки за заедничка акција за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите, Фондација Метаморфозис, Мај 2023
[xviii] Иницијатива: Креирање на Национална стратегија за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите, Одделение за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Фондација Метаморфозис, 20 септември 2023
[xix] Известување од Генерален секретаријат. Одделение за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Фондација Метаморфозис, 25 октомври 2023
[xx] Известување од Министерство за одбрана. Одделение за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, 23 октомври 2023
[xxi] Предлог- иницијатива: Креирање на Национална стратегија за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите. Одделение за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Фондација Метаморфозис, 20 септември 2025
[xxii] Известување од Министерство за правда, Одделение за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, 15 октомври 2025
[xxiii] Disinformation narratives inciting Euroscepticism in Western Balkans, POINT Conference, Dalio Sijah, 27 јуни 2024
[xxiv] North Macedonia Report 2024, European Comission, 30 октомври 2024
[xxv] Кон усогласување на правната рамка на Северна Македонија со Законот за дигитални услуги на ЕУ, Фондација Метаморфозис, 2024
[xxvi] Улогата на ‘доверливите означувачи’ во заштитата од дезинформациите и другите штетни содржини на социјалните мрежи. Институт за медиуми и аналитика ИМА, Снежана Трпевска, 20 февруари 2025
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.








