На панел – дискусијата на ИМА „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“, Емилија Петреска – Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), зборуваше за надлежностите на Агенцијата во регулирањето на аудиовизуелните содржини споделувани преку големите онлајн платформи и усогласувањето со европските регулативи што се однесуваат и на дезинформациите и на штетните содржини пласирани преку социјалните мрежи.
Таа посочи дека медиумската регулатива кај нас веќе ги опфаќа и инфлуенсерите што споделуваат видеа на онлајн платформите и од тоа остваруваат економска добивка, а со правилникот што треба да го донесе Агенцијата до средина на оваа година, се прецизираат критериумите за тоа кои инфлуенсери ќе бидат предмет на законска регулација.
„Самиот акт е прилично прецизно и концизно направен. Јасно е објаснето внатре кои се тие седум критериуми коишто ќе треба да ги исполни одреден субјект за да биде предмет на регулација. Па, да речеме, треба тоа да е медиумска услуга која се нуди на платформа за споделување видеа, од која што се остварува економска добивка, односно се остварува економска услуга, што значи дека може да се работи или за плаќање или за некаков друг вид…Понатаму, треба да има уредувачка одлука. Значи, некој да носи свесни уреднички одлуки за тоа што ќе говори, што ќе објавува. Основната цел на целата услуга или на засебен нејзин дел да биде да информира, забавува или да образува. Да е посветена на обезбедување програми коишто се наменети за општата јавност. Значи не, како што кажав на почетокот, еден мал круг луѓе. Понатаму, тоа да биде нелинеарна услуга, што всушност значи да може да има каталог на содржини од коишто секој од нас во момент којшто сам ќе го избере ќе одлучи што ќе гледа, што ќе слуша. И програмите да бидат достапни преку електронски комуникациски мрежи“, објасни Петреска – Камењарова.
Петреска – Камењарова зборуваше и за истражувањата кои ги спроведуваат за нивото на медиумска писменост кај нас. Користејќи примери од последното истражување кое се фокусира на младите од 14 до 17 години, таа укажа на важноста на развивањето на вештини за критичко размислување кај нив за препознавање на дезинформациите.
„Ги прашавме што е насловот „Шокантно, погледнете што се случуваше вчера во Скопје, бидете подготвени (ВИДЕО)“. 53% препознаа дека станува збор за наслов-јадица, не е мал процентот, ама 22% сметаа дека станува збор за објективно информирање, 17% не знаеја што е, 8% мислеа дека е тоа нечие мислење…Како ги препознаваат фактите од мислењата? – 55% знаат дека Втората светска војна завршила во 1945 година, 48% дека Земјата е трета планета од Сонцето, ама 35.6% мислат дека е факт дека кучето е најдобриот пријател на човекот… Ова истражување нѝпокажа дека оваа група млади граѓани дава општествено очекувани одговори…сосема нормално за фазата на развој во којашто се наоѓаат, и дека е токму тоа моментот кога многу треба да работиме со нив за да ги оспособиме за критичко размислување, да ја развиеме нивната критичка свесност, за да можат да ги препознаваат дезинформациите“, потенцираше Петреска – Камењарова.
Во оваа дискусија учествуваа и д-р Снежана Трпевска – Институт РЕСИС, Светлана Сиљјаноска – консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации и Филип Стојановски – Фондација Метаморфoзис, а модератор на панелот беше Петрит Сарачини, претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Мила Стаменова Бурнс








