На панел – дискусијата на ИМА „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“, Светлана Сиљјаноска, консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации, се осврна на опасностите од тргањето на проверувачите на факти и модерацијата на содржините од големите социјални мрежи, особено за ранливите групи на граѓани.
„Со тргањето на модерацијата на содржината на Мета, правиме 10 чекори назад. Сега жртвите на содржините на социјалните мрежи ќе треба да ја бараат правдата низ судските патишта, коишто кај нас секогаш се далеку поспори, и далеку потешко доаѓаат. Тие бараат предуслови да имате правни познавања, да имате средства за да можете да ангажирате правни лица, коишто ќе помогнат во барањето на таа правда и, честопати, во отсуство на соодветната дорегулација може да потфрлат. И, тоа беше случајот кај нас со ‘Јавна соба’…Јас исто не сум фан на пререгулација, затоа што не верувам дека може со пререгулација да се постигне било каков позитивен напредок. Меѓутоа и отсуство на целосна регулација остава простор да добар дел од граѓаните бидат незаштитени“, истакна Сиљјаноска.
Таа посочи дека иако граѓаните кај нас се свесни за постоењето на дезинформациите, сепак многу лесно подлегнуваат на дезинформациски кампањи и теории на заговор на социјалните мрежи, и објасни како и за кои цели се пласираат овие штетни содржини.
„Кога разговараме за дезинформациите, особено на социјалните мрежи, многу е важно да разбереме дека разговараме за кампуси. Едниот кампус е демократски кампус којшто сака да го заштити демократскиот начин на владеење и функционирање, и едниот којшто е антидемократски и којшто се труди да го подрие, уништи итн… Сфаќаме дека постојат и мрежи, и координирани групации, коишто вршат неавтентично делување. И ова неавтентично делување е честопати скриено под превез на анонимни профили, на анонимни групи, коишто се честопати и во временски и во физички дел длабоко искоординирани, и коишто имаат конкретни цели. Во нашиот случај или во нашата земја, тие се, скоро без исклучок, врзани со евроатлантската интеграција, и секојпат кога имаме политички моменти во земјата, за коишто треба да се влијае на јавното мислење… Воедно, вредно е да се напомене дека ваквите групи користат алго-јазик. Алго-јазикот е јазик со којшто можете вешто да опишете група којашто сакате да ја навредите или кон која што сакате да промовирате говор на омраза, без да ги употребите експлицитните зборови за да не може вештачката интелигенција да ве означи“, објасни Сиљјаноска.
Во оваа дискусија учествуваа и м-р Емилија Петреска Камењарова – Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), д-р Снежана Трпевска -Институт РЕСИС и Филип Стојановски – Фондација Метаморфoзис, а модератор на панелот беше Петрит Сарачини, претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Мила Стаменова Бурнс








