Салиу во „Интеркултура“: Ако се има добра намера, животот на Ромите може да се подобри за две години 

 

Во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостин е д-р Шабан Салиу, министер за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 во Владата на Северна Македонија.

Во првиот дел од разговорот, министерот Салиу најпрвин ја претстави Стратегијата што е плод на Берлинскиот процес, односно произлегува од Познањската декларација, а нејзин најдиректен имплементатор е германското МНР. Тој рече дека нејзиниот модел се препорачува на сите земји од Западниот Балкан и Туркије и дека тој е национален координатор и контактна точка за македонската верзија на стратегијата, при што нагласи дека е единствен министер Ром од овој регион, кој е одговорен за имплементацијата. Стратегијата опфаќа осум области битни за инклузијата и секојдневното живеење на ромската заедница: образованието, културата, домувањето, граѓанска регистрација, намалување на сиромаштијата, борбата против дискриминацијата и сл.

Салиу потенцираше дека по одредени дилеми околу номинацијата на раководните функции, Координативното тело конечно е формирано на 14 јануари 2025 и дека е подготвено да го забрза спроведувањето на оваа стратегија. Тој појасни дека во телото се застапени 12 министерства и тие имаат обврска да спроведуваат активности и на национално, и на локално ниво. Негов приоритет е да инсистира секоја институција да обезбеди навреме буџет и да ги имплементира зацртаните активности. Бидејќи Стратегијата е дел од меѓународен процес, според Салиу тоа е и еден вид индиректна обврска во процесот на евроинтеграцијата, бидејќи извештаи за напредокот се поднесуваат на шест месеци и постои присен мониторинг.

„Од поодамна знам и имам такви информации дека овие парични средства, кои се за спроведување на стратегијата, се спроведувале по други некои намени. На пример, Ром живее во некоја населба, на едно место, а на другите страни во една општина има ромски населби со лоша инфраструктура, без водоводна инсталација, она канализациски мрежи, и така натаму, но таму имало некој Ром, некои општини за себе тоа си го прават и таму ги финансирале поголем дел од средствата“, посочи Салиу.

Според него, досега не е направено доволно за интегрирање на Ромите. „Она што се прави за ромската заедница, и порано и сега, не е доволно да ги интегрираме во институциите на системот и во нашата држава. Јас очекувам од оваа влада да направи нешто поконкретно за ромската заедница“, категоричен е Салиу.

„Ние не дојдовме од Марс, овде плаќаме и комуналии и даноци и некои други работи, го полниме буџетот, треба повратно да се врати и да се инвестира кај ромската заедница. На сите нѝ е познато дека ние сме најсиромашни, со многу лошо образование, со живот во супстандардни живеалишта, на маргините на општеството, без никакви средства и така натаму, повеќето од социјалната помош која што не е доволно за да може четиричлено  семејство, како што има анкети, да се прехрани. Ја барам помошта од сите, и од медиумите, од секој добронамерен граѓанин, кој е хуман, кој е поштен, кој мисли добро и за своите деца и за децата кои можеби синоќа без лепче легнале, плачејќи во своите постели. Да помогнеме на ромската заедница!“, апелира Салиу.

Тој како одличен пример го посочи потегот на Шпанија да ја прогласи 2025 за Година на Ромите во поглед на нивна интеграција. Според Салиу, потребни се системски, законски решенија а не инцидентни акции.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.