На панел – дискусијата на ИМА „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“, Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфoзис зборуваше за развојот на жанрот на проверка на факти во новинарството, улогата во борбата против дезинформациите на социјалните мрежи, како и предизвиците со кои се соочува оваа дејност.
Стојановски посочи дека еден од предизвиците е тоа што јавноста нема доволно информации за тоа што претставува проверката на факти. „Проверката на факти е еден посебен жанр на новинарството, којшто всушност произлегува од она што е нормална основна новинарска практика, во согласност со сите кодекси, да се оди во потрага по вистината, за на граѓаните да им се обезбедат јасни информации и точни, коишто се од јавен интерес… Практично, самиот начин на конструкција на тие проверки на факти не е потрага по некаква апсолутна, религиозна, сеопфатна вистина, туку онаа вистина што може да се пронајде преку новинарски методи или се базира на науката“, истакна Стојановски.
Според него, овој недостиг на информации за проверката на факти се користи од одредени центри на моќ, кои многу често со лаги и клевети погрешно ја претставуваат како цензура, што е дел од еден поширок тренд на прогласување за цензура на сите форми на модерирање на социјалните мрежи, а притоа врз проверувачите на факти се префрла одговорноста и за сите други форми на модерирање.
„На пример, во 2020 година имаше една случка по една натпревар, во којшто играше нашата репрезентација. Некои луѓе на Фејсбук објавувале пиратски снимки од натпреварот…коишто Фејсбук автоматски ги отстранува, бидејќи имаат алгоритми со коишто детектираат дали има прекршување на авторски права. Веднаш потоа отстранувањето на тие снимки беше искористено за почеток на една кампања против Метаморфозис, против Вистиномер, и против индивидуалните луѓе коишто работат таму, дури и луѓето коишто немаат никаква врска со проверка на факти. Беа злоупотребени нивни лични податоци и фотографии за да се обвинат за цензура, што врска нема со дејноста“, посочи Стојановски.
Воедно, тој укажа дека дополнителен предизвик е тоа што самите алгоритми на социјалните мрежи не ги фаворизираат точните содржини, туку фаворизираат содржини коишто прават поголем ангажман (engagement) на корисниците.
Но, Стојановски потенцираше дека главниот предизвик во борбата со дезинформациите и другите штетни содржини е губењето на довербата во новинарството. „Враќањето на довербата во новинарството и другите демократски институции би овозможило луѓето да почнат што повеќе да работат и на градење на медиумската писменост кај себе и во општеството, за да може да ги препознаат овие типови на манипулации, а проверката на факти е практично во тој случај едукативен ресурс којшто им помага“, заклучи Стојановски.
Во дискусијата учествуваа и м-р Емилија Петреска Камењарова – Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), д-р Снежана Трпевска – Институт РЕСИС и Светлана Сиљјаноска – консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации, а модератор на панелот беше Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Мила Стаменова Бурнс








