Во шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Искра Гешоска, долгогодишна граѓанска активистка и предводник на Независната културна сцена, за состојбите во овој сектор од современата култура. Тие дебатираат за неразбирањето од културните власти, немањето поддршка, за прекарните услови во кои творат припадниците на сцената, но и за малите изолирани успеси.
Гешоска го коментира и „пеперутка ефектот“ на прекинувањето на поддршката за граѓанскиот сектор што ги застапува правата на маргинализираните заедници и борците за сексуални и родови права, кое неодамна се случи во администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Таа смета дека ситуацијата е загрижувачка, и покрај тоа што нема директно да ги засегне независните творци во културата, но ќе направи пренасочување на и онака малите ресурси и дополнителен притисок врз овие приоритетни полиња за општествено дејствување.
Иако се согласува дека независната културна сцена има одредени слабости, за Гешоска сепак главната вина за лошата состојба во секторот е во неразбирањето на културните власти за значењето и бенефитот што сцената ја носи со себе.
„Немањето слух за значењето, политичко и општествено, на независниот културен сектор е основно непознавање, базично непознавање, на современите читања на културата и на културните политики. Знаеме независниот културен сектор што значи за едно општество, дека тој е оној двигател на демократизирачки процеси воопшто во читањето на културата. Тој ја симнува од пиедестал елитната култура и ја става на едно живо рамниште. Тој е оној што е мобилизиран да создава едно поинакво ново културно наследство. Така што, ако кој и да е министер или министерка ако не ги познава значењата на независниот културен сектор, тоа значи дека не треба да биде министер или министерка“, категорична е Гешоска.
Алаѓозовски и Гешоска разговараат за регионалната соработка, за позитивните успеси на нивните колеги од Хрватска, но и за соработката којашто доведе до создавањето на хибридната институција Центар Јадро, во соработка со Општина Центар.
„Трагедијата на оваа земја е всушност тоа што локалната самоуправа е нефункционална. Овој мал, изолиран, успех, би го нарекла, можеби има и во други области некои мали, такви изолирани успеси, не знам, покажува дека е време, крајно време, да се стави акцент на локалната самоуправа. Она што го формиравме, повторно со менторство на нашите колеги од Хрватска, се нарекува нов модел, пионерски модел, на институција, граѓанско-јавно партнерство каде што е споделена, значи одговорноста но и ингеренциите се споделени. Клучно е моделот на управување што го носи со себе оваа институција, а тоа е дека, не може никако, партиски да се местат, директори, нели славната приказна, партиското мешање во раководните структури, па со тоа и во програмските структури. Овдека, организациската структура и програмската е автономна, и покрај тоа што општината е партнер“, објаснува Гешоска.
Како добитничка на Гете медалот за постигнувања во културата, Гешоска беше во посета на Чиле. Сумирајќи ги тамошните искуства, ја посочува Латинска Америка како добар пример и за земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Според неа, она што недостасува кај нас, го има токму во Чиле, каде што државата „масивно и масовно“ ја поддржува независната сцена, со поддршка и до 85% од потребните ресурси, без притоа да се меша во нејзините програмски основи.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.








