Во најновото издание на шорткастот „Интеркултура“ на ИМА, Роберт Алаѓозовски разговара со Јана Михаилова, граѓански активист за правата на влашката заедница, за ситуацијата на оваа малцинска заедница во државата, во поглед на остварување на човековите права.
Михаилова зборуваше за неодамнешната промоција на книга за културата и обичаите на Власите насловена „Панорама на влашките обичаи и ритуали“, финансирана од Министерството за култура и туризам, за која организирале три промоции во три града, и оттаму го коментира интересот кај влашката заедница за подобро запознавање и практицирање на нивните традиционални обичаи и ритуали за најзначајните моменти во животот на секој човек.
„Во последно време можам да кажам дека во Македонија е сé помал интересот на влашката заедница за активирање, за вклучување во активностите поврзани со остварување на основните човекови права. Има многу мал број на здруженија – за разлика од порано кога имаше 22 влашки здруженија, сега се активни околу 5-6. Меѓутоа, тоа што ме радува…е дека на овие три промоции во Скопје, Битола и Штип, можевме за забележиме дека постои голем интерес кај влашката популација да се активираат, да се инволвираат во овие активности, да допринесат за подобрување на ситуацијата на влашката заедница во поглед на зачувување на влашкиот јазик, културата, традицијата, обичаите и сé она што е специфично за влашката заедница. Тоа особено го почувствувавме во Штип, место каде што навистина има голема концентрација на Власи меѓутоа подолго време нема ниту едно активно здружение“, истакна Михаилова.
Михаилова зборуваше и за Конвенцијата за унапредување на правата на Власите донесена од Советот на Европа, и колку таа конвенција помогнала за унапредување на правата на влашката заедница кај нас и во другите земји каде живеат Власи.
„Македонија се одвојува во однос на сите тие држави. Дури и пред да се усвои овој документ, Препорака 1333 од страна на Советот на Европа, во Македонија голем дел од тие барања што беа поставени како препораки од страна на Советот на Европа веќе беа реализирани. Така што уште во 1991 година Власите во Македонија се признаени како посебен народ, со Уставот. Понатаму, Македонија е единствената држава во светот која дозволи, значи каде што има регистрирано две влашки политички партии. Понатаму, Македонската национална телевизија е единствената национална телевизија во светот која емитува емисии на влашки јазик… Од 95-та година започна и факултативното изучување на влашкиот јазик. Од 2008 тоа изучување факултативно прерасна во изборен предмет, така што уште пред 97-ма, пред донесување на овој документ во Македонија голем дел од тие права беа реализирани. Во однос на останатите земји, за жал можам да кажам дека многу малку или можеби речиси ништо не е направено…“, оцени таа.
Но и покрај задоволителното ниво на официјализација и озаконување на правата на Власите во државата, Михаилова заклучува дека тие права многу тешко се реализираат во пракса.
„Работата е во тоа што и кога се бориме ние за нашите права, факт е дека во Македонија речиси сите права на Власите се гарантирани со закон и со Уставот. Меѓутоа, проблемот е што во пракса многу тешко се реализираат. Тоа сега гледаме дека не е случај само со влашката заедница, и останатите немнозински заедници. Тоа во пракса во нашата држава функционира веќе подолго време, многу тешко во пракса се имплементираат и се почитуваат законите и тоа е она што на нас нѝ недостасува, тоа е она за што се бориме…Така на пример, дадено е правото да се изучува влашкиот јазик, како изборен предмет Јазик и култура на Власите од 3-то до 9-то одделение. Меѓутоа, за таа настава до сега се испечатени од страна на Министерството за образование само учебници од 3-то до 9-то одделение. Значи, овде нас нѝ недостасуваат и друг наставен материјал, дидактички материјал, нови наставни програми, обуки за наставниците…“, објаснува Михаилова.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.








