Елвис Шаќири: Има тенденција на зголемување на сегрегацијата на ученици Роми во основното образование

 

Во најновото издание на шорткастот на ИМА „Интеркултура”, Роберт Алаѓозовски разговара со Елвис Шаќири, извршниот директор на „Ромалитико“, едно од најрелевантните здруженија на граѓани за подобрување на животот на ромската заедница во Северна Македонија. Тие разговараа за имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, ограниченоста на мандатот на политичките претставници на ромската заедница, за дискриминацијата, сегрегацијата и предрасудите, но и за проектите и резултатите на „Ромалитико“ во надминување на проблемите со кои се соочуваат Ромите и други важни теми за заедницата.

„Ромалитико“ го фацилитираше процесот на донесување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, а сега како граѓанско здружение ја следи и нејзината имплементација, подготвувајќи секоја година извештај во сенка. Според Шаќири, иако стратегијата остварува резултати, тие се минимални и не можат многу да влијаат врз општото подобрување на состојбата на ромската заедница.

Според него, парите кои се одвојуваат пред сè во делот на образованието и домувањето се незначителни и остануваат на исто рамниште секоја година, при што имало и години кога и планираните средства недоволно се реализирале. Од аспект на вработувањето, образованието и здраството, Шаќири смета дека постојат и трендови на зголемена дискриминација, стигма и предрасуди. Според неговите проценки, десет проценти од целокупното невработено население е од ромска национална припадност.

„Процентот на невработеност кај самата заедница е доста висок, и во делот на здравство сè уште имаме проблем со пристапот до примарна здраствена заштита, стигма, дискриминација по здраствените институции…во делот на образование, нели, случаите со сегрегација во општините. Ако во минатото имавме само во Битола, се појавува сега во Прилеп, Штип, па и некои други општини, така да имаме некоја тенденција на зголемување на сегрегацијата на ученици Роми во основното образование“, смета Шаќири.

Една од причините за немањето поголем исчекор е и расцепканоста на ромските политичари во повеќе партии, поради што тие не може да издејствуваат добра преговарачка позиција за подобрување на ромската заедница и поголем буџет.

„Ромската заедница на почетокот имала една или две партии, можеби така било поконцетрирано ромското гласачко тело. Меѓутоа, во изминатиов период ние бевме сведоци на регистрирани повеќе од десет политички партии. Од една страна тоа е можеби демократски, меѓутоа од друга страна го расцепкува гласот на ромската заедница и, всушност, таа расцепканост, ромските политичари не можат, кога преговараат да издејствуваат некоја, да речеме, политичка позиција, којашто, нели, директно би работела кон подобрување на ромската заедница или пак да би можеле да издејствуваат поголем буџет“, вели Шаќири.

Коментирајќи го затворањето на американската агенција УСАИД, тој вели дека тоа имало негативни ефекти врз нивното работење, но дека тоа ќе го надополнат со апликации и соработка со други фондови и донатори. Сепак, тој ја истакнува важноста на соработката со УСАИД и постигнатите резултати.

„Со УСАИД направивме значителен напредок во смисол на визибилни резултати кај самата ромска заедница. И морам да ги споменам, на пример, ние по триесет години успеавме да осветлиме ромски маала, значи, за првпат после триесет години одредени ромски маала добија јавно осветлување, успеавме да осветлиме некаде околу петнаесет километри улици во ромски средини. Тука морам да кажам дека допринос имаше и ромската дијаспора, асфалтиравме некаде околу четири и пол километри улички, реконструиравме некаде околу дваесет и седум улици во дваесет општини, реконструиравме градинки, училишта, мислам, дека беа некаде околу десет објекти, поставивме вода и канализација некаде во должина од еден километар“, посочи Шачири

Погледајте и слушнете го видео шорткастот „Интеркултура” со гостувањето на со Елвис Шаќири, извршниот директор на „Ромалитико“, едно од најрелевантните здруженија на граѓани за подобрување на животот на ромската заедница во земјава.