Георгиевски во „Интеркултура“: Проблем е што културата се сфаќа на партиско ниво како поткусурување

 

Во вториот дел од разговорот со Роберт Алаѓозовски во шорткастот на ИМА „Интеркултура”, Ѕвездан Георгиевски, како долгогодишен уредник за култура, се осврнува на состојбите со развојот на културата и интеркултурализмот во нашето општество.

Правејќи паралела на културата во минатото и денес, Георгиевски мисли дека сепак, во смисла на резултати, културата денес е подобра од претходно, главно поради талентирани поединци. „Малку е парадоксално. Не сме подобри во некаква организираност на културата, напротив. Подобри сме во производите, во артефактите. И тоа благодарејќи на големи таленти што ги имаме. Благодарејќи на нивното залагање, на нивните напори, а не на државниот систем или општествениот систем“, нагласи тој.

Георгиевски цени дека клучните проблеми во културата денес се недостигот на стратегија и недостигот на континуитет во развојот на културата кои оневозможуваат пробив на нашите културно-уметнички таленти на глобалната сцена.

„Тој недостиг на стратегија…тој недостиг на тоа што сакаме да направиме од културата. Значи, голем проблем е што културата се сфаќа на партиско ниво како поткусурување…Од 1991 до 2025 ние имаме можеби 20 и кусур министри за култура…Кој година, кој година и пол, ретко кој 2 години да помина. За тој период ти и не можеш да направиш своја визија, не можеш тим да создадеш околу тебе. Второ, ние сме, не само во културата, секаде, таков некој табиет. Кој како дојде почнува одново. Ништо што е направено до тогаш не се признава. Не можеш да ја градиш куќата нон-стоп одново па да ја изградиш“, потенцира Георгиевски.

Говорејќи за интеркултурата, односно односот кон културата на различните малцински заедници во земјата, Георгиевски смета дека како општество сме на многу ниско ниво на меѓусебно разбирање и толеранција кон различностите, па оттука и тешко е да се зборува за некаква интеркултура.

„Трагично ми е чувството. Прво, на етничка основа. Исто тоа е еден од моите порази да кажам, јас не ја знам културата на Албанците што живеат во Македонија. Не знам кои се нивни поети. Не се преведуваме, не се читаме, не ги учиме јазиците…Во некоја длабинска смисла, не се обидуваме да се разбереме. Ние не живееме заедно, ние живееме едни покрај други. Што се однесува за другите осетливи групи…кој е односот на традиционалниот Македонец према ЛГБТИ. Каков е, 18-вековен да кажам, или негде афрички некаков. А за луѓето со посебни потреби ние немаме смисла ни да направиме рампи брате по тротоариве, да им олесниме. Ние сме страшно неосетливи кон малцинствата“, објаснува тој.

Георгиевски зборува и за разликите во новинарството порано, кога постоеле сериозни редакции кои покривале култура, со денешните услови, кога едвај неколку новинари ги следат состојбите во културата, за проблемот со културното новинарство кое не е од интерес на медиумите затоа што не е лукративно, но и недостигот на критика на уметноста и културата во медиумите.

Погледајте и слушнете го и вториот дел од разговорот на Роберт Алаѓозовски со Ѕвездан Георгиевски во видео шорткастот на ИМА „Интеркултура”.