Во вториот дел од разговорот со Роберт Алаѓозовски во шорткастот на ИМА „Интеркултура”, професорката Мирјана Малеска се осврнува на прашањето за евроинтеграциите на државата, политичкиот дискурс за идентитетот и важноста на одржување на добрососедските односи.
За евроинтеграциите, Малеска смета дека нема изгледи да се откочи процесот бидејќи оваа власт не покажува голема желба да се приклучиме кон ЕУ.
„Во крајна линија би рекла, едно избегнување да се приклучиме кон Европска унија…Нешто се лути на европскиве политичари. Дека тие нешто премногу бараат од нас, ние колку сме дале, ние колку сме жртвувале, а тие ете, не нѝ возвратиле, итн. На некој емотивен и личен план сето тоа го префрлаат. Мислам, во крајна линија и немаат некоја претерано голема желба да се приклучиме кон Европската унија. Тие критериуми што ги бара Европска унија, Поглавја, принципи…сето тоа нешто мислам дека им изгледа и тешко и сложено и, на крајот од краиштата, им ја подрива власта. Бидејќи она што го бара Европската унија е почитување на законот и борба против корупција“, оценува Малеска.
Според Малеска, сé додека оваа влада има мандат, прашањето за промена на Уставот, односно внесувањето на бугарското малцинство во Уставот ќе се избегнува и одложува, бидејќи власта има страв од ревизија на историјата.
„Не е најголем проблем ниту внесувањето на бугарското малцинство за власта. Има еден друг поголем проблем, а тоа е работата на историската комисија, односно преиспитување на историјата на земјата. И тоа е она што е коска во грлото…Секако постои страв, и донекаде е и оправдан, дека македонскиот национален идентитет можеби со ревизија на историјата да ја наречам, дека ќе се разниша евентуално, и донекаде тој страв би рекла дека е оправдан, бидејќи национализам во Бугарија има и тоа силен национализам, како што има и овдека…“, објаснува Малеска.
Што се однесува до прашањата околу идентитетот и политичкиот дискурс околу оваа тема, Малеска посочува дека идентитетот го имаме и не е проблематичен, па оттука фокусот треба да биде на опстанокот на државата, со која ќе можеме да го надградуваме нашиот идентитет.
„Зборувањето на вистината е од најголем национален интерес. Па сега, каква и да е, да се соочиме. Бидејќи имаме своја држава, имаме свои институции, имаме можност да го градиме тој идентитет и натаму, и да го развиваме. Ние еве имаме свој идентитет. Нашиот идентитет е познат, Македонци, зборуваат македонски јазик. Културни институции имаме. Имаме веќе литература зад себе и други достигања во другите области во уметноста. Значи, многу е битно според мене државава да опстане, државава да не биде доведена во прашање. Зошто држави настануваат, ама држави и пропаѓаат. Не е нешто ново тоа. Зашто ние мислиме дека нам не може да ни се случи, не знам. Тоа е за мене централното прашање, да државата опстане, да функционираат институциите и тоа е начин да се зацврсти. Така и се градел македонскиот национален идентитет, кога се создаде по Втората светска војна национална држава, македонска“, укажа таа.
Погледајте и слушнете го и вториот дел од разговорот со Мирјана Малеска во видео шорткастот на ИМА „Интеркултура”.








