Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА со Петрит Сарачини, гостин е Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми. По повод 3 мај – Меѓународниот ден на слобода на медиумите, тие разговараа за најновиот Индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници, во кој земјава бележи пад од 6 места после постојан напредок во последните 7-8 години, и за главните причини што влијаат на загрозување на медиумските слободи.
Според Георгиевски, иако овој пад не е претерано загрижувачки, тој се должи на доминацијата на дезинформациите, финансирањето на медиумите и уште неколку причини кои се глобална болка. „Генерално – истите проблеми што беа во 2023 беа и во 2024 и не гледам тука некаква особена промена. Ситуацијата во медиумската сцена помалку или повеќе е иста, со тоа што во одредени делови се гледаат трендови за некаква консолидација“, оценува Георгиевски.
Тој се осврна и на притисоците, заканите, како на недоличното однесување на носителите на јавни функции кон новинарите, коишто од Репортери без граници беа посочени како едни главните причини за загрозување на слободата на медиумите во земјава.
„Тоа се случува и политичарите така се однесуваат затоа што им се може. Затоа што тие на сé претпоставувам гледаат како на некаков однос на моќ, и во тој однос на моќ со институциите и новинарите тие сметаат дека ја имаат моќта и можат на новинарите и да им пререкуваат, да ги игнорираат, да ги караат…Новиот момент тука, којшто не е толку нов, е што сето тоа се префрлува после на социјалните мрежи. И, не знам дали ќе успееме однесувањето на политичарите да го промениме. Јас би сакал тие да се однесуваат малку поодговорно нели и кон својата функција и кон јавноста и кон сé. Проблемот е што за тоа не постои никаква казнивост, освен казнивост на избори“, објаснува Георгиевски.
Иако постојат механизми за заштита на новинарите, како што се измените на Кривичниот Законик каде што нападот врз новинар се третира како напад врз службено лице, ретко кога се гледа некаква завршница на таквите случаи, па оттука и новинарите се обесхрабруваат да пријавуваат повреди на нивните права и слободи.
„Она што е проблем кај нас традиционално е таа некаква култура на неказнивост што се гледа и во случајот на новинарите. Тие што нападнале, многу ретко гледаме завршници правни… Многу од ЗНМ затоа велат дека таа листа е мала, затоа што многу новинари не пријавуваат напади, особено сите не пријавуваат тоа што се случува на социјалните мрежи, нели клетви, пцуења, закани, итн., затоа што не очекуваат некаква позитивна завршница… Реакцијата на институциите кај нас досега главно отсуствуваше, во таа смисла тоа да се испроцесира брзо, да се најдат докази, да се ислушаат сите страни, да се види и тоа да добие некаква правосудна разврска, во еден или во друг правец. Меѓутоа ние многу ретко стигаме и до таква правосудна разврска“, заклучи Георгиевски.
Георгиевски зборуваше и за Законот за медиуми, регулацијата на онлајн медиумите, волјата за реформа на медиумските закони и усогласувањето со европските закони, дигиталната иднина на информирањето, слободата на изразувањето и влијанијата во новинарството.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во двата дела на видео шорткастот „Што има ново?“.








