На јавната дебата „Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“, Искра Гешоска, која веќе 30 години активно работи во склоп на Независната културна и уметничка сцена во земјата и меѓународно, се осврна на улогата на културата и уметноста, особено во контекст на денешните политички и социјални предизвици.
„Каква е улогата? – Мислам дека се знае. Уште од 20тите години на минатиот век јасно е со авангардата, во уметноста и во културата, јасно е дека се зазема културата за една политичка позиција…Е сега, од тогаш па еве после 100 години, каква е улогата во нашето општество и во нашата држава. Она што е тажно е дека навистина, се чини, наместо да се оди чекор понапред, нели во независна Македонија, всушност се враќаме некаде пред 20-тите години од минатиот век…Сé уште се смета културата за нешто коешто би требало да служи, еве најбанално да кажам, за разонода. Никако не се разбра значењето на културата како политички агенс, како еманципаторски агенс, како демократизирачки агенс, како субверзивен и критички агенс“, објаснува Гешоска.
Како застапник на ставот дека културата е простор на политички отпор, Гешоска ги коментираше и причините зошто уметничката и културна сцена не е ефективна во создавањето слободни и автономни зони на заедништво и делување.
„Е сега, дали ние можеби доволно исто така не знаеме да се самоорганизираме како што треба. Зборуваме постојано за автономни зони, но не знаеме да ги негуваме. Јас мислам дека сепак не научивме вистински да се здружуваме… Јас така мислам, ја барам вината во себе, еве. Не научивме да правиме стабилни платформи. Ама, сето тоа на крајот од денот пак има врска и со прекарната наша позиција. Со економската позиција, особено на независниот културен сектор, бидејќи сега настана огромна разлика помеѓу институционалната култура и оваа вонинституционалната, односно независната, затоа што тие имаат синдикат, имаат некаков колективен договор… Како да имаме сега една огромна класна разлика помеѓу луѓето коишто ја создаваат културата и не можеме на исто рамниште веќе да разговараме, живееме во различни светови и не можеме целосно да се поддржиме, заедно да создадеме солидарна зона“, истакна Гешоска.
На јавната дебата, која се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, говореа и Мања Величковска и Роберт Алаѓозовски, а модератор беше Тијана Спасовска. Овој настан беше дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.
—









