Во вториот дел од разговорот со Петрит Сарачини во шорткастот на ИМА „Што има ново?”, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска се осврна на трагичниот пожар во Кочани кој откри долгогодишна системска корупција, на недостатокот на транспарентност на институциите и потребата од зајакнување на интегритетот и етичкото однесување на носителите на јавни функции.
За неодамнешната трагедија со пожарот во Кочани, Ивановска ја коментираше изјавата на обвинителот Коцевски дека 13 години во кабарето „Пулс“ не бил извршен инспекциски надзор и дека тоа упатува на долгогодишна корупција во работењето на ваквите локали.
„Што сакате вие повеќе од информацијата дека токму таму, во тој кабаре клуб, како што нели официјално е регистриран, таму се собирале челници и од позиција и од опозиција и прославувале одредени, нели, радости да кажам…И сега, кај ќе дојде инспекцијата?!… За жал, на тој начин се оневозможува работење на системот. Ние, во претходниот состав, не сме го разгледувале проблемот за конкретно оваа дискотека, меѓутоа работевме предмет којшто се однесуваше на скопските локали и дојдовме до заклучок дека и покрај тоа што одредени локали не ги исполнуваат сите услови, продолжуваат со работа. Значи инспекторите констатираат, тие си продолжуваат со работа. И дадовме, нели, препораки до соодветните институции, меѓутоа тоа не беше сфатено како што треба…Едноставно, системот е угушен!“, истакна таа.
Покрај неопходноста од транспарентност на јавните институции и интегритет кај носителите на јавните функции, Ивановска го споменува и зајакнувањето на ресурсите на Обвинителството и судството како клучни во борбата против корупцијата.
„Прво – институциите коишто се за борба против корупција, коишто треба да откриваат и да гонат, како што е Обвинителството, судството, коишто постојано се жалат дека немаат соодветно ресурси, дали било материјално-технички, дали било човечки. Тука треба Владата да излезе од својот борч и да им ги овозможи тие услови. Највеќе можеш некому да му запреш да не работи ако му даваш многу задачи, а не му даваш можност тоа да го направи, односно не му даваш услови. Нашите обвинители се наоѓаат во таква ситуација…“, објаснува Ивановска.
Сепак, таа цени дека најдобро може да се избориме со корупцијата преку лични примери на интегритет и етичко однесување на носителите на јавни функции.
„За еден носител на јавна функција да не дојде во ситуација, да не дојде во морална дилема, дали ќе се подведе на својот личен интерес или интересот на блиско лице или не знам на партиски интерес итн. Значи за да не се подведе на таков интерес треба, пред сé, да размислува на јавниот интерес и на интересот на граѓаните. А за да го направи тоа му треба висока етичка свест. Без етичка свест ние немаме морален компас во општеството…Значи мора да расте, да се зајакнува етичката свест“, заклучува Ивановска.
Погледајте и слушнете го и вториот дел од разговорот со Билјана Ивановска во видео шорткастот на ИМА „Што има ново?”.








