Хазири во „Интеркултура“: Власта да не ги крати стекнатите јазични права

 

Во најновото издание на шорткастот на ИМА „Интеркултура”, Роберт Алаѓозовски разговара со Лулзим Хазири, извршниот директор на Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ) од Гостивар, едно од најрелевантните здруженија на граѓани во полето на децентрализацијата, интеркултурализмот и развојот на демократијата во Северна Македонија. Тие разговараа за состојбата со јазичните права на Албанците, двојазичноста, интеркултурализмот, меѓусебното преведување и запознавање на двете литератури, владините политики кон различноста и националистичките тенденции.

Хазири оценува дека властите во сите овие години имале променлива и неуверлива политика на општествена кохезија. Според него, малку се вложува во политиките на управување со различноста, а без посериозна поддршка не може да се остварат трајни резултати.

„Државата да се фати малку посериозно со оваа проблематика. Зашто, колку повеќе избегнува да гради општество каде што сите граѓани ќе се чувствуваат рамноправни спрема законот, дотогаш ќе нема социјална кохезија во државата. Имало, во триесетгодишната историја на земјата, да се почне нешто такво, го спомена концептот на Едно општество за сите, кој сепак требаше да се вгради, да биде поприфатлив за сите. И, така, почнуваат иницијативите и застануваат. Јас сум сведок на Струшките вечери на поезијата. Почна и албанскиот јазик поизразен да биде, но со промената на власта се брише сето тоа што се ствара како практика. Оваа политика на зиг-заг мерки не е продуктивна и затоа секогаш ќе имаме социјална некохезија, недоразбирање и непознавање на другиот“, смета Хазири.

Според него, политиката ги потхранува националистичките сентименти и негативните стереотипи за другите, најчесто од сомнителни причини.

„Политиката е главниот кривец што овие разлики добија негативна конотација. Наместо да се форсираат овие разлики да имаат позитивна конотација, повикувајќи се на историскиот тек на животот во оваа земја, политиката изгледа за да ги прикрие своите националистички идеи, своите клептомански политики и слични работи, го повикува своето членство на таков вокабулар, а се заборава, или се гледа пежоративно на овие, што ние цело време ги збориме – мултикултурализам, интеркултурализам, за двојазичност итн.“, оценува Хазири.

Тој е изненаден од тврдите монолингвални ставови на помладата генерација, но смета дека тие ставови не се автентични, туку се под влијание на постарите генерации, од семејството до школскиот систем. Според него, нема да има вистинско прифаќање на интеркултурноста без системски промени насочени кон промена на таквите ставови. Затоа, Хазири смета дека политиките треба да бидат насочени кон младите, затоа што постарите генерации потешко ги менуваат стекнатите предрасуди.

„Во јавни дебати, со младиве, кога доаѓа темата на двојазичноста, на познавање на јазикот на другиот, се чудам како млади, средношколци и студенти, се повикуваат на тоа – ние немаме потреба од учење на албанскиот јазик. Ние го имаме загарантирано нашето право на јазик, го имаме македонскиот јазик и нема никаков механизам што ќе нè тера да го учиме јазикот на другиот. Значи, тоа не е нивно мислење. Повеќе ценам дека тоа е мислење на нивните родители, тоа е мислење на нивните професори, кои наметнуваат вакво размислување и кај младите, што е трагично. Да живееш во една средина што е различна, да работиш со други етнички заедници и да не го знаеш јазикот на другиот, тоа веќе не е лингвистички проблем, тоа е политички проблем. Одбивање на учење на јазикот на другиот. Ние како Албанци сме билингвална нација. Во Македонија знаеме македонски и албански, во Албанија знаат италијански и грчки. Нема човек кој не знае два јазика“, вели Хазири.

Според него, обостраното преведување на литературите треба да се зголеми и тоа ќе доведе до подобро запознавање со културата и менталитетот на двата народа, но вели дека тоа преведување треба да е квалитетно, од професионалци и да има соодветна рецепција од критиката, промоција и пласман. Во таа смисла, тој смета дека употребата на јазиците во државата треба да се унапредува, а не да се скратува.

„Не е првпат во поновата историја на Македонија да се најде јазикот во такво искушение. Албанскиот јазик бил дискутабилен секогаш и неприфатен од страна на разните политички партии. Се направи еден напредок во последните неколку години, уште повеќе после Рамковниот договор и, сега одеднаш…не знам ни Албанци кои ќе прифатат нивните јазични права да се ускратат. Створена е една генерација на граѓани која се навикна на тој статус на јазикот и кои чекаат унапредување на истиот. Секое назадување е незадоволство кај граѓаните, кое немам слика како ќе се одрази…Албанските граѓани го гледаат овој атак врз јазикот, кој треба да престане. Мислам дека оваа власт која се труди да ја среди државата, во нивната борба против корупцијата и сличните недостатоци во општеството, мислам дека влегува во еден голем ризик ако почнува да ги крати овие уставно загарантирани права“, нагласи Хазири.

Погледајте и слушнете го разговорот со Лулзим Хазири во видео шорткастот „Интеркултура” на ИМА.