На јавната дебата „Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“, Мања Величковска, млад истражувач и културен работник, активна во Коалицијата Маргини и Независната културна сцена, се осврна на случаите на говор на омраза и дискриминација на ЛГБТ, квир и феминистичките уметници, на кризата на солидарност и на потребата да се заземе критички став кон институциите коишто прават дискриминација и исклучување на одреден тип уметност и уметници.
Величковска најпрвин потсети на студијата што таа заедно со Сара Миленковска и Грација Атанасовска ја работеле за говорот на омраза насочен против уметниците и културните работници што се занимавале со феминистички и квир тематики во своите дела и работа. Истражувањето открило дека последиците се далекусежни во однос на изложувањето на нивните дела во јавните и културните институции и на нивното творештво.
Таа ја обвини власта и сегашното Министерство за култура и туризам дека прави цензура и системско исклучување на ЛГБТ и феминистичката уметност:
„Институционална цензура и системско исклучување кое што не е административен пропуст или некоја техничка грешка, туку е конкретно насочено кон исклучување на одредена група на луѓе, во овој случај на оние коишто се ЛГБТ или опфаќаат теми коишто се квир или се занимаваат со феминистичка уметност. Најскорашен пример е дека на последниот конкурс на Министерството за култура и туризам, не беа финансирани Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, како и Фестивалот за квир теорија и култура и уметност „Скопје Прајд викенд“. Така што, многу е очигледна тенденциозноста на финансиските политики на министерството“.
Величковска смета дека зацврстувањето на културниот прекаријат и нормализацијата на дискриминацијата директно потекнува од системската поставеност на институциите, од изворите на моќ од каде што доаѓаат овие политики, кои ја зацврстуваат стигматизацијата и говорот на омраза, трансфобичната и хомофобичната култура кај нас.
Во продолжение, таа посочи неколку примери на говор на омраза насочен кон уметници и културни работници коишто организирале настани со такви тематики. Такви примери се говорот на омраза кон библиотекар од НУБ „Свети Климент Охридски“, кој организирал предавање на тема ЛГБТ и јавните библиотеки, бојкотот на издавачката куќа Полица заради нејзината поддршка на Парадата на гордоста и објавувањето на дела од францускиот писател Едуар Луи, како и говорот на омраза при затворањето на изложбата „Горчлив шеќер“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.
„Случајот со Јовановиќ ескалираше така што не само тој, туку и кураторите од Музејот беа нарекувани мрднати, манијаци, педофили, болни. Јовановиќ тоа го карактеризираше како „лудило и тотална хистерија“. Според интервјуата дадени од квир уметниците коишто и самите се занимаваат со квир уметност може да се заклучи дека тие се чувствуваат непожелни и исклучени од јавниот живот на земјата. Тие признаваат дека се подложуваат на „неподнослива самоцензура““, рече Величковска во своето излагање.
Според неа, треба да постои солидарност кај самите културни работници, посебно од независната сцена во случаи на немање поддршка за овие клучни манифестации, и дека таа не треба да зависи од позицијата на удобност, односно од тоа дали сме или не сме поддржани финансиски од Министерството. Нереагирањето ги прави организациите сојузници во дискриминацијата. Таа тоа го нарече „криза на солидарноста“.
„Финансирањето и пружањето некаква финансиска поддршка од страна на институцијата те прави и сојузник во тоа. Сите ние коишто сме биле финансирани, а не сме реагирале кога наш пријател или колега од секторот е финансиран или ја губи поддршката, сме некои сојузници во тоа. И мислам дека тука се отвора прашањето на тоа колку сме ние ок да бидеме јасен непријател на оваа власт…Некои луѓе, им е незгодно во таа позиција, им е незгодно да бидат критички, им е незгодно да бидат гласни, им е незгодно да реагираат кога е потребно да се реагира. И мислам дека и тука има кршење на солидарноста и кршење на овозможувањето на солидарноста да се случи воопшто ако сме удобни во одредена позиција кога сме ставени во тој момент на поддршка“, нагласи Величковска.
Според неа, позицијата на солидарноста и сојузништвото е тесно поврзана со социо-економките услови на уметниците и културните работници.
„Мислам дека е поврзана со платеноста на трудот и со тоа кој после одредени моменти останува да твори тука и колку заработуваме, и мислам дека тоа е и социо-економско прашање и е и тоа како поврзано со прекаријатот, условите, приуштливоста и т.н.“, заклучи Величковска.
На јавната дебата, која се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, говореа и Искра Гешоска и Роберт Алаѓозовски, а модератор беше Тијана Спасовска. Овој настан беше дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.
—









