На јавната дебата „Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“, Роберт Алаѓозовски, кој ја имал можноста да ги искуси двете позиции, како културен активист и припадник на независната сцена, и на институционално лидерство како поранешен министер за култура, ги сподели своите погледи за границите и можностите за системска промена во културата во нашата земја.
Осврнувајќи се на неговото искуство во раководењето со Министерството за култура после Шарената Револуција, Алаѓозовски го посочи отпорот на политичките противници, но и недостатокот на нов ригорозен фронт за спроведување на реформите, како клучни кочници за посакуваните промени.
„Ние се најдовме во специфичен момент, 2017 година кога и независната сцена учествуваше во таканаречената „Шарена Револуција“ и ние дојдовме во позиција, нели, да влијаеме врз власта за да се спроведат политиките. Меѓутоа, треба да сме свесни дека тоа не беше момент на политичка победа во којашто победникот со своите сфаќања и концепти ќе направи некаква промена, туку тоа беше еден агонистички момент, во којшто доаѓањето на новите тенденции беа дочекани со голем отпор од страна на политичките противници… Без разлика што ситуацијата не беше чиста, победа на поинаквото, на новото, на другиот дух – во таа ситуација веројатно можеше да се направи нешто. За да се случи вистинска промена, требаше да има, да речеме, еден нов управен систем којшто ригорозно ќе ја спроведеше промената“, објаснува Алаѓозовски.
Иако со надежен импулс по Шарената Револуција, Алаѓозовски цени дека и волјата за правење промени, особено кај оние што влегоа во институциите на системот се намали и оттука отпорот кон промените надвладеа.
„И без резолутна, постојана, мобилизирана, и во таа смисла и агонистичка намера да се смени ситуацијата, одеднаш отпорот на статус – квото на некој начин надвладеа и, кога не се случи промената суштински и длабоко и сé се сведуваше тук-таму на неколку комбинации или top-down политички структури…Во еден таков амбиент се најде и независната сцена, во којашто претпоставените реформи, стратегијата којашто беше донесена немаше имплементација, новиот закон се развлече и стана непрепознатлив затоа што секоја нова постава во раководството на Министерството за култура го разводнуваше концептот на законот, за на крај инертните или оние маси коишто беа против новите промени или статус квото, на некој начин надвладеаја“, истакна тој.
Коментирајќи го намалувањето на и онака недоволната поддршка за независната културна сцена од страна на Министерството за култура и туризам, Алаѓозовски смета дека единственото решение за воспоставување праведен и долгорочен систем за финансирање на независната културна сцена е тој процес да се води низ механизмот на интерпарламентарни групи, за да може да опстои покрај промената на властите во земјата.
„Има неколку начини на коишто се случуваат пак промените…Веројатно примерот во Хрватска, каде што една прогресивна структура се избори за стратешка поддршка на независната сцена, беше прифатена од новите власти, значи тие тоа не го чепнаа, односно го оставија, односно тоа е политиката – до каде јас застанав, ти продолжуваш. На некој начин, можеше да има и таква позиција, поддршката којашто претходно беше или да се задржи или пак, зошто да не, дури и да се надогради. Меѓутоа, структурата реши, на итар начин, да не ја даде понатамошната поддршка, нели, со откажувањето на интердисциплинарните проекти…Мене ми се чини дека најдобар начин е кога ќе се направи одреден консензус за значењето и важноста на независната култура, и во таа смисла законите и поволностите ќе се тераат во соработка меѓу сите власти и тоа е механизмот на интерпарламентарни групи“, заклучи тој.
На јавната дебата, која се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, говореа и Мања Величковска и Искра Гешоска, а модератор беше Тијана Спасовска. Овој настан беше дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.
—









