Во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА со Петрит Сарачини, гостин е Зоран Бојаровски, главен уредник на порталот „Рацин“, истакнат новинар со повеќедецениско искуство и еден од пионерите во онлајн новинарството во земјава. Во разговорот, тие се осврнаа на одлуката на 50-тина портали и 5-те национални телевизии да ги повлечат нивните содржини од агрегаторите на вести заради заштита на авторските права, по добиените предлог-договори од агрегаторите за преземање содржини без надомест.
Бојаровски објаснува дека измените на Законот за авторски права со кои се прифати дека новинарскиот труд е авторско дело, создадоа ситуација во која мора да се уредат односите со оние што ги преземаат новинарските содржини, како што се агрегаторите на вести. Но, во оваа ситуација, агрегаторите без претходно да се консултираат со порталите, испратиле до нив договори во кои на ниту еден начин не биле испочитувани правата и она што го заслужуваат новинарските производи како авторски трудови.
„…Првиот чекор го направија токму агрегаторите, кога сфатија дека веќе понатаму нема да можат така едноставно да ги преземаат медиумските содржини и дека мора да ги уредат односите со редакциите. И они први го направија чекорот и испратија предлог, испратија договори, врз основа на кои, ние, доколку ќе ги потпишеме, тие агрегатори ќе продолжат да ги преземаат содржините… И тогаш ние се соочивме со ситуација во која сфативме дека тоа што нѝ беше понудено како договор за преземање на авторски содржини на ниту еден начин не ги штити авторските права на новинарите. Едноставно беше, добивме понуда во која тие бараат да им ги отстапиме целосно авторските права без никаков надомест и – ова е сеа најголемиот парадокс – вклучувајќи ги и оние содржини, како фотографии или видеа, за кои медиумите имаат авторски права со втори лица за да ги користат. Сега агрегаторите бараат дури и тие права да им ги префрлиме на нив, што е што е правно невозможно“, посочи Бојаровски.
Тој нагласи дека реакцијата на порталите не тргнала првенствено од финансискиот надомест, туку дека нивна намера е да ги уредат авторските права и релациите со агрегаторите што ги преземаат вестите. Како што укажа Бојаровски, парадоксално е агрегаторите на вести да генерираат најголеми приходи како онлајн платформи од содржини кои не се нивни и кои само ги преземаат.
Погледајте и слушнете повеќе за оваа тема во првиот дел од разговорот со Зоран Бојаровски во видео шорткастот „Што има ново?”.








