Во вториот дел од разговорот со Петрит Сарачини во шорткастот на ИМА „Што има ново?”, Зоран Бојаровски, главен уредник на порталот „Рацин“, се осврнува на последиците од дезинформациите и онлајн измамите како и обврските на медиумите во борбата против овие информациски закани. Тој смета дека онлајн-медиумите мора да обрнат повеќе внимание на проверувањето на информациите што ги објавуваат и да бидат превентивен филтер за дезинформациите кои се пласираат во јавноста.
„Тоа во одредена смисла требаше да биде…и треба да биде и понатаму обврска на секој онлајн портал, да внимава кога презема содржини и кога ги пренесува…да испита, да истражи, да ги искористи сите можности, дали пренесува дезинформација или информација…Користејќи го искуството на новинарите, на уредниците, користејќи ги укажувањата, користејќи ги сите аспекти кои постојано сите овие години наназад ги зборуваме, за тоа какви штети може да направат дезинформациите во јавноста, кога без контрола, без филтер, без внимание се пренесуваат информации, кои потоа наеднаш сфаќаме дека предизвикале штета. Наместо да сфатиме отпосле, многу важно е превентивно да се делува и да се препознаваат тие информации пред да се пренесат преку нашите медиуми до публиката“, вели Бојаровски.
Осврнувајќи се на неодамнешната онлајн измама, кадешто Фејсбук профилот „Библиска Македонија“ им нудел молитва во тегла на семејствата на настраданите во трагичниот пожар во Кочани, Бојаровски повторно ја посочува обврската на медиумите да ги откријат и посочат ваквите измами, како и важноста на медиумското описменување на граѓаните за поголема отпорност кон овие измами.
„Во такви ситуации мора да прифатиме дека се подложни граѓаните, во потрагата по надеж, во потрагата по утеха, во потрагата по нешто што барем малку ќе им ги ублажи раните и последиците од една таква ситуација. Таа ситуација, ете, за жал, ја користат вакви…трговци со очај, кои ги злоупотребуваат овие ситуации за да продадат нешто што се нарекува, замислете, ‘молитва во тегла’. И, сега, во една таква ситуација…одговорноста на медиумите е да откријат, да укажат на тоа и да покажат со прст колку е тоа опасно за тие граѓани, колку е тоа злоупотреба на таа трагедија, на тој очај во кој се наоѓаат и на ситуација на безнадежност. И, во потрага на утеха со која се соочуваат тие граѓани, медиумите се должни да им кажат дека тоа е погрешно…Друг аспект е она што со години што го зборуваме, медиумската писменост и медиумската квалификуваност на граѓаните. Кога ќе видат некаква таква ситуација, таков напис, таков текст, да прифатат, да сфатат, да знаат дека тоа е некаква манипулација. Дека едноставно не може да биде од никаква ефикасност некаква молитва во тегла…“, објаснува Бојаровски.
Тој смета дека војната со дезинформациите нема никогаш да престане, а онлајн медиумите мора да се ослободат од потребата да пренесуваат клик-бејт содржини и да застанат цврсто во борбата против дезинформациите.
„Едноставно, треба да се ослободат од потребата да бидат атрактивни и да го привлекуваат вниманието, пренесувајќи ги тие содржини, знаејќи дека тие се погодни за кликови, погодни за читање. Тоа е најголемата стапица и опасност од која треба да се ослободат, затоа што на тој начин ги пренесуваат дезинформациите… Таа војна меѓу застапниците на дезинформациите, на информациите од ризик и од другата страна овие кои се борат против тој табор, таа никогаш нема да престане, бидејќи овие првите нема да престанат. Војувањето со дезинформациите е такво, им покажа на тие кои го прават тоа дека можат да донесат одредени придобивки за нив, и заради тоа тие никогаш нема да престанат. Затоа од другата страна, оние кои треба да се спротивстават на нив, исто така никогаш не треба да престанат…Нема да дочекаме ден кога ќе има примирје, kога ќе има ‘преговори за мир’ и дека ќе се согласиме дека повеќе нема да има дезинформации…Наместо тоа треба постојано и општеството, сите фрагменти во општеството кои се должни да учествуваат во таа битка, да ги запрат дезинформациите, да ги дебанкирааат дезинформациските закани, да ги описменуваат граѓаните во медиумската квалификација…“, заклучи Бојаровски.
Погледајте и слушнете го и вториот дел од разговорот со Зоран Бојаровски во видео шорткастот на ИМА „Што има ново?”.








