На јавната дебата „Кој се плаши од културите на Другите?“, Алмира Папиќ, наставничка, публицистка и уредничка, позната по својата посветеност на афирмацијата на босанскиот јазик и културата на Бошњаците во Северна Македонија, се осврна на состојбите со негувањето на културата и јазиците на помалкубројните заедници во земјата.
Според Папиќ, бошњачката заедница, но и сите останати заедници во земјата живеат во културен мрак, каде што културата се сведува на фолклор и одбележување на некои важни датуми, додека не се вложува доволно во основни потреби, како на пример преводи на наставните материјали.
„Можам да кажам дека културата се сведе на фолклор, а исто така и одбележување на некои битни датуми. Тоа не само се однесува за бошњачката заедница, туку се однесува и за сите останати заедници во Републикава… Воопшто, можам да кажам дека ние живееме во еден културен мрак, каде што немаме доволен број на литературни изданија. Без разлика, ние имаме настава на босански јазик, настава на турски јазик, но во училиштата нема доволен број на или преведени лектирни изданија на книгите или пак некои други додатни материјали. Така што, можам слободно да речам дека и државата воопшто не вложува во тие капацитети“, истакна Папиќ.
Дополнително, од аспект на квалитетот, Папиќ цени дека навистина не е важно само да се донесат законски регулативи туку и како се спроведуваат во пракса, бидејќи не може да се нуди некому законски да го изучува мајчиниот јазик, а тоа да се прави со наставници кои не го познаваат јазикот.
„Ако гледаме од аспектот на квалитет, кој сè предава и коишто им е дадена можност да предаваат на тие јазици или на тие култури коишто веќе се ставени во учебниците, навистина можеме да кажеме дека е тоа кривично дело…И од тој аспект, навистина не е битно само да се донесат тие законски регулативи, него како ќе бидат спроведени во пракса…Замислете, вие доаѓате во училиште каде што наставата е на босански јазик, а наставникот по историја делумно одговара на македонски јазик, делумно одговара на босански јазик. И, сега, детево всушност не ги знае ни двата јазика, а камоли каде е во средно образование да одиме, каде е на факултет и да градиме нешто. И, зошто децава сега, наши деца, всушност сакаат да учат на англиски јазик. Всушност зборуваат и комуницираат на англиски јазик. И од овој аспект можам да кажам дека ние треба навистина да учиме од деца. Дека треба да седнеме и да размислиме каде одиме, бидејќи сме се затвориле како во конзерва“, заклучува Папиќ.
На јавната дебата, која се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, говореа и Суад Скендери и Џабир Доко, а модератор беше Амона Земон. Овој настан е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.
Мила Стаменова Бурнс
—









