Доко: Живееме во монохроматски микро-свет кој наликува на битова драма

 

На јавната дебата „Кој се плаши од културите на Другите?“, Џабир Доко, театарски режисер со долгогодишно искуство во активизам за човекови права, демократија и културна разновидност, се осврна на актуелната состојба на културата на помалкубројните заедници во државата.

Според Доко, кој длабоко верува во моќта на уметноста и колективниот активизам како алатки за социјална промена, проблем е што просторот за изразување се повеќе се стеснува, особено за помалкубројните заедници.

„Навистина, во нашата земја сè помалку помалкубројните заедници имаат можност да си ги искажат своите ставови. Особено мејнстрим медиумите многу ретко даваат простор за овие теми, а сепак станува збор за една популација – скоро 10% од нашето општество. И, секако, имаме што да кажеме, имаме што да понудиме и, секако, овие прашања, овие проблеми се важни за целата наша земја, не само за помалкубројните заедници“, истакна тој.

Користејќи театарски жаргон, Доко го опишува нашето општество како еден микро-свет кој наликува на битова драма во која помалкубројните заедници се чувствуваат запоставено.

„Во овој микро-свет, на некој начин, поголемиот дел од населението живее во еден монохроматски свет. Сите поделби се прават меѓу мои, твои, наши, ваши. Секогаш бараме некаков си измислен противник кој доаѓа од надвор, нешто да нѝ наметне, да го освои тоа што е наше…А притоа, со живеење на еден ваков начин, со еден ваков монохроматски визир, ние сме оскудени да ги видиме сите бои кои ги нуди нашето општество, како мултикултурно, мултинационално општество. И веројатно ова се однесува и до политичките елити во нашата земја, бидејќи и тие, на некој начин, ја подржуваат оваа монохроматска визија. И, секако, во вакви услови помалкубројните заедници се чувствуваат загрозени, понижени, заборавени и слично. А тоа директно се гледа и во односот на институциите кон развојот и заштитата на културата на помалубројните заедници“, заклучи Доко.

На дебатата, која се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, говореа и Суад Скендери и Алмира Папиќ, а модератор беше Амона Земон. Настанот е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.

Мила Стаменова Бурнс

—