Скендери: Мораме прво да се отвориме сами себе за да ги спознаеме другите, а потоа таа приказна знае да заврши фантастично

 

На јавната дебата „Кој се плаши од културите на Другите?“, Суад Скендери, активист за човекови права и еден од основачите на „Ромалитико“ и менаџер на програмата за политика, говореше за другоста како социјален феномен и состојбите со почитување и негување на различностите во нашата земја.

На прашањето кој се плаши од Другите, Скендери конкретно одговори дека тоа се расистите и се осврна на другоста како социјален феномен.

„Краткиот одговор е – расистите. А долгиот одговор е – сите оние коишто не знаат дека се, а всушност се. Она нешто малку што ве тера да мислите дека ако е потемен тен, ако е друга религија, ако е друга декларација, етнитет или различно мислење, се смета за погрешно, се смета за неприфатливо, се смета за нешто што не одговара во денешно време…Тие се луѓето коишто се против Другите. Другоста постои како термин, но како социјален феномен постои верувам од многу одамна. Другоста е нешто што посебно постои кај другите…Затоа што кога сте од другата страна, кога сте во малцинство по било кој основ, тоа можете да го почувствувате на своја кожа и тогаш разбирате што значи другоста. Сè она што е во мнозинство, не може да знае – затоа што во прашање е чувство, искуства, за некого живот, итн.“,  истакна тој.

Зборувајќи за личното искуство, Скендери објасни како тој се соочува со етикетите кои ја сметаат другоста како нешто што не треба да постои.

„Јас цел мој живот некако бев друг по секаков основ. И по образование, затоа што благодарение на стипендии од Џорџ Сорос, учев во Јахја Кемал колеџот, поради серија други, како да речам, етикети, бев друг во мнозинските кругови. Тие етикети помагаат кај луѓето што имаат такви размислувања, да се смета дека тоа е погрешно, тоа треба да го нема…другоста не треба да постои. Сите треба да бидеме едно, една боја, едно е сè…35 години јас сум многу среќен што сум друг, затоа што тоа ми даде посебна, супер – моќ би рекол, за да ги спознавам таквите ситуации, да сфатам што значи да бидеш друг во очите на мнозинството. И целиот живот, да речам, упорно пробувам на наједноставен начин тоа да го објаснам на останатите, дека тоа не е ништо погрешно, не е ништо страшно, тоа не е нешто што треба да се пазиме“, рече Скендери.

Осврнувајќи се конкретно на негувањето на културата на Ромите во земјата, тој посочи дека не само што не постои настава на ромски јазик, туку и дека антициганизмот е присутен во учебниците во основно образование.

„Јас сега баш, по некоја случајност, спроведувам една анализа за антициганизам и постоењето на антициганизмот во основно образование. И она што приметив е дека тоа постои во учебниците. И тоа што навистина е страшно во денешницата е што децата тоа го учат. Значи, сè уште постои, не знам, ајде да не покажувам со прст, ама рандом-четиво, некое си четиво во четврто одделение, каде што Енис, Ром, чука на тапан, па тој не знаел како правилно треба да се чука, па тој не знае, па не знам – Оле го научила како треба тоа. Тоа се нешта кои што ја опишуваат другоста“, укажа Скендери.

На крајот, тој констатираше дека е потребна социјализација, односно дружење за да се срушат бариерите и стереотипите и сите да го почувствуваме бенефитот од различностите на нашите култури.

„Како понатаму? Сметам дека треба да има дружење. Она буквално дружење, затоа што без дружење не можеш да го спознаеш ниту комшијата, ниту пријателот на твојот братучед, ниту маалските другари, ниту истомислениците за фудбал, а не за политика итн. Јас пораснав во такво маало…Јас…, ние пробуваме тие бариери да ги рушиме на едукативен, на некој па дури и забавен начин. Да ги рушиме стереотипите коишто постојат, предрасудите кои што постојат. Да ги рушиме тие наративи кои што се против нас… Мораме прво да се отвориме сами себе за да ги спознаеме другите, а потоа таа приказна знае да заврши фантастично“, заклучи Скендери.

На јавната дебата, која се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, говореа и Џабир Доко и Алмира Папиќ, а модератор беше Амона Земон. Овој настан беше дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.

Мила Стаменова Бурнс

—